Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Руанда: Сеќавање на геноцидот

На 6 април започна одбележувањето на седумнаесетгодишнината од руандскиот геноцид. Време е да се размисли за незаборавните човечки грешки коишто доведоа до подло убивање на близу милиони граѓани на Руанда, а најповеќе Туци. Мачното минато на Руанда е сè уште присутно во многу слоеви на руандското општество.

Официјално, оваа недела ќе биде свечена и тажна со многу ограничени комерцијални активности. Главната комеморација ќе биде одржана на стадионот Амахоро или Стадионот на мирот. Според руандското верување дека името е човековата личност, „izina niryo muntu“; за време на геноцидот во 1994 година, стадионот бил засолниште за 12.000 луѓе, меѓу кои најповеќе Туци, коишто биле под заштита на Обединетите нации.

Unburied bones of victims of the Rwandan genocide at a memorial centre. Image by Flickr user DFID - UK Department for International Development (CC BY-NC-ND 2.0).

Незакопани коски на жртви од руандскиот геноцид во меморијалниот центар. Фотографија на Фликр корисник ДФИД- Оддел за меѓународен развој на Обединетото кралство (Криејтив Комонс Наведи извор-Некомерцијално-Без изведени дела 2.0).

Руандската благосфера исто така се фокусира на овој величенствен настан. Се дискутираше на најразлични теми поврзани со геноцидот.

Kigaliwire блогерот нè врати седумнаесет години наназад, истражувајќи го начинот на којшто луѓето беа известувани за убиствата. Особено се споменува најозогласената радио станица Muhabura којашто ја поттикнуваше нацијата да ги убива Tуците. Тој нè потсетува на:

Помеѓу јули 1993 и јули 1994 година, Radio Télévision Libre des Mille Collines (RTLM) емитуваше програма од вториот кат на оваа „незабележлива“ зграда на ќошот на 12 Avenue de la Paix во центарот на Кигали. Вториот кат сега ѝ припаѓа на нафтената компанија Гапко Руанда. На приземјето сега има продавница за мобилни телефони а КЦБ банката сега има филијала на првиот кат. На денешен ден, пред седумнаесет години, на 6 април 1994 година, тука се наоѓаше радиото кое ширеше омраза, а денеска таа иста зграда работи со „полна пареа“.

Освен тоа, тој objavi едно јасно предупредување напишано од Линдзи Хилсум, единствениот дописник којшто се наоѓаше во Руанда во тоа време. Ретроспективно гледано, болна е помислата дека светот ќе заборави на нејзините зборови.

На 6 април 1994 година, Хилсум нè предупредуваше:

Руандскиот главен град Кигали од вчера е во хаос, откако трупите, претседателската гарда и полицајците поминаа низ предградието убивајќи го Премиерот, мировниците на Обединетите нации и бројни цивили.

Банди војници и младина ги киднапираше политичарите на опозицијата, убиваа членови на малцинското племе Туци, претепувајќи ги до смрт, сечејќи ги со мачети и ножеви, или убивајќи ги.

Блогерот Dan Speicher се потсетува на неговата посета на Руанда пред околу десет години и ужасите на кои бил сведок:

Тешко е да се верува дека бев во Руанда пред десет години. Стигнав неколку дена порано. Сега присуствував на Неделата на сеќавањето на геноцидот. Додека низ улиците се одржуваа паради и церемонии, на сите телевизиски канали имаше слики од убиствата и омразата.

Сè уште јасно се сеќавам на масивните гробници. Илјадници тела фрлени во земјата, оставени природно да скапуваат. На жената што ја запознав ѝ недостига дел од черепот отсечен со мачета, нејзиниот маж бил убиен неколку години порано во војните напади на Хутите, оставајќи ја да се грижи сама за нивните деца.

Блогот Rising Continent подлабоко навлегува во прашањето за атентатот на претседателот Хабиариману за којшто многумина веруваат дека го поттикна геноцидот:

На 6 април 1994 година, две гранати го погодија авионот во кој се наоѓаше претседателот Хабиариману, убивајќи ја целата посада, претседателот на Бурунди и командантот на штабот на руандската војска.

