- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Ирански блогер се бори за здравје и слобода по 18 дена штрајк со глад

Категории: Среден Исток и Западна Африка, Иран, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Слобода на говор, Цензура, Човекови права, Адвокс

Можеби ова е последна објава, но јас сум решен да ја добијам мојата слобода, бидејќи сум невин.
Одговор на мислењата не значи затвор.

Затворениот активист и блогер против цензура, Хусеин Ронаги Малеки [3], се бори за своето здравје и слобода. Тој на 26 март започнал со штрајк со глад, и протестира поради одбивањето на затворските власти да му дадат соодветна медицинска грижа, и бара да биде ослободен. Неговата здравствена состојба сега се влошува брзо.

Според една преписка меѓу таткото на Малеки и Меѓународната кампања за човекови права во Иран (ICHRI) [4], властите „му се заканиле дека ако неговото семејство крене врева за овој случај, тој ќе биде префрлен во затворот Раџаи Шар“, кој се наоѓа во северниот град Карај. Раџаи Шар е познат по лошите услови [5],  особено за политичките затвореници. Претходните извештаи [6] укажуваат дека таму посетите лице в лице се ограничени, па дури и невозможни.

Овој четврток, на 14 април, ќе се одбележи 20-от ден од штрајкот со глад на Малеки. Поддржувачите ја повикуваат глобалната заедница на активисти и технолози, кои се залагаат за слобода на изразување и пристап до информации, да го кренат својот глас за Малеки, со користење на хаштагот  #NoJail4Hossein [7].

Малеки пишувал блогови под псевдонимот Бабак Корамдин, името на античкиот персиски борец за слобода на Азербеџан (Малеки по националност е ирански Азербејџанец). Тој исто така е компјутерски програмер кој работел активно на создавање веб страници со цел да ја ограничи онлајн цензурата.

Мрежите на меѓународните актери кои работат на Интернет слобода и изградба на нови иновативни начини за Иранците да имаат пристап кон Интернет се многубројни. Малеки игра голема улога во оваа заедница, но за разлика од неговите колеги активисти, тој директно се впушти во огнот.

Малеки е уапсен во декември 2009, шест месеци по спорните претседателски избори во Иран. Тој веднаш бил префрлен во злогласениот затвор Евин, каде отслужил 376 дена во самица, пред судењето во 2010 година. Ова довело до 15 годишна затворска казна [8] под обвинение за „ширење пропаганда против режимот“, членство во Интернет групата  Iran Proxy [9]” и „навреда на иранскиот врховен лидер и претседател“.

 

Главното обвинение против мене е бранењето на слободата на говорот (против цензурата) за што ми доделија 10-г затворска казна.

Малеки е ослободен во 2015 на привремено шестмесечно отсутво за да добие медицинска грижа заради откажување на бубрезите, но е вратен во затвор на 19 јануари 2016. Тој е вратен во затвор и покрај препораките [4] од стручњак од судска медицина дека тој не може да го издржи иранскиот затворски систем заради неговата здравствена состојба. Одбивањето на медицинска грижа е рутинска пракса за политичките затвореници и затворениците на совеста.

Тимовите од Глобал Војсис Адвокс и Иран ги охрабруваат поддржувачите да дадат колку што можат повеќе внимание на Малеки со споделување на неговиот случај на социјалните мрежи, користејќи хаштаг  #NoJail4Hossein [7]. Жалбите исто можат да бидат пратени со означување на претседателот Хасан Рохани или врховниот лидер. Твитовите на англиски треба да бидат пратени на @HassanRouhani [12] и @Khamenei_ir. [13]  Твитовите на персиски треба да бидат пратени на @Rouhani_ir [14] и @Khamenei_fa [15].