Во последните неколку години, македонските традиционални медиуми неуморно ги промовираат најразличните тврдења и настани поврзани со Александар Велики за кои проценуваат дека се „позитивни“ во однос на одобрување од јавноста и привлекување читатели или гледачи.
Единствена друга личност што може да се приближи до античкиот крал во оваа смисла е Тоше Проески (1981-2007). Сепак, на покојниот пејач кој е претворен во национален херој во последните неколку недели му беше дозволено да почива во мир, откако заврши последниот скандал – тужбата за клевета помеѓу неговата девојка и менаџерка.
За жал, Александар III Македонски (365-323 г.п.н.е.) ја немаше таа среќа: националната телевизија Канал 5 во неделните вести од 12.04.2009. се спушти на ново ниво на Адот [АНГ] кога буквално „го подигна од мртвите“ неговиот дух во таканаречена вест за „историчар“ кој отишол на Флорида (заедно со камермани) да побара од наводно познат медиум [АНГ] да му обезбеди контакт со неговите директни (!) предци. Во видео-клипот, спиритуалистот тврди дека млад човек облечен во лавовска кожа стои во собата и изјавува дека отишол во Персија не заради освојување туку за културна размена, а дека исто така би сакал да дознае повеќе за македонската лингвистика.
Блогот Развигор, кој го води авторот на овој напис, ја коментираше оваа квази-вест прашувајќи како можел духот да стекне знаење да комуницира на англиски, современ јазик настанат илјадници години по неговата смрт, а не можел истото да го стори и за современиот македонски јазик. Покрај тоа:
[…] разочарувачка е општоста на муабетите што „јасновидецот“ ги пренел од „духот“. Ништо ново, некои мумлања за култура, светот како поле, нива, Персија. Ќе беше интересни ако навистина имаше ексклузивен податок, изјави од типот : „копајте на север од Лихнидос на третиот рид татко ми основа тврдина во која има гробница со три оки азно“ или „мојот гроб е таму и таму“ – што може да се проверат, да се извадат нови докази во полза на Македонија! […]
Два дена подоцна, еден корисник на сервисот за препорачување линкови Кајмак.от „откопа“ очигледно лажно-пародична вест [СРП] од еден српски блог за откритие на гробот на Александар во јужниот дел на Република Македонија, во близина на грчката граница. Иако написот е напишан со структура на „вистинска“ вест, било кој жител на Македонија со минимални познавања на локалната географија и општествените прашања веднаш може да препознае дека се работи за шега, оти сите лични имени, од имиња на официјални институции, функции, места и лица не постојат во реалноста.
Во текот на тој ден, низа македонски медиуми, почнувајќи со порталот за вести Кирилица, објавија целосни преводи на македонски јазик на „веста“, додавајќи само мало, незабележително известување дека нејзината вистинитост не е официјално потврдена. Пренесувањето на вакви озборувања не беше проследено ниту со минимално проверување на фактите, ниту пак со линк до оригиналниот извор. Во текот на денот, овој веб-сајт беше често недостапен, можеби заради преоптеретување на врската или серверот.
Некои блогери ја голтнаа јадицата, како Војводатаа, авторот на блогот Радикално, кој напиша:
Дај боже да е вистина. Статијата има многу имиња и презимиња, мислам дека е вистинита до некаде. Ако е вистина, Господ ни доаѓа на помош во нашата вековна борба за нашето име и елементите на нашиот идентитет, меѓу кои нераскинлив дел е Александар Македонски.
Други блогери, како Мојон и Аждер, реагираа со сладострастен хумор, поканувајќи ги медиумите да ги пренесат нивните постови за откритието на секси фотографија од наставничка која Александар ја сликал со својот мобилен телефон iPhone Ancient за време на предавање во училиште, односно за пронаоѓањето на двата черепи на Крали Марко.
