- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Саудиска Арабија: Затворени улици за жените џогери

Категории: Среден Исток и Западна Африка, Саудиска Арабија, Владеење, Граѓански медиуми, Жени и род, Закон, Здравје, Образование

Улица во провинцијата Aзир, Саудиска Арабија, каде што многу жени сакаа да вежбаат, од скоро беше затворена за жените што трчаат, затоа што се смета за небезбедна од страна на Хаја (Haia) (Комисија за промовирање на вредности и заштита од пороци).

Хаја објави дека причините за затворањето се слабата осветленост и дека областа е позната по криминалот: затоа е затворена со цел да се заштитат жените. Сепак, многу блoгери не се согласуваат со оваа изјава, велејќи дека има други причини зад ова затворање.

Коментаторот на  Араб Њуз (Arab News) [1], Ахмет Фараз Рао (Ahmed Faraz Rao), се пожали на ова:

Ако местото е несигурно за жените, тогаш молам направете го безбедно, наместо да ги спречувате жените да трчаат.
Ако некое место е небезбедно за луѓето, тогаш луѓето треба да го напуштат или пак треба да реагира полицијата за да го обезбеди?

Сауди Џинс (Saudi Jeans), јa потенцира изјавата на тркачите дека улицата е и добро осветлена и безбедна, споредувајќи го решението со една од оние футуристички „пред-криминални“ единици [2]:

Може да се каже дека ова решение на Хаја е дел од превентивните напади, со делумно обвинување на жртвите. Наместо да се внимава на овие таканаречени небезбедни места и заштита на жените со апсење на луѓето кои се обидуваат да  ги вознемират, тие ги заштитуваат жените од вежбањето таму… Секако, ваквиот вид на однесување од страна на  Хаја, воопшто не е нов или изненадувачки…

Всушност, Американ Беду (American Bedu) посочува [3] дека одлуката не е без преседан:

Веќе имаше интервенција од владините министри  што се однесува на жените и вежбањето. Минатата година многу фитнес-центри за жени беа прогласени за нелегални, ако не се одобрени од владините министри. Наместо на ова да се гледа како на бизнис, зашто тоа се места каде што жените вежбаат повеќе отколку што купуваат или си ја средуваат косата, сепак е потребно владино одобрение.

Таа ги спомнува и тешкотиите за одржувањето на формата на жените во Саудиска Арабија:

Многу од саудиските училишта, основни и средни, немаат физички вежби за децата. Жените не се поттикнати да вежбаат. Доколку жената е многу мотивирана и дисциплинирана да работи во нејзиниот дом, не секоја жена може лесно да  го среди распоредот за да излезе и да пешачи или да организира превоз и да плати трошоци за да се запише во приватен фитнес-центар. Од друга страна, мажите можат да излезат во скромен шорц и да трчаат кога сакаат. Фитнес-центрите за мажи се многу. Секој може ги види машките фитнес-центри од улица и мажите како вежбаат преку широк стаклен прозорец, типичен за овие сали.

Американ Беду (American Bedu), исто така, нагласува дека одржувањето на формата не е суетност туку грижа за здравјето. Ова гледиште е поткрепено во коментарот за овој дел [2], каде што коментаторот Абу Синан (Abu Sinan) забележува:

Ова е една од причините што има голем проблем со дијабетесот кај саудиските жени. Нема вежби, нездрава храна, се придонесува за тоа.

Во меѓувреме, Кусеј (Qusay) коментирајќи на блогот на Сауди Џинс (Saudi Jean) има поциничен пристап за ова прашање:

Би сакал да се обложам дека некој кој продава домашна опрема за вежбање се обидува да ги забрани сите активности на отворено, за да може да продаде повеќе.