- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Фејсбук го отстранил личниот профил на Министерство за внатрешни работи на Република Македонија

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Владеење, Дигитален активизам, Закон, Историја, Медиуми и новинарство, Политика, Слобода на говор, Технологија, Човекови права

На 8 април 2009 година македонскиот портал IT.com.mk извести [1] дека Фејсбук донел решение да го укине личниот профил на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (МВР) [2] поради нарушување на правилата за користење на сервисот.

Наводно, меѓу причините за укинувањето било тоа што профилите како форма за комуникација се наменети само за лична и некомерцијална употреба од страна на физички лица, тоа што на профилот биле поставени вознемирувачки фотографии како со посмртни останки на жртви на криминал, како и можноста за загрозување на приватноста на индивидуалните корисници на Фејсбук.

Поставувањето на личен профил на МВР на Фејсбук, а особено неговото укинување, предизвика внимание кај дел од македонската јавност.

По објавувањето на профилот, Утрински весник на 4 април 2009 г. пренесе изјави [3] од новинари, корисници на Фејсбук, кои во голем број биле поканети да станат „пријатели“ со МВР. Новинарите тој чин го перципирале како можност за нарушување на нивната приватност, оти по „спријателувањето“ администраторот на профилот ќе има можност да ги следи сите нивни активности на овој социјален медиум.

Надвор од светот на интернет, слични стравувања неодамна беа изнесени и од весникот Дневник, којшто на 14 февруари извести [4] дека вработен во МВР од редакцијата неколкупати барал список со броеви на мобилни телефони новинари кои пишуваат за политички или општествени теми. Овој скандал заврши со јавно извинување [5] од МВР.

Во иницијалнта изјава за Утрински весник, официјалните претставници на МВР рекле дека се работи за „неофицијално“ средство за комуникација чија цел е полицијата да стане поблиска до граѓаните.

Во текот на викендот, некои граѓани ја искористија можноста преку профилот да прашаат каде може да пријават кршење на Уставот и Законот за македонски јазик, според кои јавната комуникација на државните тела мора да се спроведува според определени лингвистички стандарди – алудирајќи на тоа што наместо кирилица на профилот била употребувана латиница и текстот не е лекториран. Наместо да добијат одговор, ваквите прашања беа просто избришани од администраторот на профилот чие име засега е непознато за јавноста.

Квалификувајќи ја иницијативата како „тежок аматеризам“, блогерката Виртуелна посочи [6] на парадоксот како официјална институција може да тврди дека комуницира неофицијално, додавајќи:

[…]нека кажат јавно кој точно стои зад профилот. Искрено, мене страшно многу би ме интересирало кој државен службеник вработен во МВР ги троши моите и вашите даночни пари за целодневно „фејсбукување“, дека промените на профилот се прават во секунда (во тек на работно време), што значи „некој постојано демне…“ Еве на пример, јас сум прогласена за Сајбер[-зависник] од дечко ми… Нека ми дава мене МВР државна плата и нема никаков проблем, не само работни 8 часа ќе фејсам во нивно име, туку ветувам дека ќе бидам активна и на Facebook Chat, а способна сум и да оддржувам неколку профили симултано!!!
[…]
Плус, на профилот има фотографии кои се сигурно извадени од некоја архива на МВР. Не треба некој да побара специјална дозвола за тоа? Или нема гајле, се што ќе најдеш на серверите на работа – сподели[…]

Утрински весник на 8 април ја пренесе изјавата [7] на Дамјан Арсовски, уредникот на IT.com.mk:

Идејата за да стапам во контакт беше затоа што во медиумите прочитав дека било в ред според нашите закони МВР да има профил, а никој не спомна ништо за тоа дали е в ред ’Фејсбук‘ да биде користен од страна на МВР и дали некој ги почитува правилата…

Околу укинувањето на профилот на МВР се огласил и Јанко Илковски, водителот на провладината контактна ТВ емисија „Јади бурек“, познат по повикот за акција против мирниот протест на група граѓани незадоволни од одлуката на Владата со државни пари да изгради нова црква во Скопје. „Контрапротестот“на 28 март прерасна во насилен инцидент [8], при што полицијата не ја спречи толпата поддржувачи на владината одлука да претепа неколку студенти. Илковски во емисијата од 7 април го оквалификувал обраќањето до Фејсбук како форма на „кодошење“, неколку пати потенцирајќи го името на човекот кој се осудил да го сврти вниманието на странската компанија кон профилот на МВР.

Коментаторите во комерцијалните медиуми и блогерите блиски до власта моментно водат кампања [9] против сите кои за проблемите во земјата зборуваат во странство, при што таквиот чин се изедначува со предавство.

Претставникот на НВО Центар за нови медиуми [10] Дарко Булдиоски во изјава за Радио Слободна Европа посочи [11] дека отворањето на профил без претходно да се прочитаат условите за користење е веројатно резултат на незнаење од страна на одговорните службеници на МВР.

Самиот Фејсбук не забранува на правни лица и институции да имаат присуство на платформата, но не преку личен профил, туку со одржување на ткн. страница (page) или преку изнајмување рекламен простор. Така тие може да се презентираат информации, но со далеку поограничени можности за нарушување на приватноста на индивидуалните корисници.

Заштитата на приватноста е исклучително важна тема во Македонија, земја која сè уште се бори со наследството од тоталитарниот режим во кој полицискиот систем на следење и известување на „сомнителни“ граѓани покрај технолошко прислушкување опфаќал и регрутирање на роднини, пријатели и колеги кои требало да ги известуваат властите за секој нивни чекор. Во извадок од книгата „Комунистичка интима“ објавен [12] на порталот Окно.мк писателката и професорка Јасна Котеска го пренесува трагичното искуство на нејзиното семејство поради тоа што нејзиниот татко, поетот Јован Котески [13], четири децении бил жртва на таков надзор:

Кога ќе ја погледнете оваа дифузија на власта и нејзиното најперфидно пенетрирање во интимниот свет, преку вашите пријатели, не можете а да не се прашате, каде е границата? Некои пријателки на мајка ми, а сопруги на нашите поети, во досието се, исто така, разобличени како доушници. Каде завршува списокот? Какво изненадување ве чека зад црните фломастери што ги кријат другите идентитети?