Ромите во Македонија – во или надвор од кругот?

Ромите во Република Македонија (РМ) имаат учество во политиката и се претставени со член на парламентот, градоначалник и министер во Владата. Воведена е институционална заштита на нивните човекови и етнички права, а медиумите не користат навредливи етнички термини. Од друга страна, повеќето Роми страдаат и од сиромаштија и од негативно стеротипизирање врз основа на боја на кожа и продолжување на традиционалните предрасуди од страна на нивните сограѓани.

Street scene from Šutka.

Контрасти во Шуто Оризари, ромското предградие на Скопје. Фото: Костас Калергис, објавено со дозвола на авторот.

Срки, еден млад Ром од Скопје, напиша на неговиот блог Мое и твое мислење:

Република Македонија во моментов ужива посебен углед како држава со посебен третман на Ромите во споредба со други држави во Централна и Источна Европа. Многу истражувачи активисти за човекови права кои што делуваат во Македонија или пак истражувале во Македонија, сметаат дека тука Ромите не се изложени на отворен расизам и расистичко насилство, отворена дискриминација итн. како во останатиот дел на  Европа.

Македонија е мултиетничка земја во која живеат повеќе национални групи меѓу кои: Македонци, Албанци, Турци,  Срби, Бошњаци, Роми и Власи. Според Уставот на РМ и законите, сите ентитети од малцинските групи  им пружаат заштита на културни, јазични и религиски права. Кон овој Устав им се признава и правото на школување на мајчиниот јазик .

Во Македонија Ромите се застапени со 53979 жители  според  пописот од 2002 година, според неофицијални  податоци на  спроведени анкети од ромски НВО, Роми има околу  132.000 жители.* Ромите се најсиромашните ентитети од малцинските групи во РМ. Ги има во секој град на Република Македонија, но населени на  периферијата на градовите, кои претставуваат гета бидејки само Ромите се жители кои живеат во лоши услови на неквалитетно домување. И покрај големите напори и сериозни обиди од страна на Владата и актуелната Декада на Ромите (анг.), Ромите сè уште се на најниската социјална стапка, со најголем процент на неписмени луѓе и најмал процент на вработени. Најголемиот број Роми живеат во многу лоши станбени услови, дивоградби и супстандарни живеалишта без основни инфраструктурни услови: не се законски приклучени на водоводната и канализациона мрежа, немаат пристапен пат и друго. Лошите услови ја влошуваат и онака нивната лоша економска состојба, заедно со дискриминацијата и маргинализацијата се главните причини кој го ограничува пристапот на Ромите во образовниот процес. Ова се и причините за нискиот пристап на Ромите до социјалните и здравствените услуги. Ваквите состојби треба да ги упатуваат челните луѓе во подолгорочна акција и приоритетни мерки за помош на Ромите.

Гледиштето дека Ромите уживаат релативно подобар третман во Македонија отколку на други места на Балканот или Европа според многумина е прифатливо.

Се поставуваат прашањата:

- Што е тоа „релативно подобар третман“?

- Дали Универзалната декларација за човековите права третира термини, како, „релативно признати права“, „релативно уживање на некое право“ и сл.?

Во разговори со не-Роми, мои познаници, колеги, соработници  и интелектуалци, најчесто ми одговараат.. „Што ви фали, сè си имате, си свирите, играте, весел народ сте, ве бива за песна и музика… уживајте не се буткајте сегде каде што не ви е место“…

Покрај сите истражувања како Ромите живеат интегрирани во Македонија, како тие се вклучени во општествените кругови…јас и понатаму се гушам, од предрасудните погледи кога ќе излезам на улица, од стереотипноста на јавните фази, политички фигури и обични граѓани, од нивните чудни погледи и однесувања кога сум седнат во кафе бар, во ресторан, кога сум излезен во кафана или кога сум во дискотека.

Постоеле од секогаш „маѓичните кругови“ на дискриминација и ќе постојат…

Во изминатиот период НВО-а имаат реагирано на случаи на дискриминација, како недозволување ромски деца да користат јавни базени или полициска бруталност кон осомничени Роми, кои најчесто остануваат без официјална завршница. За прашањето на дискриминација од време на време пишуваат и етнички македонски блогери. На пример, во 2009 година Би напиша за според неа „срамниот“ протест против градење на центар за згрижување деца од улица во градинка во Битола. Во 2010  г. Глобал војсис извести (на англиски) за инцидентот со употреба на прекумерна полициска сила во скопското предградие Шуто Оризари (познато како Шутка) кое е претежно населено со Роми.

An alley in Šuto Orizari.

Уличка во побогатиот дел на Шуто Оризари. Фото: Филип Стојановски, објавено под лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-некомерцијално.

* Разликата меѓу резултатите од пописот и „вистинските“ проценети бројки може да доаѓа од случаи на луѓе кои го прифаќаат идентитетот на поголема, помоќна етничка група, наводно со надеж дека тоа ќе им обезбеди материјални или други придобивки. Вакви контроверзи за „вистинскиот“ идентитет на делови од населението се јавуваат во различни комбинации: Роми „претворени“ во Турци или Албанци, Македонци-муслимани или Албанци „претворени“ во Турци, Македонци-христијани „претворени“ во Бугари… Од друга страна, претставниците на малубројната Египќанска заедница одбиваат било каква поврзаност со помногубројните Роми. Одговорот на државата за вакви прашања е дека сите граѓани имаат право на самоопределување во однос на етничкиот идентитет и дека никој не смее да им го попречува изборот.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.