Бугарија, Македонија: Војна за историјата преку блогови

Односите на Бугарија и Македонија се исто толку комплексни и несфатливи како и оние помеѓу Грција и Македонија, иако не добива големо медиумско изложување. Главниот проблем помеѓу Софија и Скопје е повторно историјата.

Според Бугарите, Македонците биле дел од бугарската нација до почетокот на 20тиот век, кога голем дел од Македонија со Балканските војни потпадна под српска доминација. Тогаш, поради политиката на Србија за регионот и доктрината на македонизмот, се случија промени во размислувањата на локалната популација, водејќи до формирање на македонската нација. Ставовите на Коминтерн и Сталин за ова прашање имаа голем удел во резултатот.

Македонците, од друга страна, се сметаат за комплетно посебна нација, наследници на древни народи. Тие го обвинуваат својот сосед Бугарија за заземање на делови од нивната земја и тврдат дека Софија се обидува да присвои делови од македонската историја, како на пример: цар Самуил, Свети Климент Охридски, револуционерот Гоце Делчев итн.

Бугарите упатуваат слични обвинувања кон Македонија.

Спорот се повеќе се влошува со стравот на Македонија дека Софија се обидува да ги “присвои” Македонците, додека Бугарите се сомневаат дека неговиот сосед се обидува да го грабне регионот Пирин, кој е дел од Голема Македонија.

Сите овие контрадикции се префрлија во виртуелниот простор и со тоа се започна постојана војна за историјата помеѓу бугарските и македонските блогери – војна која често ги пречекорува правилата на “бон тон”. Бугарската блогосфера, исто така, дебатира околу ставот на Бугарија кон Македонија.

Блогерот Петар Стојков пишува (BUL):

Неколку аргументи околу тоа дали Македонија е или била дел од Бугарија, дали постои македонски јазик, националност, македонското прашање и националниот интерес на Бугарија за Македонија… Историчарите, политичарите и, најважно од се, интернет мороните се натпреваруваат во кажување глупости на оваа тема, како од оваа ситуација да им зависи животот.[…]

Дали Македонија е бугарска?

Не, не е бугарска, таа е македонска. И ќе ви кажам зошто, но претходно ќе се навратам во историјата. Во 2001 година, во Австралија се случи вообичаен попис на населението. Поточно, тогаш беше прикажана епизода на Ѕвездени патеки и како што знаете постојат многу луѓе кои го обожаваат овој филм. Со тоа, во полето за “етничка припадност” во прашалниците на пописот, некои луѓе имаа наведено “џедаи”… […] Како ова е поврзано со Македонија? Доколку Македонците сакаат себеси да се нарекуваат Македонци, тие имаат неоспорно право на тоа.

[…]

Значи што ќе правиме со македонското прашање?

На некој начин, мило ми е што Македонија не е дел од Бугарија и дека пред многу години беше одделена од Бугарија и доделена на Југославија. Бугарија, како што нашите политичари секогаш сакаат да кажат, “е центар на стабилноста на Балканот” – постојано има немири околу нас, имаше војни и поделба на Југославија, случувањата на Косово, Грците војуваа со Турците за Кипар, Турците војуваат со Курдите, тие дури ја поминаа и границата на Ирак, пред пет години Албанците направија нешто слично на револуција во Македонија, каде имаше и вооружени пресметки.

Доколку Македонија беше дел од Бугарија, ние ќе бевме вклучени во ова лудило.

Друг прочуен блогер, Петар Добрев, одговара (BUL):

“Македонија е подлога на бугарскиот национален дух. Дури и да води кон нејзино пропаѓање, ние никогаш нема да се откажеме од борбата за нејзино ослободување. ” Ова беше насловот кој се појави во тогашниот распространет весник Утро, баш пред почетокот на Балканската војна. Ова беше доминантно мислење до 1944 (кога комунистите ја превземаа моќта во Бугарија). Меѓутоа, денес, без разлика на фактот дека Бугарија треба да ги напушти идеолошките ставови на тоталитаризмот, меморијата за Македонија има избледено толку многу што преминува во крајности.[…]

Не е ни чудно што блогерот Петар Стојков смета дека не постои македонско прашање, дека Македонија е македонска и секој што го мисли спротивното е “интернет морон.”

[…]

Секој има право на самоопределување, дали како Џедаи, Еским или Македонец. Меѓутоа, кога станува збор за прашање од национално значење, причина за губење на илјадници животи и прашање кое ги смени животите на половина од народот, подобро е да се зборува со знаење и разбирање. Потребно е да се оддели личното мислење од реалните историски факти…

[…]

Како што сите денес знаат дека Александар Велики бил Грк, неоспорен е фактот дека сите лидери на македонските организации после 1878 (годината на Берлинскиот конгрес и ослободувањето/еманципацијата на Бугарија) биле Бугари. Овие лидери, како и целиот народ, секогаш се декларирале себеси за Бугари и така се гледани од странските набљудувачи. Сите странски набљудувачи, вклучувајќи ги и српските.

