Словачка: Ромите живеат на работ на егзистенцијата

Една од најкарактеристичните етнички малцинства во Централна Европа се Ромите. Нејасно е како толкав број од нив живеат во Словачка бидејќи во анкетите многу често се декларираат како етнички Словаци или пак етнички Унгарци.

Тие живеат во Словачка векови наназад и иако тоа е нивниот роден крај, тие сепак не се целосно интегрирани во мнозинството. На пример, на словачки „џипси“ (cigániť) значи „лаже“. Од друга страна пак, тие се популарни по својата динамична музика, а во историјата биле познати по тоа што биле одлични ковачи и терачи на коњи.

Традиционално, тие живееле во нивни заедници, а некои од нив живееле и како номади. Преживеале многубројни иницијативи за нивна асимилација во тамошното општество, а некои од нив биле спроведувани на тирански начин. Во текот на Втората светска војна нацистите убиле од 220.000 до 1.500.000 Роми.

Илегална ромска населба во Словачка. Слика од корисникот на Фликр matýsek/Matus Kacmar (Криејтив Комонс, Наведи Извор 2.0)

За време на социјалистичката ера, номадскиот начин на живот бил забранет. Наместо да живеат во вагони и гета, Ромите добиле нови станови. Една од најголемите и најпознатите ромски населби е Луник во градот Кошице.

По падот на комунизмот, слабо образуваните Роми станале жртви на невработеноста. Не биле во состојба повеќе да ги плаќаат сметките, па некои од нив ги напуштиле становите и си создале нивни нелегални колонии, до коишто јавните служби, како што се електричната енергија, канализацијата или пак градската чистота, немале никаков пристап.

Голем дел од нив, ги искористуваат социјалните служби. Еден од најголемите стереотипи за Ромите е тоа што тие „имаат многу деца поради придобивките од социјалното“ и покрај фактот што огромен број Ромчиња се згрижени во тамошните домови.

Со сиромаштијата се зголеми и криминалот. Луѓето коишто живеат близу до Ромите не можат да им се насладуваат на производите од нивните градини и ниви. Дури и дрвјата во националните паркови се сечат нелегално. Децата и старите сè почесто стануваат мета на крадците, коишто обично се малите Ромчиња кои што не можат кривично да се гонат. Недвижнините лоцирани близу до ромските населби бргу ја губат вредноста. Некои од граѓаните се трудат да се одбранат од Ромите. На пример, во селото Островани, селаните подигнаа ѕид помеѓу селото и Ромската населба- меѓутоа потегот беше бескорисен бидејќи ѕидот за младите крадци не претставуваше никаква препрека.

Медиумите се фокусираат многу повеќе на проблематичните членови на малцинството отколку на малцинството во целина. Додека пак, некои луѓе сметаат дека непријатните факти за малцинствата се прикриваат за да се одржи „социјалната хармонија“.

За среќа и покрај дискриминацијата на Ромите, постојат неколку невладини организации кои работат со Ромите. Тие ги посетуваат редовно, ги подучуваат како да ги користат парите и им укажуваат на важноста за образованието на нивните деца. Работата на Јозеф Червен (словачки), католички свештеник од Луник 9, е добар пример за таквиот труд и помагање на Ромите.

Ромска населба во Moldava nad Bodvou, Источна Словачка. Ова место се наоѓа надвор од градот и е наречено Дупка. Во поновиот дел на местото има новоизградени куќички со една соба за едно семејство. Некои од нив се чисти, бојадисани и убави. Некои се валкани и многу сиромашни. Во стариот дел има еден блок со скапани станови, а и многу колиби направени од најразлични материјали. Фотографија на Тера, авторски права © Demotix (08/22/2009).

Животот може да биде тежок и за образуваните и за „ретардираните“ членови на ромската заедница.

Блогерката Жанет Мазиниова зборуваше за нејзините искуства во едно интервју (словачки) со SME.sk. Нејзините проблеми започнале кога била во основно училиште, поточно кога нејзиното семејство се преселило во друг град и никој не сакал да се дружи со неa. Дури и нејзината наставничка до неа ги ставала да седат само слабите ученици. Како повозрасна, Мазиниова не успеала да ја задржи работата, таа продавала осигурување од врата на врата, но поради бојата на кожата купувачите не и верувале. Еднаш, келнер во ресторан одбил да ја служи, но кога таа му прозборела на француски нештата веднаш се смениле.

Исто така, Силвиа Шаркозиова, позната музичарка, изјави дека таа само индиректно се соочила со расизмот (словачки). Се сеќава како нејзината ќерка морала да ги убедува другарките дека таа е Ромка, тие не и верувале бидејќи според нив било невозможно една Ромка да биде толку талентирана музичарка.

Според извештаите на медиумите, Европската мрежа против расизмот (ЕНАР) заедно со Европската комисија пополнува жалба против Словачка поради нејзиниот неуспех да ги отстрани сите форми на расна дискриминација. Мирослав Лацко, одговорен за расизмот во Кошице, поставен од Европската мрежа против расизмот на Словачка, изјави дека „расизмот во Словачка стана дел од секојдневниот живот“ и како пример ја наведе изградбата на нова изолирана колонија за Ромите, финансирана од Словачката влада со знаењето и парите на Европската унија. „Тоа е концентрационен логор опколен со ограда“ изјави Лацко.

Иницијативата на Европската мрежа против расизмот беше нашироко коментирана на словачките интернет блогови.

