- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Таџикистан: Неправична распределба на богатството

Категории: Централна Азија и Кавказ, Таџикистан, Економија и бизнис, Политика, Работа

Речиси е невозможно да се има профитабилен бизнис во Таџикистан доколку се придржувате кон сите правила и прописи утврдени од државата. Луѓето огорчено се шегуваат дека најлесниот начин да се стане богат човек е да се стане владино лице или лице блиско до владата. Можеби тоа е вистина, бидејќи ви дава еден вид на „имунитет“на проверките, конкуренцијата и можното гонење – колку повисока позиција имате, толку повеќе може да добиете.
Нова Евроазија го резимира [1] истражувањето на Агенцијата Авеста Њуз за најбогатите луѓе во Таџикистан:

Ако сте богат човек кој живее во Таџикистан, тоа значи дека или сте (1) владино лице, (2) поранешно владино лице, (3) бизнисмен кој затајува данок, (4) естрадна ѕвезда, или (5) шверцер на дрога. Ако не сте владино лице, а сте богат, тоа значи дека имате „криша“ („грб“, односно заштита од некое владино лице).

Извештајот покажува – а тоа е релативно точно – дека дури и за да се стане популарна естрадна ѕвезда треба да се има неофицијална поддршка од некој во владата. Во еден друг напис Нова Евроазија разговара [2] за бизнисот во Таџикистан:

Твојот „криша“ може да биде криминалец, висок службеник во владата, особено во агенциите за спроведување на законот или воен водач. Подобро е да се има „криша“ во службите за спроведување на законот или од владата бидејќи криминалците и поранешните воени команданти повеќе не се толку влијателни во Таџикистан [сега].

Тојвар дава мислење [3] [taj] за „списокот на најбогатите Таџикистанци“:

Владините претставници на Таџикистан никогаш не го откриваат своето богатство и велат дека живеат од нивната официјална месечна плата – 200 долари – иако ова не е доволно во главниот град. Моeто прашање: Зошто тие да имаат толкаво богатство, а јас да бидам емигрант на работа во Русија?

Да бидеме искрени, треба да се признае дека оние што сега засега уживаат во придобивките, ги демне постојан ризик да им пропадне бизнисот со секој нов развој на настаните при распределбата на имот меѓу елитите; без оглед на тоа колку е влијателен твојот заштитник во владините структури, може да го изгубиш и имунитетот и имотот. Минатата недела, еден од најуспешните бизнисмени во Таџикистан – Маруф Орифов беше осуден од Врховниот суд на 8,5 години затворска казна и му беше конфискуван имотот поради наводно нудење поткуп и даночно затајување. Тој беше сопственик на најголемиот малопродажен синџир „Орима“ во Душанбе.

Џон Мушара во Таџикистан џурнал го опишува [4] неговото искуство од шопингот во Орима, додека Равшан мисли [5] [rus] дека одлуката на Врховниот суд била премногу сурова и негативно би влијаела врз климата за инвестирање во земјата. Во секој случај, многумина во Таџикистан се сомневаат дека ова судење не е ништо друго туку напад со намера да се преземе нечиј туѓ лукративен бизнис. Таџекономи го дели [6] [rus] ова мислење и елаборира:

Главната интрига овде е – кој ќе ја приватизира Орима? Доколку процесот навистина бил монтиран со цел да се преземе синџирот „Орима“, идниот сопственик (или заштитникот на тоа лице) би можел да се смета да мозок на тој монтиран судски процес. Доколку процесот е навистина монтиран, кој би имал толкава моќ и средства за манипулација на органите за спроведување на законот?