Од друга страна, научно-ориентираниот блог Археолошки дневник ја документираше целата афера, нудејќи преглед и на сензационалистичкото покривање (вклучително и од највлијателната национална телевизија А1 ТВ), како и на потрезвените вести за настанот. Авторот на овој блог, археологот Василка Димитровска, напиша:
Претпоставувам дека историчарите и археолозите ќе молчат и за овие настани, како што молчеа за Првата плескавица во светот, Бакарната книга, Хунзите и Калашите, Каменот од Розета итн… А нема ништо полошо од молчењето и игнорирањето, бидејќи на тој начин молкум се потврдуваат нечии хипотези и теории. Полека но сигурно чекориме кон аксиомата “Како земјата од секогаш била наша” која има за цел на општата публика да и пружи една прошетка низ историјата на Македонија од палеолита до Тита. Само што во неа временските исечоци не се занимаваат баш со “безбедни теми”, па настануваат куршлуси како горенаведените.
Она што заслужува критика е разбирањето на историјата како наука на митови без грешки и ломови и вметнување на елементи кои доволно ја реметат и онака кревката “пропишана наша македонска еволуционистичка шема”. Немаме потреба да лажеме – вистината ни е сосема доволна, ма каква и да е таа. Иако, националните митови на сите европски земји од Грција до Шведска, се скоро идентични. Сепак, со вакви несериозни информации на светот му даваме погрешна претстава дека го јакнеме својот идентитет (пред се античко-македонскиот), но во отсуство на наука, научни трудови и археолошки ископувања. И не ми е јасно зошто мораме преку техника на самодефиниција низ порекнување, да потврдуваме било каков идентитет.
За крај, мислам дека е редно македонските новинари од редакции за култура кои пишуваат на тема историја–>идентитет, да се едуцираат малку повеќе на полето на археологијата како наука за минатите, но и за сегашните општества. Еве јас се нафаќам да им одржам еден семинар или работилница. Ако треба и гратис. 🙂
5 коментари
A ti za hunzite ke pricas decko ili za kalasite ili pak za antikvizacijava ……. doizjasnise decko…
Filip, navistina dobra analiza na se shto se sluchuva, i ne samo vo Makedonija tuku i vo cel svet Copy/Paste novinarstvoto e najpopularno…
Фебо, Хунзите во текстот се споменуваат во цитат од друг блог како пример, те молам дообјасни што не ти е јасно.
Инаку јас имам пишувано во врска со политичкото и медиумско искористување на Хунзите на мојот блог минатото лето.
Боско, благодарам за пофалбата. И јас се согласувам дека нашиот случај не е изолиран ниту „оригинален“. Како што искоментирав и во англиската верзија на написов сметам дека дури и во „антиквизацијата“ всушност ги имитираме помоќните соседи, што е грешка на која укажува и американскиот лингвист Виктор Фридман.
Decki nasiot slucaj e tokmu unikaten,vo vakva bizarna situacija ne se ima najdeno nitu edna zemja i potezite na Grcija sprema Makedonija se poveke od dovolni za voen rasplet,so toa sto tie se svesni deka sme voeno (pa i ekonomski) gola voda, pa zatoa pokazuvaat muskuli,dodeka vo odnos so Turcija hrabrite Grci peat sosema druga pesna ….. i pokraj toa sto imaat proterano stotici iljadi grci od Mala Azija,nesoglasuvanjeto so granicata i cestite pomali voeni sudiri so niv smrdlivite grci imaat potpisano megju- d r z a v e n dogovor za kulturna sorabotka i zblizuvanje i megjusebna kontrola na skolstvoto t.e. da nema sirenje na omraza megju niv vo ucebnicite …. pazi bogati do kade mozele grcive da se navednat iako turcive gi iscistile od Mala Azija ……. pa sega sporedija situacijata so nas.Baska e dvolicnoto odnesuvanje na NATO i EU kon nas vo vrska so imeto i tako dalje i tako dalje…….