Молдавските херои на мимови промовираат солидарност во кризата со Ковид-19 преку комична верзија на евровизиска песна

Кадар од видео клипот „Мама, мама, седи дома“ објавен на Јутјуб од Санстроук проџект.

Оваа сторија беше оригинално објавена од новинската агенција Мета.мк, проект на Фондацијата „Метаморфозис“. Верзијата објавена подолу е преуредена во рамки на договорот за споделување содржини. Погледнете ја страницата на Глобал Војсис која го документира влијанието на Ковид-19 на глобално ниво.

Во Молдавија, поп-рок групата Санстроук проџект (Sunstroke Project) ја адаптирала својата песна „Хеј мама“, со која во 2017 г. настапија на Евровизија, со цел да пренесе едукативни пораки поврзани со пандемијата на Ковид-19.

Под наслов „Мама, мама, седи дома“ комичната верзија ги храбри граѓаните да ги почитуваат мерките за превенција препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), истовремено ширејќи позитивна енергија кон повозрасните, кои се поранливи на болеста.

Песната е испеана на руски и романски, а на Јутјуб е објавена и со титлуван превод на англиски јазик.

Романскиот е државен јазик во Молдавија, додека рускиот, украинскиот и гагаускиот имаат статус на официјални јазици на регионално ниво. Рускиот го зборуваат мнозинството граѓани од сите региони на земјата.

Молдавија, земја со 2,6 милиони жители, дo 21 април има регистрирано 2548 случаи на Ковид-19, со 70 смртни случаи. Како во повеќето други европски земји, владата има мерки за ограничување на движењето да го попречи ширењето на новиот корона-вирус, вклучително и самоизолација на најмалку две недели.

Евровизиски успех

Санстроук проџект дебитираа на натпреварот за песна на Евровизија во 2010 година со песната „Ран авеј“. Наспроти тоа што го освоија само 22-то место од 39 учесници, песната стана популарна и по настанот. Моментално нејзиниот официјален видео клип има над 10 милиони гледања на Јутјуб.

Тој евровизиски настап доведе до ширење на познатиот мим: саксофонистот Сергеј Степанов стана „Епскиот дечко со саксофон“ (Epic sax guy), кој како мим е познат до денешен ден, со десетици верзии.

Благодарение на нивната популарност на интернет, Санстроук проџект ја претставуваа Молдавија на Евросонг и во 2017 година, со песната „Хеј мама“ (“Hey Mama”) испеана на англиски јазик. Настапот повторно содржење и соло на саксофон.

Тогаш, на натпреварот кој се одржа во Киев, молдавската група го освои третото место. Тоа беше најдобар резултат за Молдавија  во историјата на Евровизија.

Во 2020 натпреварот за песна на Евровизија требаше да се одржи во Ротердам, Холандија. Но, настанот закажан за мај беше откажан поради пандемијата на Ковид-19.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.