Овие два става го сумираат социјалниот став кон Македонија. Мнозинството од Бугари немаат побарувања од нивниот сосед, ниту сакаат да се вмешаат во внатрешните работи, но многумина се иритирани од заканите на Македонија за откажување од дел од нивната историја и сакаат да се дознае вистинската историја. Слични искази има и во Македонија.

Во една од битките помеѓу македонските и бугарските блогери, блогерот Ивица Антески го напиша следниов текст на неговиот АНТИблог (MKD):

Ако не се согласуваат бугарската и македонската „вистина”, тоа значи дека не се вистини (или барем едната од нив). Проста логика. А во судницата, кога двајца сведоци даваат спротивставени искази, тоа се решава со нивно соочување. Ама историчариве никако да се соочат. Попрво ние блогерите ќе се поколеме на Интернет, отколку тие, на кои тоа им е работа, да ги надминат дискусиите со моќта на аргументите.[…]

Научници, историчари, филолози, академици, слависти (македонски и бугарски)!!! Дај седнете заедно и кажете ни што е проблемот. Договорете се! Заборавете дека сте Македонци или Бугари – научникот нема националност. Вистината и фактите му се националност. Расчистете ги проблемите.

Во една таква атмосфера, на 31 март, неколку дена пред самитот на НАТО, софиската фондација Манфред Ворнер и Атлантскиот клуб на Бугарија претставија брошура наречена “Бугарската политика кон Република Македонија,” која беше напишана од научници по бугарска историја, балканските земји и дипломати.


Фотографија: komitata.blogspot.com (CC 3.0)

Целта на публикацијата е за понатамошна употреба во процесот на дефинирање на понатамошната политика помеѓу Македонија и Бугарија. Блогерот Константин Павлов, кој присуствуваше на презентацијата, го објави следниов извештај (BUL):

Република Македонија е пред вклучување во ЕУ и НАТО. Кога точно ќе се случи тоа, се уште не е одредено. Проблемот лежи во фактот дека, вообичаено за спорот меѓу Македонија и Грција, повеќето од независните политичари и набљудувачи ја заземаат страната на Македонија, без притоа да размислат. (Давид и Голијат). Иако расправата околу името создава симпатии кон Македонија, аргументите кои ги користат за древна Македонија, која има преживеано до денешен ден, за “автохтоното” македонско население, кое било “поробено” и “асимилирано” од неговите лоши соседи, вклучувајќи ги и “лошите Бугари”, успеваат кај луѓето кои ја симпатизираат Македонија. Овие симпатии може да доведат до екстремно негативни последици за Бугарија, како на пример “откажување од” националниот празник 24 мај […]. По се изгледа книгата на оваа тема не е лоша (немав нерви да ја прочитам) и, за жал, е напишана на комплексен, квазинаучен јазик со не многу јасни тези. Резултатот е скоро спротивен на бараната цел – да се напише јасна, концизна и недвосмислена логичка (правилна, победничка) политика на Бугарија кон предизвиците кои доаѓаат од Македонија. Меѓутоа, тоа не е постигнато.

Читајќи ја книгата и извештајот на Павлов, македонскиот блогер Волан напиша (MKD):

Од корицата на книгата јасно се забележува желбата на бугарската политика … “еден народ – две држави“ …

Очигледно е дека проблемите помеѓу Скопје и Софија нема да бидат решени се додека не се напушти пристапот на Балканот кон историјата како кон имот и се додека се дели на “мое” и “твое”,во овој случај на “македонско” и “бугарско”.

14 коментари

  • Dule

    Ne se cuvstvuvam bugarin i ne sum bil bugarin.Bez razlika sto znam bugarski ucam vo Bugarija i imam prijateli.

  • Ненад

    Јас до сега не сум сретнал некој што зборува на македонски јазик и што живее во Македонија да се изјаснува дека е Бугарин или пак дека се пишмани во врска со тоа. Како не ви е срам да го тврдите тоа, а пак не сте дошле во Македонија лично да ги потпрашате граѓаните дали се изјаснуваат како Македонци или не? Има и други националности, ама поголемиот дел не само што се чувствуваат Македонци, туку и не искажуваат сомнежи во врска со чувството коешто го носат со себе. Јас во Бугарија имам запознаено Македонец што живее во Петрич и тој воопшто не се пишмани за неговата етничка припадност – Македонец. Мислам, зошто се занесувате со бугаризмот? Ништо нема да постигнете со тоа, само ќе проширите уште поголема омраза меѓу соседите. Ако тоа ви смета и сакате да ни укажете „која е вистината“, бидејќи немате друга работа, повелете во Македонија! Што е ова надизање оддалеку? Каде е вашиот активизам за „ослободување на Македонија“? Седејќи ли ќе направите нешто или така ви е полесно, на столче пред монитор? Мислам Македонија постои како држава, каква-таква со купишта проблеми, како и македонскиот народ, така што не ни е потребно никакво дополнително заморување со вашиот шовинизам. Едноставно, ништо не ни значат вашите „исторически“ вистини, тие се само ваши, а не се и наши. Браќа можат да ни бидат само оние кои не признаваат за Македонци, како и јазикот што го зборуваме, а оној што нè разнебитува не го сметаме за ништо, па затоа го игнорираме како да не постои.

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.