Македонските активисти се обидуваат да ја надминат медиумската блокада за корупциски скандал

Медиумите во Југоисточна Европа се под влијание на цензура и корупција во последните неколку години, при што Македонија не е исклучок. При неодамнешниот корупциски скандал, мнозинството македонски медиуми не го пренесоа тврдењето на најголемата опозициска партија дека премиерот бил инволвиран во наводна нелегална продажба на банка.

Зоран Заев, лидерот на политичката партија СДСМ, објави аудио-снимки за кои тој тврди дека ја покажуваат директната вмешаност на премиерот Никола Груевски, лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, во сомнителен договор да се продаде сега затворената Македонска банка на српскиот бизнисмен познат како Газда Нини во 2004 година. Договорот наводно вклучувал таен трансфер на 1,5 милиони евра во кеш, кои не биле вклучени во официјалната сума за продажбата.

Како и во други слични случаи кои се однесуваат на Македонија, скандалот скоро и да не го привлече вниманието на меѓународните мејнстрим-медиуми, со исклучок на конзистентното покривање на англиски јазик од страна на регионалниот независен медиум Балкан инсајт, вест на босански на Ал Џезира Балкан, како и напис на германскиот Дие Пресе

Стандардниот предизборен напис на Ројтерс објавен пред гласањето на 28 април, воопшто не го споменува скандалот.

Во такви ситуации голема улога играат социјалните медиуми.

Снимките беа објавени на 17 април 2014 г. на Јутјуб каналитие на опозициската партија, заедно со англиска верзија, како и на веб-порталот за вести Нова ТВ. Тие добија илјадници гледања и за нив многу дискутираа корисниците на социјалните медиуми. Од друга страна, мнозинството македонски граѓани беа „поштедени“ од осознавањето за скандалот преку традиционалните и доминантни канали за информирање.

Satirical meme image with banknotes of EUR 1.5 spread by Macedonia social media users. Author unknown.

Сатиричен мем со банкноти од 1,5 милиони евра кои ги ширеа македонските корисници на социјални медиуми.

Според напис од искусниот македонски новинар Љубомир Костовски:

Оние што бројат објавија: веста за постоење на аудио докази за корумпираноста на премиерот од преку 100 телевизии, осум весници и над 100 портали, ја објавиле одвај 10 проценти. Блокадата беше целосна, кај најтиражните и најгледаните, „кај олихарските сопственици и уредничките тајкуни“ (Чомовски)

Радио Слободна Европа на македонски го документираше молчењето на весниците и незапознаеноста на граѓаните со проблемот.

Медиумите кои молчеа обезбедија скромен простор за случајот преку известување само за демантите од премиерот, вклучително и заканата за тужба за клевета, како и тврдењата од владеачката партија дека се работи за „монтажа“. Еден весник во сопственост на олигарх поврзан со власта „закопа“ кратка вест за ова дури на 12. страница.

Дополнително, јавниот обвинител Марко Зврлевски одби да покрене истрага врз основа на објавените информации со образложение „Не можеме да ги трошиме ресурсите секогаш кога некој нешто ќе каже“. Затоа опозициската партија поднесе формална кривична пријава по некој ден. Одлуката за покренување истрага сè уште не е објавена.

Како реакција на медиумската блокада, активистот Никола Наумов ја напиша следната белешка на Фејсбук:

Груевски jа прогласи снимката за монтажа и најави тужба за секој медиум што ќе ја објави. Затоа 4 од 5-те национални телевизии, вклучувајќи ја и МТВ, како и поголемиот број на печатените и интернет медиуми, не ја објавија оваа снимка! Затоа, чувствувам потреба да ве информирам за оваа работа пред изборите во недела. За вакви снимки во нашето соседство политичари си даваа оставки и беа гонети од законот, а кај нас поминуваат без никој да ги забележи.

Наумов ги повика корисниците на социјални медиуми да го следат неговиот пример и да ја прошират информацијата надвор од Интернет, меѓу нивните соседи, пријатели и роднини:

Драги комшии, да се информираме!
April 23, 2014 at 8:55am
Драги пријатели,

денеска изрежав 40 ЦД-а со аудио снимката на Груевски, ги дополнив со објаснување на хартија и ги ставив во сите сандачиња во мојата зграда. Решив така да помогнам во ширењето на вистината за невидената корупција во оваа влада.

Досега сите поголеми медиуми ја игнорираа оваа афера, освен Телма. На социјалните медиуми снимката се прошири и ја погледнаа сите, но луѓето кои не користат интернет и не гледаат Телма, веројатно и не се информирани за нејзиното постоење.

Ми требаа не повеќе од 2 саати и 250 денари за да го направам овa. Мислам дека ако секој од нас на социјалните медиуми го направи ова во својот влез/зграда, ќе успееме да ги информираме барем луѓето во градовите за оваа снимка. Затоа ве молам, ве преколнувам, споделете го овој апел со вашите пријатели, изрежете ЦД-а и поделете ги на вашите комшии.

Понатаму, белешката содржи кратки инструкции за тоа каде може да се симне снимката, како да се копира и испечати заедно со текст кој го објаснува проблемот.

CDs by Nikola Naumov

ЦД-ата на Никола Наумов

Споменатата ТВ Телма, која од порано е под притисок поради нивното професионално покривање на тековните избори во Македонија, продолжи да го покрива скандалот, како и други искази за корупција. Во текот на ноќта помеѓу 23 и 24 април, нивниот веб-сајт не беше достапен. Нејасно е дали причината бил напад или истекување на квотата на серверот заради премногу посети.

Некое време по објавувањето на повикот на Наумов, интернет-изданието на српскиот дневник Блиц објави кус напис за случајот со корупција.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.