Неколку извештаи наведуваат на тоа дека иранскиот режим преземал уште еден чекор кон контрола врз веќе силно-цензурираниот интернет. Според извештај од ITIran, програмите за одбегнување какви што се Psiphon, Kerio и Open VPN, повеќе не се ефективни против владините напори на Иран да блокираат одредени веб-страници.
Извештајот исто така вели дека брзините на интернетот опаднале нагло, со што е ограничен пристапот до многу страници. Некои тоа го сметаат за скок кон објавувањето на ирански национален интернет, други пак велат дека причина за тоа е приближувањето на претседателските избори во јуни.
Иранските нетизени реагираат на овој тажен настан:
Блогот „Борба против интернет филтрацијата“ вели:
Проблемот започна на 4ти мај, сабота. Наидуваш на проблеми при користењето на софтвер за анти-филтрација и доаѓа до прекин на интернет конекцијата.
@SHoBBarMZ на Твитер напиша:
„Филтерот е поблизу до тебе од Господ.“ Министерство за комуникации
Некои нетизени директно се обраќаат на иранскиот режим. @Babakaram на Твитер објави:
Биди горд на тоа што имаш една од најсилните сајбер армии, а сепак ја користиш само за рестрикции и филтрирања.
Во друг твит од истата личност се вели, некогаш властите велат дека многу земји се соочуваат со филтрирања и дека тоа е сосема нормална појава.
@Mahtab твита:
Кога ќе остариме, ќе им раскажуваме на своите внуци дека причината поради која остаревме е филтрирањето.
Блогерот Андарбаба ги охрабрува граѓаните од Иран ширум светот да протестираат против интернет-филтрирањето без разлика на нивните политички ставови.
Иранското филтрирање не ги засега само Иранците. Колин Д. Андерсон, компјутерски истражувач од САД редовно споделува на Твитер за иранската цензура. Тоа е вистински прозорец кон ситуацијата за секој кој сака да дознае повеќе за реалната состојба со виртуелниот Иран.