Малдиви: Првите слободни парламентарни избори

Во Малдивите имаше значајни политички промени во последните пет години: воведување на политички партии во 2005 год., ратификација на изменетиот Устав во август 2005 год. и првите повеќепартиски избори одржани во октомври 2008 год. кои допринесоа да се формира демократска влада. Но, парламентарните избори одржани на 9-ти мај беа од пресудна важност, затоа што новиот парламент ќе биде задолжен за донесување нови клучни закони кои ќе бидат пресвртница од транзицијата на земјата кон демократијата.

Врз основа на изменетиот и дополнет Устав, во битката за 77 места учествуваа повеќе од 400 кандидати. Откако се смири изборната треска, се отстранија изборните плакати и не одекнуваа кампањските песни повеќе, државата постепено се враќа во нормала. Меѓутоа, исходот од изборите ќе влијае врз политичката сцена во тековните пет години.

На изборите доминантни беа две големи политички партии, Малдивската демократска партија (МДП) која победи на претседателските избори минатата година и Малдивската народна партија (МНП) на чело со поранешниот претседател Маумун Абдул Гајум. Додека некои ова го гледаат како интеграција на повеќепартиски систем во земјата, некои на тоа гледаат како доминантност на две партии кои ќе ги потиснат погледите на малцинските партии. Изборите исто така беа од големо изненадување, поради тоа што некои пратеници не успеаја да издвојат победа за нов мандат и ги изгубија своите места во парламентот на демократски начин.

Блогерот Абдула Вахид во постот „Неколку звучни имиња не успеаја“ на неговиот блог, наведе неколку причини за изборниот неуспех на некои пратеници ветерани.

Вахид исто така пишува за лекциите кои ги научија главните политички партии од овие избори и заклучува дека избирачкото тело многу добро го прифатил партискиот систем во Малдивите.

Избирачкото тело силно покажа дека го прифаќа партискиот систем, а тоа може да се потврди со големиот успех на партиските кандидати. Многумина кои беа непознати и беа без партиска позадина завршија со 13 места во парламентот. Сепак, иако е вистина дека 13 независни кандидати победија на изборите, може да се каже дека некои од нив и не се така независни во вистинска смисла на зборот.

Мухамед Нашид, поранешниот министер за информации и комуникации и кандидат за пратеник, и покрај тоа што беше член на МДП, на изборите настапи како независен кандидат и освои место во парламентот, го искажува истото мислење во неговиот блог.

Исходот од изборите покажува дека населението на Малдивите првенствено ги прифати новитетите на партиите. Најголем дел од земјата беше целосно внесен во политичата еуфорија која ја направија двете ривалски партии: МДП и МНП. Се чини како да нема простор за ниедна друга политичка партија.

Нашид смета дека исходот од изборите ќе биде корисен за Малдивите, затоа што ниедна од двете политички партии не успеа да добие апсолутно мнозинство.

Среќен сум што новоформираниот парламент не е ниту под контрола на МДП ниту под контрола на МНП. Иако МНП заедно со коалициционите партии доби малку поголем број места во парламентот од МДП, таа не успеа да добие апсолутно мнозинство.
Ниедна од партиите во новоформираниот парламент не треба да ја попречува работата на парламентот. Одлуките во парламентот треба да се донесуваат преку процес на дијалог и делиберација. Поделеноста на луѓето во однос на партиската ориентација и нивната поларизација бара консензуален пристап. Ако една политичка партија има апсолутно мнозинство нема да го прифати процесот на делиберација.

И МДП и МНП се обидуваат да ги привлечат на своја страна независните кандидати, кои можат да стапат во коалиција со некоја од политичките партии. Имаше многу интересни коментари на постот на Нашид. Меѓу нив спаѓа и коментарот на Фајаз. Иако неговите критики се фокусирани на МДП, тој го дава своето мислење за навалувањето на политичките партии да придобијат на своја страна некои од независните пратеници.

Подржувачите на МДП, кои сè уште не можат да ја преболат големата загуба и не можат да се соочат со реалноста, можат и понатаму да се шегуваат за фантастичниот исход од изборите. МДП го дава својот максимум да купи пратенички места по која било цена, а особено се обидува да ги купи независните пратеничките места. Па, сега ова е премногу патетично, нели? Станува збор за политичка партија чие средно име е демократаска, а применува ваква тактика што очигледно ќе ја смени сликата на луѓето за принципите на МДП и за тоа за што таа се залага.

На блогерот Иду му е жал за младите и патриотски настроени кандидати, кои загубија од кандидатите кои се богати и моќни.

За некои од кандидатите, кои добија пратенички места, се тврдеше дека се корумпирани, а сепак добија пратенички места, зашто најголем дел од населението гласаше за нив. Ова покажува дека група влијателни луѓе во општеството кои беа изборни кандидати со поткуп успеаја да ја заслепат јавноста.

Тој исто така забележува дека некои кандидати не беа запознати со прашањата кои ги засега избирачкото тело.

Некои кандидати кои добија пратенички места не заземаат цврст став за прашањата кои ги засега избирачкото тело, а другите кандидати кои тврдат дека се дел од избирачкото тело никогаш не виделе ни како живее избирачкото тело. Можеме да бидеме високо образовани, богати и влијателни и можеме да припаѓаме на силна политичка партија, но не можеме да ги разбереме аспирациите и сништата на локалната заедница со една посета на избирачкотото тело.

Размерот на изборите ги надмина очекувањата на Изборната комисија, а јавноста беше многу исфрустрирана, бидејќи се одложуваше објавувањето на резултатите. Симон смета дека одложувањето се должи на неподготвеноста на Изборната комисија и другите чинители.

Сметам дека одговорноста за крајно смешната брзина на пребројување на гласачките ливчиња треба да ја сносат Изборната комисија, медиумите, гласачкото тело и партиите. Изборната комисија целосно ја потцени комплексноста и големината на задачата. Според ИК, тоа е всушност и причината поради која не беа брзо објавени изборните резултати со што се развија сомнежи во јавноста и партиските кругови. Но, не бев свесен за тоа дека ИК нема безбедни и високо развиени технологии, сè додека не ги видов факс машините поврзани со седиштата на избирачките места. Факс машините и факсовите се толку несигурна технологија. Член на советодавниот комитет за ИК дури и призна дека некои факсови не биле јасни. Па, што очекувале тие од факсовите?

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.