Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Венецуела: Нови сомнежи околу причините за смртта на Симон Боливар

Секој 17 декември сите земји кои го сметаат Симон Боливар за нивни национален јунак ја одбележуваат годишнината од неговата смрт. Во Венецуела, луѓето поставуваат државни знамиња пред вратите, а низ цела Боливија групи на интелектуалци и академски граѓани положуваат цвеќе пред статуите на Ослободителот кои се наоѓаат на секој Плоштад на Боливар.

Во декември 2007 година ваквите комеморации ги засени иницијативата на претседателот Хуго Чавез кој јавно искажа сомневања околу причината за смртта на Боливар, за која дотогаш се сметаше дека била туберкулозата. Чавез пак, тврди дека се работело за труење и наредил официјална истрага. Една година подоцна, блогерите коментираа за промените во книгите по историја по повод историската годишнина од смртта на Боливар.

Феликс Тапиа пишува за како да се утврди причината за смртта [шпански]:

Нашето мислење е дека испитувањето на ДНК од коските на Боливар, особено пронаоѓањето на Mycobacterium tuberculosis, односно бактеријата што предизвикува туберкулоза може да потврди дека таа болест била причина за смртта. Од друга страна, теоријата за труење не може да се потврди со едноставен тест. Единствено може да се потврди присуство на траги од отров во коските, но прво треба да се докаже дека и коските се навистина на Боливар, што е многу тешко оти нема негови живи потомци за споредба.

Блогот Мегарезистенциа [шпански] реобјави напис од весник за случајот, што доведе до низа разновидни коментари, меѓу кои и од луѓе што се срамат дека воопшто се покренува дискусија за темава, како и од други што ги заинтересирала мистеријата и можноста за алтернативна причина за смртта.

Корокоро Фрито напиша:

Обичните луѓе се прашуваат колку ќе чини оваа истрага?
Колку чинеа следните работи?

  • Промена на името на државата.
  • Промена на имињата на министерствата.
  • Промена на валутата.
  • Промена на марките.

Колку од парите потребни за болниците и училиштата се потрошени на неприоритетни работи?

Ел Блого [шпански] објави хумористична илустрација (во постот) што исто така предизвика доста дискусии од поддржувачите на одлуката.

Боливиано напиша:

Над сета реторика, мислам дека претседателот е во право што не ’и верува на историјата и сега има можност и моќ да започне вакво истражување, кое не е само криминалистичко или научно, туку претставува и оценување и историско истражување што секако ќе открие многу нови детали за животот и смртта на Боливар.

Амарилис додаде:

Ако современите луѓе може да испитуваат како умирале Египќаните, Норвежаните, диносаурусите и други истребени видови, зошто да не се истражи една вистинска смрт на една од највизионерските и најважните личности во историјата на Америка?

Адрес од Венецуелскиот компас [шпански] пишува за зависноста на Владата од мистиката на Боливар и зошто сето ова им е важно:

Никој не може да го оспори местото на Боливар во историјата, но споменот на него треба да служи како извор на инспирација, а не како пророчиште што нуди одговори на сите денешни проблеми на земјата.

Зависноста од Боливар покажува дека милитаристичките и месијанските идеи ни ја уништуваат земјата и ден-денес. Ниеден човек ја нема моќта на боговите да знае што е прикладно во секој момент, во секои услови… особено сега кога ова „божество“ е мртво. Ова е една од главните трагедии на нашата нација.

Најпосле, Ана Јулија Јатар сака да се надева на подобра иднина и пишува [шпански]:

Не ни е гајле за проблемите од пред 200 години. Сакаме решенија за денешните проблеми.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.