- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Тајланд: Фејсбук виновен за бременоста меѓу тинејџерките

Категории: Источна Азија, Тајланд, Граѓански медиуми, Здравје, Младина, Технологија

Тајланд има меѓу највисоките стапки на бременост кај тинејџерките во светот. Се проценува  дека непланирана бременост им се случува на 120,000 тинејџерки секоја година и изгледа популарната социјална мрежа Фејсбук е делумно виновна за тоа, ако веруваме на заклучокот [1] на Одборот за национален економски и општествен развој (ОНЕОР):

ОНЕОР откри дека луѓето на возраст од 18-24 години се најголемата група на корисници на Фејсбук и сочинуваат 40% од сите корисници.

Одборот изјави дека порастот на социјалните медиуми е делумно виновен за проблемот на бременост кај тинејџерките затоа што некои млади луѓе ставаат заводливи пораки или видео клипови онлајн.

Image from Pattaya Daily News [2]

Слика од дневниот весник Патаја

Саксит Сајасомбут [3], од друга страна, ја посочува неадекватната програма за сексуално образование во Тајланд:

Се разбира најголемата социјална мрежа е виновна за провокативната содржина која ги охрабрува тинејџерите да имаат незаштитени сексуални односи. Но, има и уште поедноставно објаснување – Тајланд има сериозен проблем со сексуалното образование.

Ако го оставиме на страна гневот, власта би можела да увиди дека единственото разумно решение да се избегне бременоста меѓу тинејџерската популација е да се воведе правилно сексуално образование и да се соочат со вистината дека сексуалноста постои, наместо тоа да го занемаруваат.

Рајсфилдрадио [4] коментира дека социјалните медиуми немаат никаква поврзаност со бременоста на тинејџерите:

Фејсбук и другите социјални медиуми немаат ништо заедничко со сексуалните односи или пак со бременоста на тинејџерите. Се работи за хормони. Младите луѓе имаа сексуални односи уште пред да бидат оплодени мајките на пронаоѓачите на социјалните мрежи.

Тејсти Тајланд исто така го истакнува редуцираното сексуално образование [5] во Тајланд:

После се, 18 годиншна возраст е технички дел од тинејџерскиот период, но според законот со 18 години се станува возрасен. Значи со ова не се совпаѓа обвинението дека Фејсбук е виновен за бременоста.

Затоа што, сепак, порастот на стапката на бремени тинејџерки не може да биде последица на драстично редуцираното сексуално образование во последните години во Тајланд или затоа што родителите не ги учат своите деца за контрацепција, зарем не?

СПЦТ – Слобода против цензура во Тајланд ја посочува улогата на воспитувањето [6]:

Се разбира, Фејсбук им олеснува на нашите деца да се поврзат. Но, лошото воспитување е причината заради која не можете да го надгледувате своето дете додека седи на компјутер. Можеби децата треба да играат фудбал со другарите… многу фудбал!!!]

Еве некои реакции на Твитер. Од @thaimythbuster [7]:

#Тајланд #Фејсбук го направи тоа и ја споделува одговорноста за бременоста на тинејџерките во Тајланд. Се прашувам кој беше виновен пред десет години…  Прем?

@CoconutsBangkok [8] Кога ќе се сетам дека отсекогаш мислевме дека незаштитениот секс предизвикува бременост во периодот на тинејџерството. Всушност Фејсбук го прави тоа!

Ова не е прв пат Фејсбук да биде обвинет за зголемениот број на бременост меѓу тинејџерките. Претходната година, верскиот водич во централна Јава, Индонезија исто така ја обвини [9] гигантската мрежа за порастот на малолетни бракови и несакана тинејџерска бременост во земјата.