Македонија: Блогери ја прославија победата над фашизмот од 1945 г.

Неколку македонски блогери се придружија на прославата на победата врз фашизмот во Втората светска војна.

Пред Македонија да стане независна во 1991 година, Денот на победата врз фашизмот (англиски) се прославуваше на 9 мај како работен празник, заедно со 15 мај, денот на конечната победа во Југославија, поради тоа што некои фашисти продолжиле да се војуваат (англиски) и по официјалната капитулација. Во наредните години, оваа традиција беше тивко напуштена, особено од страна на десничарските влади желни да им ги ускратат заслугите за националното ослободување на „комунистите“.

Во текот на последната деценија, многумина со радост учествуваа во прославите на Денот на Европа (англиски), сметајќи го интегрирањето во ЕУ како продолжение на борбата за слободна и просперитетна Македонија. Блогот на о.у. „Благој Кирков“ документира еден таков настан во Велес.

Арно ама, можеби поради растечките анти-демократски тенденции, меѓу кои и обиди за повторно испишување на историјата во полза на соработниците на фашизмот, некои блогери ја искористија овогодинешната прослава на 65-годишнината од Денот на победата во Москва да го свртат вниманието на јавноста кон овој важен настан.

Андреј објави скенирана насловна страница на лондонскиот весник Дејли мејл од 9 мај, 1945 и напиша:

Ако не се научат лекциите од историјата, историјата сама ке ги повтори.
[Фашизмот н]икогаш да не се повотори.
Благодарност до сите оние кои ги дадоа своите животи за слободата

Зорив сметаше дека е значајно што покрај десетте илјади руски војници кои ја демонстрираа воената моќ на нивната земја…

…а прв пат маршираше и американска војска на црвениот плоштад. Покрај баталјонот на американската војска, на црвениот плоштад продефилираа војници на Британското Кралство, на Франција и Полска како дел од победничката сојузничката коалиција од II светска војна.

Некои корисници на Фејсбук беа исфрустрирани што Армијата на Република Македонија не зема учество на парадата, оти се работи за земја-победничка од Втората светска војна. Најлошата форма на вакво однесување беше преку омаловажување на улогата на Франција, преку папагалско имитирање на американските националистички мегафони од периодот на започнување на војната во Ирак.

Од друга страна, во коментар на пост на блогот Дарвел, кој содржи фотографија на која македонскиот претседател е прикажан на страна од другите лидери во Москва, Хемичарот напиша:

…во државава некако публицитетот за вакви меѓународни настани нагло згасна, нема премногу информации за активноста на нашиот врховен командант
и она нешто што го има во е-изданијата на мејнстримите е со актуелна слика од парадата/општа/, плус стара слика од хорхе
зарем сам го пуштиле

ВББ, кој за време на парадате бил во Москва, објави оригинален извештај од церемонијата:

Влезот на Црвениот плоштад, каде парадата традиционално почнува, беше дозволен само со пропусници (за ветераните, дипломатите, новинарите итн.), па затоа, како и другите обични смртници, парадата ја следев на улицата Тверскаја, а по нејзиното завршување, плоштадот беше отворен за граѓаните, па вечерта во 10 часот таму следеше и импресивен огномет, после кој илјадници луѓе спонтано тргнаа по улиците со извици, песни, знамиња и сл. Како и секоја година, се одржа и концерт на воени песни во изведба на познати естрадни ѕвезди, кој традиционално секогаш завршува со евергринот од 1970-те години, „День Победы“ на Лев Лещенко.

Репортажата на ВББ е дополнета со фотографии фокусирани на активностите на обичните луѓе, кои на пример, нагрнале да купуваат војнички капчиња со петокрака, „пилотки“ како сувенири.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.