- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

САД: Недела на историјата на конопот – спасувајќи го растението и планетата

Категории: Северна Америка, САД, Граѓански медиуми, Економија и бизнис, Животна средина, Историја, Медиуми и новинарство, Храна

Надворешен изглед на разните видови на канабис. Само C. sativa (лево) е погодна за индрустриско одгледување, но исто така и медицински одлики.

Во време на тешки економски прилики, зошто некој би го забранил индустриското одгледување на едно мошне рентабилно и корисно растение на кое не му се потребни речиси воопшто пестициди, може да се употребува за производство на текстил, храна, сточна храна и може да користи како замена за петролеј, памук и целулозна маса?

Но кога се работи за растението наречено „коноп [1]” (од родот Канабис индика) причината е што во САД растението е нелегално и поврзано со политиката. Некои видови на ова растение можат да се употребат за производство на марихуанa [2], блага, но во најголем број случаи нелегална дрога од која повеќето политичари по секоја цена се држат настрана.

Неделата на историјата на конопот [3] која се одржува годинава од 17 до 23-ти мај е настан организиран од Асоцијација за индустриско производство на коноп [4] и Гласајте за конопот [5], за да ги истакне многубројните предности од легализирањето на производството во САД. Одгледувањето на коноп е легално во многу земји и пред тоа беше легално и во САД.

Иницијативата максимално ги користи предностите на онлајн алатките и социјалните медиуми за да ги отстрани бариерите за индустриско одгледување на конопот во САД преку образување, законодавство и посредување. Сѐ до денес, само 16 држави ги усвоија законите за одгледување на коноп. Неделата на историјата на коноп бара од поборниците да потпишат и да испратат картички до претседателот Обама во кои бараат од него и од државниот обвинител Холдер да ја изменат сојузната политичка стратегија. Поборниците и приврзаниците планираат да одржат и речиси 200 локални настани низ целата земја [6].

Ова видео од нивниот ЈуТјуб канал [7] вклучува интервјуа со познати личности (како на пр. д-р. Ендрју Веил) кој дава цврсти образложенија за постоењето на еден растечки пазар на индустриски продукти од коноп:

Еве една слика од многуте кои се поставени за наградата „Ти + Историскиот сајт”: [8]

Hemptress женски чанти: Ден на земјата 2010. Поставена од Арлин Нилсон

На Фејсбук, страницата на Неделата на историјата на конопот [9] има веќе преку 1000 обожаватели, а на околу 6500 луѓе „им се допаѓа“ страницата за гласање Гласајте за конопот [10]. Освен мноштво на коментари и предлози, луѓето разменуваат и корисни совети, како на пример:

Ви треба ручек? Од 10 часот наутро до 14 часот попладне навратете и пробајте храна од коноп во продавницата Њу Сизонс во трговскиот центар Оренко по повод Неделата на историјата на конопот.

Многу граѓани блогираат и твитаат [11] за настанот и исто така споделуваат факти за локалната историја на конопот. Блогот Outta the way наведува [12]:

Во Пенсилванија, особено во земјоделските општини Јорк и Ланкастер, одгледувањето на конопот беше професија со огромни размери. Заради близината до реката Саскеханa овие два округа станаа епицентар на одгледување на коноп во Пенсилванија. Во секој округ во Ланкастер се одгледуваше коноп, особено во округот Хемпфилд. Во периодот меѓу 1720 и 1870 година, во општината Ланкастер постоеја повеќе од 100 млинови кои обработуваа влакна од коноп правејќи платна. Платната беа употребувани за да се покријат запрежните коли наречени Конестога, кои беа изработувани во гратчето Конестога (името го добија според истоимената долина во близината на Ланкастер, Пенсилванија).

Доколку не сте слушнале [13], согласно со Неделата на историјата на конопот, “Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Џон Адамс, Хенри Форд и многу други значајни Американци, активно учествуваа и јавно се завземаа за комерцијалната употреба на конопот“, а Томас Џеферсон, во својот летен имот во Монтичело, дури и го одгледуваше растението. И доколку сета врева што се крева околу конопот не е доволна да ве убеди за стотиците еколошки начини [14] на кои може да се употреби конопот, на Интернет постојат многу други извори и сугестии како можете да се активирате и да го поддржите одгледувањето на конопот низ целиот свет.