Нападот беше еден од најсуровите терористички акти во 90-тите години. Размислете за тоа! Двајца претседатели на Африканските држави беа убиени- претседателот на Бурунди, Циприен Нтариамира, беше исто така во авионот, мирот кој стоеше на „стаклени нозе“ базиран на договорот Аруша во 1993 година, беше нарушен. Избувна војна, а илјадници луѓе беа масакрирани.

Блогерката Olga Bonfiglio ни обрнува внимание на психолошките последици од геноцидот. Таа пишува:

Според свештениците и стручњаците за социјална политика со коишто разговарав минатиот ноември кога бев во посета на Руанда воопшто не е изненадувачки фактот дека 100% од преживеаните се истрауматизирани од геноцидот.

Длабока болка, вина, срам од тоа што го преживеале, егзистенцијалните неприлики и тежнеењето за одмазда остана во срцата на многу луѓе, вели Филипе Нгиренте, директорката на социјалната служба.

Таа додава дека Владата и Црквата вршат голема улога во изградбата на новата Руанда:

Владата на Кагаме очајно посакува да го преброди она што се случи и да продолжи да ја стабилизира државата со понатамошниот развој на политиката и економијата. Во тек е изградбата на центарот на Кигали, главниот град на Руанда. Напорот да се апелира на мултикултурализмот е  исто така очигледен во низата ресторани на западните држави и на Азија. Се гради исто така и еден огромен хотелски и конференциски комплекс за да привлече туристи и деловни луѓе. Англискиот јазик беше прогласен за службен јазик во Руанда минатата година. (Киниаруандскиот и францускиот јазик се исто така службени јазици во Руанда).

Во меѓувреме, Католичката црква стана главниот играч во водењето на емоционалната и духовната реконструкција на оваа претежно католичка држава. Тие се обидуваат да ги помират оние кои го преживеаа геноцидот и оние кои го извршија истиот.

Блогот Democracy Watch зазема цврст став кога станува збор за Владата на Руанда. Иако, авторката е импресионирана од одредени позитивни цели постигнати во последните седумнаесет години, таа е загрижена бидејќи смета дека постигнувањата не се доволни да го спречат повторувањето на минатото. Таа пишува:

Многу аутсајдери не го препознаваат недостатокот на политичка слобода и економските неeднаквости коишто ги спротивставуваат граѓаните на Руанда кои не се поддржувачи на владејачката партија Руандски патриотски фронт (РПФ). Мнозинството од преживеаните руандски Хути и Туци и понатаму остануваат политички маргинализирани, на работ на егзистенцијата и во многу случаи, трауматизирани од она што го преживеале. Нивниот секојдневен живот се карактеризира со недостаток на храна, чиста вода и пристапни здравствени услуги, додека елитата ужива во европските кафетерии, безжичен интернет пристап, нови станбени и стоковни куќи, пристапна здравствена заштита и други услуги. Јазот помеѓу урбаните елити и руралното граѓанство никогаш не бил поголем- некаде околу 90% од жителите на Руанда живеат во руралните области.
Оваа социо-економска нееднаквост помеѓу владејачката елита и просечните жители на Руанда ја зголемува можноста за втор круг политичко насилство.

Но, ситуацијата не е целосно безнадежна. Се смета дека со помош на партнерство со меѓународната заедница е можно да се изгради поиздржлива и демократска иднина. Тука е решението:

Со цел да се одржи мирот, меѓународните актери се активни во Руанда и во регионот на Големите африкански езера. Тие мора да ја поттикнат РПФ да ѝ ги отвори вратите на демократијата.

За крај, блогот на Светската федерација на младите лутеранци нè потсетува дека светот „се потпира“ на солидарноста. Тие ни објаснуваат како:

Оваа недела, светот се сеќава на грозоморниот геноцид во Руанда во 1994 година. Беа убиени околу 800.000 луѓе. Младиот лутеранец од САД, Ани Боно, им предложил на неговите пријатели да носат виолетово во четвртокот. Виолетовата боја е боја на жалост во Руанда. Ова треба да биде знак на сеќавање и повик на акција против геноцидот и масовните убиства коишто сè уште се случуваат.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.