На 5 мај, албанските власти отстранија 35 сообраќајни знаци на грчки и албански јазик, поставени на југот на државата, со што предизвикаа контроверзии поврзани со националниот суверенитет и грчкото малцинство во Албанија.
Албанската агенција за патишта (АПА) излезе со изјава дека овие сообраќајни знаци не ги задоволувале стандардите за безбедност ниту пак ги почитувале соодветните законски одредби за регулирање на редоследот, големината и фонтот со кој албанскиот и јазиците на малцинствата би требало да бидат прикажани. Сообраќајните знаци на кои се повикуваат ги прво прикажуваат називите на грчки јазик, со жолта боја, а потоа на албански.
Во Албанија живее грчко малцинство кое сочинува 0.9 проценти од населението кое брои 2,94 милиони. Најголемиот дел од малцинството населува област од 5,000 квадратни километри на југот во близина на границата со Грција. Грчкиот е официјален јазик во општините каде оваа етничка заедница надминува 20 проценти така што сообраќајни знаци на двата јазика не се нешто невообичаено.
Сепак, овојпат, на многумина им пречеа двојазичните табли. Корисник на „Твитер“ од Албанија напиша:
Ndërsa politika Shqiptare e përçare dhe e korruptuar po destabilizon vendin, Shovinistët Grekë vazhdojnë planin e asimilimit të Jugut. Skandali me tabelat në gjuhën Greke… https://t.co/A3c12IQMJQ
— Everest Haxhi (@everesthaxhi) May 3, 2019
Со поделените и корумпирани албански политики кои ја дестабилизираат земјата, грчките шовинисти продолжуваат со нивниот план да го асимилираат југот (на Албанија). Вистински скандал со сообраќајните знаци на грчки јазик.
Реакции пристигнаа и од другата страна на границата:
@GreeceMFA @HellenicLeaders @Zemenides @HellenicCouncil @TheAHlinDC @mignatiou @OrderOfAHEPA @Greek_Genocide Albania must stop the multiple illegal acts against the Greek minority. With such actions they will never enter the European Union. https://t.co/tReMUDCQO4
— Κυναίγειρος (@kynegeiros) May 6, 2019
Албанија мора да престане со нелегалните постапки против грчкото малцинство. Со вакви постапки никогаш нема да влезат во Европската Унија
Албанскиот премиер Еди Рама ја поддржа изјавата на АПА за сообраќајните знаци, односно, нивното неисполнување на безбедносните стандарди. Тој додаде дека постапката не е насочена кон грчката заедница и ги критикуваше националистичките реторики покренати околу ова прашање.
I would like to say to all of those who play the ultra-nationalist, raising the alarm about road signs written in Greek in an area where the Greek minority lives, that we’re a European country and, when we talk about Europe, we talk about this too.
Би сакал да им пренесам на сите оние кои играат на ултра-националистичката карта, кревајќи паники за сообраќајни знаци напишани на грчки во област каде што живее грчко малцинство, дека ние сме европска држава, и кога зборуваме за Европа, зборуваме и за ова.
Во Грција, министерот за надворешни работи Џорџ Катроугалос исто така смета дека прашањето е повеќе техничко отколку политичко. Во радио интервју на 6 мај, тој изјави:
Είμαστε σε επικοινωνία, μέσω της εκεί Πρεσβείας μας, για να δούμε τι γίνεται. Έχουν προβάλλει ορισμένους ισχυρισμούς ότι οι δίγλωσσες πινακίδες στην Αλβανία πρέπει να έχουν πρώτα την αλβανική γλώσσα, μετά την ελληνική, ορισμένα θέματα αρμοδιότητας. Εμείς προφανώς έχουμε προειδοποιήσει ότι οποιαδήποτε κίνηση, η οποία θα φανεί ότι είναι εναντίον των συμφερόντων της μειονότητάς μας, θα αντιμετωπιστεί με τον τρόπο που προβλέπει το διεθνές Δίκαιο.
Преку нашата амбасада сме во контакт, да следиме што се случува. Тие велат дека двојазичните табли во Албанија мора прво да го имаат називот на албански а потоа на грчки јазик. Очигледно, ние предупредивме дека кој било потег кој се чини дека е против интересите на нашето малцинство ќе се разреши согласно меѓународните закони.
Во интервју за Независната агенција за вести од Балканот, поранешниот ректор на универзитетот од Тирана и декан на факултетот за албански јазик, Шезаи Рокај, изјави дека албанскиот јазик треба да биде прв а грчкиот втор. Тој вели: „Јазиците на малцинствата треба да се користат локално и тие не може да служат како примарен јазик.“
На 7 мај АПА започна со поставување нови сообраќајни знаци во областа, овојпат албанскиот јазик беше напишан прв.
Веста патуваше брзо – овој корисник на „Твитер“ ја истата со неговите грчки соговорници истиот ден:
Albania to reinstate bilingual Greek/Albanian roadsigns in the Finiq/Φοινίκη areahttps://t.co/DILnv3Fa1n
— Alex Rawlings (@alex__rawlings) May 7, 2019
Албанија повторно ќе поставува двојазични грчко/албански сообраќајни знаци во областа Финиќ.
Албанско-грчките односи
Албанија и Грција имаат договор за пријателство и околу 600,000 Албанци емигрирале во Грција во последниве три децении. Сепак, двете влади се соочуваат со тешкотии околу неколку прашања – како што се правата на Албанците изгонети од грчките националисти на крајот на Втората светска војна (или попознато како прашањето за Чамите) или правата на грчкото малцинство кои живее во Албанија.
Во 2016 Албанија се согласи и ѝ дозволи на Грција да изгради гробишта на албанска територија наменети за грчките војници кои загинале во таа земја за време на Втората светска војна. Исто така беше одобрен и закон со кој грчкиот јазик стана втор официјален јазик во некои албански општини.
Во меѓувреме, Грција одбива да го признае прашањето за Чамите. Преговорите за водните граници исто така се во застој.
Јазични војни на Балканот
Јазичните политики не се невообичаени на Балканот, особено кога тековни настани откриваат болни сеќавања од минатото.
Во јануари 2018 Собранието на Северна Македонија го прошири користењето на албанскиот јазик на целата територија за време на вирулентни протести од страна на десничарската партија која ја имаше претходната власт – ВМРО-ДПМНЕ, кои настапуваа со слогани како „не на двојазичноста“ и „ова е нашата црвена линија“. Одредбата од 2018 е проширување на закон донесен во 2008, чија пак основа е во Охридскиот договор, мировниот договор кој означи крај на вооружениот конфликт од 2001, кој дозволи официјална употреба на албанскиот и други јазици кои ги говораат повеќе од 20 проценти од локалното население на ниво на општина.
Спорадични дела на вандализам инспирирани од национализам сè уште се случуваат, како што е прикажаниот на фотографијата погоре, на која се гледа патоказ во центарот на главниот град Скопје, каде зборовите на албански јазик се префарбани со спреј.