Блогерката Зузана Панакова напиша (словачки):

Секој активист кој зборува за дискриминацијата треба да си купи мала куќа во едно од оние села во Источна Словачка, каде што Ромите се повеќе од 60% од тамошното население и да живеат од само од производите коишто тие самите ќе си ги засадат. Само по ова, еден активист ќе има право да се жали, секако ако сè уште мисли дека е во право… […] После една година во такви услови би сакала да му ги поставам следниве прашања: […] Кој производ којшто го засадил завршил во неговиот појадок? Дали има куче или пак некое друго животно? Дали носи солзавец или нож во неговиот џеб? […]

Следуваат коментари за написот на the SME.sk (словачки) за Европската мрежа против расизмот.

mar9:

И јас исто така имам ограда околу мојата куќа. Дали тоа ја прави концентрационен логор? Дали господинот ја знае разликата помеѓу концентрационен логор и незаградено земјиште? Одговорот е едноставен- тој гледа само кули и чувари […]

PanoramixPN:

Јас потполно се согласувам дека постои расизам во Словачка. Не се сложувам со изјавата за жртвите од расизмот. Жртвите на расизмот се белците и интегрираните Роми, коишто државата воопшто не ги штити од криминалните активности на неинтегрираниот дел на ромската заедница. […]

thomas9:

Очигледно е дека Lacko не знае ништо за концентрационите логори. Да знаеше, ќе ги споредеше Ромите во Словачка со Ромите во Република Чешка или во Унгарија, каде што некои од нив ги убиваат или спалуваат […]

Zix.exe:

[…] Јас имам мешано потекло. На прв поглед луѓето мислат дека потекнувам од некое (диво) племе, но никогаш се немам сретнато со расизам на интервју за работа, ниту во една канцеларија; тоа е чиста глупост, а исто така живеат и Ромите коишто ги познавам и тие живеат како нормални луѓе, […]. Секако дека понекогаш во дискотека или пак во бар се случува луѓето да зборуваат за тебе и да зјапаат, но остави ги, на кого му е важно тоа… […]

Дали може некој да ми објасни што Словачка им должи на Ромите? Што им должи Европа? Чија вина е тоа што тие живеат како животни? Многу повеќе Евреи умреа во Втората светска војна и никој не им даде ништо. Ромите живеат тука веќе неколку векови, не дојдоа тука вчера, а сепак сè уште живеат на ист начин.

Како што погоре кажав, јас имам Роми во моето семејство, но не ги разбирам како можат да живеат така, во таа нечистотија, без образование, каков живот е тоа?

Мојата баба имаше своја куќа, градина и чуваше животни, мојот дедо свиреше на забавите и имаа пари исто колку и „белците“. Мојата баба израсна четири деца и сите завршија школо во главниот град, а тоа ги чинеше многу време. […]

[…]

Бидејќи генетски јас сум половина Ром, заинтересиран сум дали Господинот би сакал да ми помогне и да ми го плати станбениот кредит, кредитот за кола или пак, дали државата би ми купила земјиште или куќа […]. […] Работам како луд […] за 500-тини евра и никој не дојде на моите врата да ми пружи помош- мислат само на оние кои никогаш не работеле во животот […]. […]

anfield road nema rad cenzuru:

Ако во оваа жалба биде спомената француската депортација на странците, тогаш не гледам проблем во тоа што и Словачка е спомената во жалбата.

Timmy_A:

Сметам дека ваквите обвинувања само ќе ја зголемат омразата меѓу луѓето.

xeon:

Следната работа е тоа што „белците“ не им даваат работа на Ромите. Ситуацијата со вработувањата во Словачка е многу лоша (колку повеќе источно одите, толку е полоша ситуацијата). Еднаш ми се случи да се потпишам во канцеларијата за вработување. Одев таму два месеци додека да најдам работа (којашто ја работам уште и после току години). При секое одење во канцеларијата беше истото- потпиши тука, тука и тука… за несреќа, секогаш го велеа истото, нема работа- дојди за две недели. Само еднаш беше различно- кога ги потпишував документите […] во собата влезе Ромка заедно со нејзиниот маж и почна да удира по масата: „Дајте ми работа! Сакам работа!“ Службеникот ѝ го кажа истото што ми го кажа и мене, и на сите други- дека за жал, нема работа. После тоа, Ромката му кажа на нејзиниот маж да го снима со камера. „Тие не сакаат да ми дадат работа- дискриминација! Ние одиме во Англија да бараме азил!“ Се чувствував како учесник во реално шоу.

rippen:

Словаци=расисти
Не верувам во ова- дури ни на забавите каде што Ромите свиреле се сомневам дека на Словаците им се допаднала музиката и играле на неа.

zmok1:

Повеќето Словаци немаат ништо против Ромите… И најинтересно е тоа што агресивните, асоцијални паразити ги тормозат не само „белците“, туку и оние Роми коишто се однесуваат добро и се социјализирани. Би ми било многу мило доколку господата и дамите од организациите за човекови права би ми го објасниле овој феномен- дали и тие Роми се расисти?

123abc:

Неверојатно. Државата ќе гради нови куќи и ќе ги преселува тие луѓе коишто живеат во мизерни услови во нив? И покрај тоа г-дин Лацко смета дека тие се дискриминирани, па дури ќе поднесува и жалба во Брисел поради нив.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.