Македонија: Уметноста на графити во „време на оживеана антика“

Краток документарец за македонската сцена за уметнички графити во контекст на уметничкиот и градителски бум спонзориран од државата, направен од две научнички и блогерки, Василка Димитровска и Илина Јакимовска, бил прикажан на реномираната археолошка конференција Бафало ТАГ 2012.

Документарецот насловен „Лавови, воини и графити-уметници: контракултура во време на оживеана антика“ (на англиски) ги поставува едни до други информациите за владините напори да наметнат нов, исполиран класицистички/барокен визуелен идентитет на центарот на главниот град на Македонија преку проектот Скопје 2014 (кој опфаќа и бронзени лавови), со интервјуа со луѓе кои цртаат уметнички графити.

Коавторката и археолог Димитровска, го напиша следното на нејзиниот блог, вметнувајќи оградување кое често се слуша од луѓе кои зборуваат во јавност во Македонија:

Овој документарец… го направивме со многу голема љубов да документираме дел од графитите кои исчезнале или исчезнуваат пред новите урбани концепти кои се спроведуваат во нашата држава, пред сè во Скопје. Проектот нема политичка димензија, ниту пак ние со Илина имавме намера тој да добие било каква политичка конотација. Овој мал проект за графитите во Македонија го завршивме со скромни финансии, а целта ни беше без било каква цензура или монтирање на изјави, да се слушне гласот и мислењето на графити-уметниците кои го обликувале или сè уште го обликуваат визуелниот дел од онаа субкултура која е казнива според законот на РМ, а сепак искористена (не злоупотребена) од истата таа гарнитура.

Во филмот, интервјуираните уметници исто така искажуваат потреба да се откажат од било каков интерес за политичкиот живот. Тие зборуваат за растргнатоста помеѓу заканата од казни ако бидат фатени при самоиницијативно „пишување“ (најмалку 50 евра) и продавањето на интегритетот од комерцијални причини или во рамки на проекти на локалната власт, која понекогаш регрутира графити-уметници за легално да украсат јавни градби. Тие исто така го споменуваат брзо растечкиот генерациски јаз во самата супкултура.

Другата коавторка, етнологот Јакимовска го напиша следното на нејзиниот блог во 2007 година, во пост кој ја споменува и  познатата сцена со графитите од филмот „Брајановото житие“ (Life of Brian):

Колку и да звучи неверојатно, и графитите се – фолклор! Без оглед дали се работи за цртеж или за порака искажана преку зборови, графитите, за оние кои ги исцртуваат и за оние кои ги читаат по ѕидовите на градот, се форма на изразување и комуникација. Ако имаш нешто неискажано, нешто што те боли и пече – напиши го на ѕидот, и тој тоа ќе го рече… „Жена не е жена ако не е жена“, „Фала богу што сум атеист“…

Во минатото, блогерите како Алекс или Џанго имаат пишувано за скопските графити. Уметниците од документарецот немаат присуство на јавниот дел од Интернет, а понекогаш објавуваат фотографии од нивните дела на Фејсбук.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.