Либан: Сведоштво од прва рака

Лејла Межер

Либанскиот новинар и блогер Лејла Межер беше еден од неколкуте Либански блогери кои работеа деноноќно за да го информираат светот за кризата која ја тресеше нивната земја кога различни фракции се судрија во Бејрут. Глобал војсис онлајн направи интервју со Межер, која работи со Њуз Лаб.

Која е Лејла Межер? Професија? Искуство? Интереси? Стравувања? Надежи?

Јас сум либански новинар во Лориан л Жур, Либански дневен весник на француски јазик. Всушност тоа е единствениот француски дневен весник во Либан. Студирав право и специјализирав на интернет право, а потоа политички науки. Бев на правни студии во Либан и се преселив во Париз за студиите по интернет право (Парис I – Сорбона) и политички науки (Парис 2 – Асас).

По многубројните стажирања во Париз меѓу 2003 и 2006 (во правната служба на Министерството за економија, во агенцијата за е-Власт блиска до канцеларијата на премиерот и стажирање во адвокатската компанија Клифорд Ченс), Не најдов работа таму, па аплицирав за стажант во Лориан л Жур. Започнав во јули 2006, неколку дена пред војната меѓу Хезболах и Израел. Го добив работното место во август, 2006 г.

Она од што во моментот најмногу се плашам е недостигот на слобода. Како што Хезболах се наметнува сè повеќе и повеќе, се плашам дека слободата на печатот ќе се намали драматично, како и слободата на жените. Навистина се надевам дека жените ќе дојдат до степен кога ќе учат од сопствените грешки и барем одвреме-навреме ќе престанат да ги повторуваат. Ниедна верска заедница не може да ја надвладее другата – Либан е земја на разноликост. На лично ниво, се надевам дека ќе можам да еволуирам во својата кариера и дека еден ден ќе се гордеам со мојата земја, и дека ќе исчезне тоа чувство дека владата никогаш не се грижи за своите граѓани.

Што е Њуз Лаб?

Њуз Лаб беше заедничка иницијатива на фондацијата Ана Линд и Канал Френс Интернешнл. Тоа ми го кажа главниот и одговорен уредник Нагиб Аун. Всушност, десетдневна средба во Александрија за креирање блогови. Кога се запознавме, 20 различни жени од 10 различни земји, не ни одеше баш лесно. Но денес можам да кажам дека успеавме и знаеме за што служат блоговите. Тие ни овозможуваат да останеме слободни, особено во Арапскиот свет. Во Либан, ја имаме слободата да кажеме или напишеме што сакаме, за разлика од блогерите во Египет или Сирија. Така што, според мене овој блог мораше да биде прв и најважен за арапските жени. Но, не сите од нив пишуваат. Некои сосема го напуштија блогирањето.

Каков придонес имаа Либанските блогери со пренесувањето на стравувањата на граѓаните за време на тековната криза?

Во Либан, блогерите ни даваат независна гледна точка на ситуацијата бидејќи секоја политичка партија тука има свои медиуми. Освен Лориан л Жур, нема ниту еден друг независен весник или телевизија. Блоговите најпрвин се сметаа за закана за весниците. Денес, тие се надополнуваат едни со други, а блоговите станаа извори на информации на кои можете да им верувате.

На кој начин либанските медиуми се справија со покривањето на тековната криза и колку се разликуваше тоа покривање на настаните од она што граѓаните-новинари го напишаа на нивните блогови?

Чудно, но овој пат не беа сите медиуми пристрасни додека известуваа за овие настани. Новинарите во многу случаи навистина беа гласот на народот. Насекаде владееше еден ист впечаток на разочарување и тага. Голем број на новинари успеаја да ги изразат чувствата на народот, за разлика од претходно. Можеби стравот од нова граѓанска војна беше виновникот за ваквата реакција на новинарите.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.