- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Блогер на неделата: Лаура Видал

Категории: Латинска Америка, Венецуела, Книжевност, Уметност и култура

Проектот Лингва [1], освен што претставува извор на вредни информации од заедницата Глобал Војсис онлајн на повеќе од дванаесет јазици, исто така привлекува талентирани преведувачи од целиот свет. Додека заедницата сè повеќе се зближува, расте и потенцијалот за поврзување меѓу нејзините членови. Еден од преведувачите на проектот Лингва од Глобал војсис на шпански [2], Лаура Видал [3], толку многу уживаше во нејзиното искуство, што посака да биде уште повеќе вклучена и да се обиде да пишува за блоговите во нејзината земја Венецуела. Нејзината работа помогна да се претстави многу од она што имаат да го понудат венецуелските блогери, а голем дел од нејзините теми не се наменети единствено за поларизираната политика која вообичаено е во прв план.

Лаура почна да преведува во јуни 2007 г. [4] откако дозна за проектот од колегата – автор за Глобал војсис, Луис Карлос Дијаз [5]. Оттогаш, таа „се навлече“ и тоа добро се вклопи со нејзините јазични студии.

Искуството беше прекрасно. Имаше периоди кога ја прекинував својата работа за да преведувам за Лингва 🙂 Уживав да работам на статии од далечни земји и ги правев истите пристапни за шпанските читатели. Најдобро од сè беше тоа што учев додека преведував.

Додека таа сè повеќе се вклучуваше во проектот Лингва и сè повеќе се запознаваше со онлајн заедницата на Глобал војсис, сметаше дека би било поинтересно да пишува кратки осврти за венецуелските блогови. Таа е голем фан на мисијата на ГВО која според неа има моќен и долгорочен ефект.

Од културна гледна точка, мислам дека Глобал војсис претставува начин за размена и средби со другите преку точката на гледиште на луѓето. Тоа е начин за изразување на интерес за одбраната на човековите права, начин за прикажување на животот во заедниците и земјите, за соработка со толеранција, визија, и разбирање за другите.  Кога пишувам за Глобал војсис, се чувствувам како да придонесувам за промовирање на културата на мојата земја, начинот на кој луѓето перцепираат од гледна точка на блогерите, и како преку нивните перцепции тие даваат визија различна од онаа што нормално може да се види.

Пишувањето за венецуелските блогери не е едноставна задача. Голем дел од она што може да се види на мејнстрим медиумите се однесува на добро познатиот претседател на земјата – Хуго Чавез. Како резултат на тоа, голем дел од она што го пишуваат блогерите е поврзано со оваа тема.

Разговарав за ова со Луис Карлос и дојдовме до заклучок дека политиката и поларизацијата толку многу доминира во секојдневниот живот што луѓето блогираат за да можат да дишат. Сепак, политичките теми се присутни и поларизацијата се чувствува во Венецуелската блогосфера. Кога пишувам за Глобал војсис, барам што повеќе мислења, но секогаш успевам да најдам многу блогови кои се противат на Владата, додека оние што ја поддржуваат владата се чини дека ги копираат вестите од дигиталните весници. Од друга страна, некои блогови се напишани со премногу чувства за да би можело да се вметнат во некој напис кој се обидува да даде неутрално гледиште. Во секој случај, се  истражува и се бара, но тешко е.

Голем дел од статиите на Лаура за Глобал војсис се доказ дека Венецуела е многу повеќе отколку само Чавез и поларизирана политика. Таа има пишувано за познати автори [6] и музичари [7], но и за теми од образованието [8]. Не е изненадување што таа пишува за овие прашања, бидејќи самата Лаура има голема страст за литературата и уметноста. Таа дипломираше на современи јазици, поточно на англиски и француски, што и` помогна при откривањето на литературата од други земји. Нејзиниот личен блог се вика Сакандо ла ленгуа [9] [es] (Исплазување на јазикот) и всушност беше инициран како начин за истакнување на јазичните грешки низ градот, но без прекорување или исмевање на другите. Нејзиниот блог стана место на кое „можете да им се смеете на куриозитетите на јазикот“.

Блогот исто така отвори можности и за пишување на други теми. На Лаура и беше дадена можност да пишува неделна колумна наречена „Блогоподиум“, во неделниот магазин Тал Куал [10] [es], најмногу поради тоа што на уредниците на списанието им се допаѓаше тоа што го читаа на нејзиниот блог. Темите се отворени, но најмногу се однесуваат на блогови и култура. Сепак, Лаура вели дека наоѓањето на теми секоја недела е многу потешко отколку што изгледа, но сепак вреди.

Забавно е бидејќи моите пријатели и родителите ми се јавуваат откако ќе ја прочитаат мојата колумна и ми даваат препораки. Името на колумната ми го препорача татко ми бидејќи во тоа време ги гледавме ромските серии и беше смешно да се гледа подиумот на кој ги презентираа вестите… а бидејќи имав намера да го објавам она што се коментира во блоговите за културата, дојдовме до името  „Блогоподиум“. Тоа е добар публицитет за добрите блогови и ми се допаѓа бидејќи можам да истакнам теми за литература, уметност, активизам, заедница и за други култури, особено за она што не е објавено во весниците.