Македонија: Блогерите ја нагласуваат потребата за отворена комуникација со Грција

Во екот на внатрешните превирања предизвикани од грчката кампања за блокирање на пристапувањето на Македонија кон НАТО и Европската унија, и сè поголемиот број на извештаи за напади врз македонските камионџии (официјална реакција) од националистички толпи во Грција, многу македонски блогери се обидуваат да го премостат јазот на глупоста меѓу двете нации. Од една страна, тие ја идентификуваа потребата за пренесување на информации за Македонците и Грците, а од друга страна, некои од нив си земаа за задача да споделат информации од грчките медиуми со нивните сонародници – Македонци.

Голем број блогери реагираа на изјавата на грчкиот министер за надворешни работи дека спомнувањето на македонскиот јазик и етничко потекло „не помага“ во разрешување на спорот за името, гледајќи на тоа како на продолжување на политиката на етноцид. Жарко Трајановски се осврна на (најинтересните делови од) соодветниот извештај од Стејт Департментот на САД.

Во иста насока, многумина блогери го промовираа видеозаписот за песната „Постојам“ вметнувајќи го во сопствените написи и објавувајќи го на Јутјуб. Видеозаписот содржи сцени од документарни филмови за етничкото чистење на Македонците за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 г., проткаени со хуманистички стихови: Постојам… Простено ти е, и твојта желба да ме нема веќе..“

Авторот на блогот Агнес напиша:

По својата промоција, видеозаписот за песната „Постојам” на Мијата доби медиумска поддршка и стана тема на разговор кај македонското население ширум светот.

Се појави интерес за преводот на текстот на песната на англиски јазик и нејзино пласирање надвор од Македонија. Без разлика на контекстот во кој беше спомнат, спотот се покажа како вреден за коментар. Оние кои претходно биле запознаени со тој дел од историјата на Македонија и честитаа на Мијата за реализацијата на еден ваков аудио визуелен израз. Оние кои ги видоа снимките за прв пат рекоа дека се премногу болни за да се вистинити. Некои веруваат дека ова е само начин да се привлече внимание. Допрва ќе се чујат уште многу позитивни и негативни коментари. Среќна сум што бројот на луѓето рамнодушни кон „Постојам” е мал.

Сликите на тага и прогон од една страна и сликите на единство и гордост од друга даваат автентична слика за Македонија.

Минатото не треба да се оживува, треба да се надживее.

Да го надживееме, но најпрво,

Да го запознаеме!

Македонија постои.

Од друга страна, блогот Другарче објави преводи на статии од грчкиот печат, како и цртани филмови. Неколку блогери исто така го пофалија интервјуто на македонскиот режисер Милчо Манчевски [грчки], дадено за грчкиот весник Елефтеротипија, и поставија линкови до преводите на англиски. Некои пак, понудија повеќе историски информации од древните книги и архивите на западните весници, како и информации за можното потекло на грчкото знаме.

Но, што е најважно, блоговите се покажаа како примарно средство за распространување на информации за масовното миротворство. Веста за претстојната посета на македонскиот главен град Скопје на околу педесетина грчки мировни активисти закажана за 17 мај, 2008 г., најпрво се појави на влијателниот блог Вуна:

Ова не е обид за разгорување на македонските националистички чувства. Ова не е повик за каменување на амбасади, супермаркети итн.

Напротив, ова е повик за учествување во настан замислен како противтежа на сето ова лудило. Грчките граѓани се пред сè човечки суштества, и повеќето од нив немаат никаква врска со ретроградната и фашизоидна државна политика, ниту со моронските орди кои малтретираат луѓе по автопатите. Исто така, не се сите македонски граѓани вжештени глави кои „мразат сè што е грчко“ и кои едвај чекаат да ја каменуваат Канцеларијата за врски.

[…]

Мир, љубов, емпатија!

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.