Неколку земји во Југоисточна Азија потврдија дека тестовите направени на неколку граѓани за грипот А (H1N1) излегоа позитивни. Регионот не е повеќе место каде што нема свински грип.
По вестите за случајот на свински грип во Малезија, Нураина А. Самад се плаши од најлошото:
Знаеме дека има патници од двата лета кои не се пријавиле кај здравствените инспектори. И ако имаат свински грип, ќе го пренесат на сите луѓе со кои биле во контакт, а тие пак ќе го пренесат на трети итн. Страшно, нели?
Ама…ете..пред две недели свинскиот грип..т.е..грипот А или вирусот H1N1 беше онаму во Мексико.Пред да кажеш ла Кукурача, стигна во САД, Канада…а сега е овде.
Отман бин Хј. Ахмад смета дека сега е премногу доцна за Малезија да го запре вирусот:
По неуспехот да се стават во карантин сите патници или луѓе кои биле во контакт со потврдени случаи на свински грип и по одложувањето на правењето тестови за да се види дали лицето има свински грип, премногу е доцна за да се зборува за запирање на свинскиот грип.
Видете, многу случаи на свински грип не можат да се откријат со овие тестови и многу случаи сега изгледаат како нормален грип, со исклучок на оние кои се отпорни на Тамифлу, за разлика од нормалниот грип во САД.
Нормалниот грип во Малезија може да има различни симптоми.
Аекмал Онетале смета дека Сингапур мора да биде многу внимателен поради случајот на свински грип во Малезија:
Сингапур го намали нивото за претпазливост од свински грип и тоа од портокалово на жолто. Но, Малезија објави прв случај на свински грип вчера попладне. Сè уште не е време за опуштање. Одржувајте ја вашата лична хигиена.
Тајланд исто така потврди случај на свински грип во земјата. Повеќе од дваесет луѓе со симптоми на свински грип се под надзор. На сајтот Not the nation е прикажан сатиричен натпис за присуство на свинско-птичји грип во Тајланд.
Мерката на претпазливост беше преземена врз основа на шпекулацијата дека свиња со свински грип која е во контакт со пиле кое има птичји грип може да доведе до нов грип, кој тој го нарекува свинско-птичпји грип.
Камбоџа сега стана претпазлива по потврдувањето на првиотслучај на свински грипво Тајланд. Неодамна, Камбоџа го набљудуваше здравјето на тројца Американци со потекло од Камбоџа, на кои им беа направени тестови за свински грип и тие излегоа позитивни. Во меѓувреме, едно лице од Виетнам кое патуваше со авион беше ставен под карантин во Јужна Кореа, откако покажа симптоми на смртоносниот вирус.
Блогот: Поради недостаток на подобар наслов нè потсетува дека има полоши болести од свинскиот грип:
Ако сте загрижени за H1N1, немојте повеќе да се грижете. Има пет пострашни болести кои се позаразни и кај кои поголема е шансата од умирање. Помислете на заразна тропска треска, ебола, СИДА, колера и ‘рбетен менингитис. Колерата отсекогаш е присутна, а заразната тропска треска е меѓу нас. Јас би бил повеќе загрижен за нив.
Еве, Леонг Кит предупредува за јадењето во заедница во Сингапур. Со цел да се спречи ширењето на грипот А ( H1N1), тој го предлага следново:
- Одборот за промовирање на здравјето, треба да спроведе кампања: „Јадете на хигиенски начин“ (со користење на лажица за послужување) како дополнување на веќе започната кампања: „Јадете здрава храна“ (повеќе зеленчук и овошје) со цел да се едуцираат граѓаните на Синагпур.
– Државната агенција за животна средина треба да издаде наредба сите ресторани и препродавачи задолжително да обезбедат лажици за послужување.
Во Филипините досега има два случаи на свински грип. Како мерка против ширењето на свинскиот грип, Католичката црква размислува да го забрани држењето за рака за време на миса.
Бидејќи свинскиот грип продолжува застрашувачки да се шири, сè повеќе и повеќе луѓе стануваат параноични при помислата да јадат свинско месо. Ова објаснува зошто нагло се зголеми извозот на камбоџиското месо од стаорец за Виетнам.