Босна и Херцеговина: Годишнина од масакрите

(Достапна е и аудио верзија читана од Вера Серковиќ. Ве молиме погледнете на дното на страната за пристап до аудио плеерот)

Поминаа шеснаесет години од масакрот во Братунац и тринаесет години од масакрот во Сребреница. Во овие градови беа убиени повеќе од 10.000 илјади цивили. Голем дел од жртвите сè уште не се идентификувани. Обвинетите, директно или индиректно, за извршени воени дејствија во војната сè уште не се уапсени. А, некои од нив беа ослободени.

Секоја година блогерите и новинарите ги потсетуваат читателите на трагичните настани што се случија во 1992 година во Братунац и во 1995 година во Сребреница. Вистината е болна, но никој не треба да молчи за воените злосторства.

Еве мал преглед од неколку мислења и искуства поврзани со масакрите во источна Босна и Херцеговина во текот на 90-тите години.

Queeria објави текст насловен „Какво е времето во Сребреница“- за утрото на 11 јули 2008 година, во малото гратче Сребреница. Текстот претходно беше објавен на веб-сајтот www.pescanick.net, коешто ги покрива политичките и човековите права во државите од поранешна Југославија, со посебен фокус на Србија.

Ако ме прашувате мене, 11 јули беше многу сончев и тажен ден. […]

[…] Оваа година, беа есхумирани 308 останки на новоидентификувани жртви од Сребреница. Беа ископани исто толку гробови. Пред нив, на силното сонце, стоеја членовите на семејствата на жртвите, најмногу мајки, сестри и деца, стоеја и ги чекаа МРТОВЕЧКИТЕ САНДАЦИ со останките од НИВНИТЕ НАЈМИЛИ. […]

Бојан Тончиќ, во неговиот текст, којшто исто така беше објавен на www.pescanik.net, ги потсети читателите на масакрот од Сребреница на 11 јули 1995 година:

[…] Во јули 1995 година, […] (муслиманските) мажи, кои наводно беа способни да бидат војници(а меѓу нив и 15-годишни момчиња) беа раздвоени од жените и постарите луѓе. Слики од нивното страдање го обиколија целиот свет. Главните виновници и извршители на овој криминал, Радован Караџиќ, поранешниот претседател на Република Србија и Ратко Младиќ, генералот на Армијата на Република Србија, сè уште не се уапсени. […]

[…] Масакрот од Сребреница е најлошото нешто што се случило во поранешна Југославија во текот на граѓанската војна и најужасниот криминал што се има случено во Европа по Втората Светска Војна. […]

[…] Единиците на Ратко Младиќ убија помеѓу 7.500 и 8.000 муслимани во Сребреница. Постојат точни податоци за бројот на жртвите, нивните имиња и презимиња, а исто така постојат податоци за пресудите.

Понатаму, Бојан Тончиќ го цитира Семир Ибрахимовиќ, откако беше покажан филмот за убивањето на 6-те муслимански момчиња во Трново во текот на масакрот од Сребреница по офанзивата на паравоената единица „Скорпиони“:

На видеото видов како испукаа три куршуми во главата на татко ми. Тој отиде со другиот човек на 10 јули по падот на Сребреница. Нашата разделба беше тажна. Почувствувавме дека можеби повеќе никогаш нема да се видиме. Тој отиде накај Тузла во „маршот на смртта“. Огин доаѓаше од сите страни. Ние незнаевме дали ќе преживееме. Тој трчаше преку мостот, отпоздравувајќи не. Носеше кожно палто и сина маица. […]

На Јутјуб е достапно едно екстремно сликовито видео, ( тука); коешто е прегледано 175,627 пати.

Блогот на Асоцијацијата за надворешна политика, Воени злосторства, дава опис на видеото во написот посветен на тринаесетгодишнината од масакрот во Сребреница:

[…] Во текот на судењето на Слободан Медиќ, командантот на единицата Скорпиони, беше покажана видео лента од неколку инциденти. Овие видеа се дел од огромната колекција за босанската војна. Во едниот инцидент, на видеото е прикажано како 6-мина мажи се извлечени од воено возило и однесени на поле.  Мажите се принудени да одат во пресрет на „смртта“, тие чекорат еден по еден додека „скорпионите“ пукаат во нив. Во видеото се слушаат и коментари од војниците- „Го виде тоа? Ме сними ли додека пукав во тој неранимајко?“ Само четворица од нив беа веднаш убиени, другите двајца беа принудени да ги влечат телата на убиените во друга област. Според сведочењата, војниците правеле сцени во коишто би изгледало дека затворениците биле убиени во борба. Двајцата мажи биле убиени во една помошна зграда. Во видеото се гледа како еден војник ја празни целата своја муниција во главата на еден од затворениците, протестирајќи „Имам јас уште неколку гранати!“ […]

Дражен Ердемовиќ, етнички Хрват и член на српските воени сили, потврди дека учествувал во егзекуцијата на муслиманите во босанската Сребреница. Славенка Дракулиќ, хрватска писателка и есеистка, има издадено книга насловена како „Еден ден од животот на Дражен Ердемовиќ'“:

[…] Затворениците не знаеја што ги чека. Тие имаа превез преку очите. На Дражен му беше мило поради тоа. Тој тоа го сметаше за милост. Но, по некое време почнале да пристигаат полни автобуси луѓе без превези на очите. Дури ни рацете не им биле врзани.  Сè се случило многу набрзина. Зошто толку брзање? Дражен не го разбирал тоа. Овие затвореници (без превези) можеле да ја видат својата судбина. Тие можеле да ги видат телата на убиените и војниците кои ги чекаат со пушки во рацете. Тие покорно излегувале од автобусите и се ределе за стрелање. Можеби и ништо не чувствувале. И тогаш Дражен видел нешто што го шокирало. Кога нанишанил кон главата на некој човек, видел дамка крв на неговите тренерки.  Мокра дамка којашто се зголемувала се повеќе. Тој слушнал команда и пукал. Кога човекот паднал тој видел дека е сè уште жив. Тој сè уште уринирал. Тој момент бил многу непријатен за Дражен, се чувствувал како тоа да му се случувало на него. „Тоа можеше да ми се случи и на мене“, тој си помислил, но набрзина му поминала оваа непријатна мисла. […]

Блогерот Дијаспора има сосема различно мислење:

Во повеќе од 90% од случаите, жртвите во Сребреница биле војници од единицата на Насер Ориќ. Пред падот на градот, тие запалиле повеќе од 140 села во регионот околу реката Дрина и убиле 3.228 српски цивили. Ископани се тела на 2.000 муслимански војници од Сребреница и околината. Не постои причина муслиманските жртви да бидат третирани на поинаков начин од српските жртви од околината на Дрина и Сарајево, а особено поради тоа што муслиманските жртви најповеќе беа војници, додека поголемиот дел од српските жртви најповеќе беа цивили.

Бојан Тончиќ исто така споменува и воени злосторства против босанските срби:

Кратко пред 13-годишнината од масакрот во Сребреница, Хашкиот Трибунал донесе уште една пресуда […]

[…] Насер Ориќ е ослободен од вина. Трибуналот го ослободи, отповикувајќи ја првичната 2-годишна казна затвор. Како и да е, станува збор за воени злосторства чии единици уништија многу српски села и според независни проценки, убија повеќе од 2.000 цивили во 1992 година. […]

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.