Етно-национализам. Започнува со расправа околу јазикот и завршува со територијален конфликт. Времето кое поминува меѓу овие две ситуации е обично зачинето со лаги. Точно заради оваа причина, улогата што ја играат независните медиумски организации, како на пример kloop.kg, во Киргистан е пресудна за да се одделат фактите од дезинформациите.
Нивната репортажа од прва рака [руски] за собирите кои се одржаа во селото Мајевка, беше избалансирана и одговорна, многу спротивно на презаситените извештаи кои се појавија тој ден во форумите на интернет и во вестите на странските информативни агенции, кои тврдеа дека собирите беа испланиран напад на руското етничко малцинство во селото.
Постоеја гласини дека беше запалено едно училиште во северниот град Кант и дека се случија етнички судири во Бишкек, што исто така се докажа како неточно.
И покрај тоа, во немирите во Мајевка, животот го загубија пет луѓе од различна етничка припадност, што ни дава докази – ако воопшто се потребни – дека постреволуционерните услови на оваа централно-азиска нација се сѐ уште многу нестабилни.
И сѐ додека сензационализмот и хистеријата ја изобличуваат целокупната слика до ектремен степен, во други делови на земјата можеме да видиме примери на национализам и дискриминација. Сергеј Висоцки [руски], новинар со седиште во градот покрај езеро, Каракол, во регионот Исик-Кул, известува за намерното исклучување на руски новинари кои не зборуваат киргиски од прес-конференцијата на новата локална власт. Во статија со наслов „Перспективите на новата влада“ Висоцки пишува [руски]:
Прес-конференцијата за новинарите од Каракол заедно со Мирбек Асанакунов, управникот на регионот Исик-Кул… се претвори во бучна дебата и скоро прерасна во скандал.
Руските учесници на прес конференцијата побараа таа да се одржи на еден достапен јазик, но наидоа на неразбирање на нивниот став од страна на новото раководство на новинарите и весниците на киргиски јазик.
„Секој оној што живее во Киргистан е должен да го познава киргискиот јазик“, рече Јенбаев Турк, регионалниот кореспондент на весникот Киргиз Туусу (Kyrgyz Tuusu). „Време е на сите средби да се користи само националниот јазик“.
Висоцки додава дека прес-конференцијата продолжи без присуство на толкувач за новинарите кои не го зборуваат киргискиот јазик.
Рускиот јазик е сѐ уште „официјален“ јазик во Киргистан, а киргискиот е „државен“ јазик. Само 68.9% од граѓаните се етнички Киргизи, релативно малкубројни во споредба со други, повеќе хомогени нации во Централна Азија и поголемиот дел од населението на главниот град Бишкек, го смета рускиот за свој прв јазик. Згора на тоа, заради предоминацијата за време на Советскиот период, многу етнички малцинства беа воспитани како Руси, а не како Киргизи.
Сите оние кои се заинтересирани за ситуацијата со сопственоста на земјата во оваа држава, можат да ја прочитаат статијата на блогерот Akyikat [руски] богата со актуелни информации со наслов „Прекинете го своеволното одземање на земја!“. Статијата ни дава интересен увид во разновидните интереси врзани со одземањето на земја и завземањето на истата, тема која во моментот се наоѓа на преден план во политичкиот живот во Киргистан. Во заклучокот, авторот доставува молба до привремената влада да превземе итни мерки за ова прашање:
„Ве молам да објавите мораториум на подарувањето на парцели за конструкција на индивидуални градби и да започнете програма за издавање на кредити за градење на јавни повеќекатници! Сакаме да живееме во прекрасен град и да не се плашиме да ги посетиме сите негови делови!“, постира корисникот, повикувајќи се на неодамнешната нестабилност во неколку села во блиската околина на главниот град Бикшек.
И покрај тоа, други корисници целосно одбегнуваат вакви сериозни прашања и претпочитаат да го слават доаѓањето на пролетта во оваа неизмерно убава, планинска земја.