Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Куба: Црна пролет, девет години подоцна

Кубанската Црна пролет е термин кој се користи за строгите владини мерки против дисидентите во 2003 година. Оваа година се одбележува девет годишнината. Седумдесет и пет луѓе беа затворени во акцијата под обвинение дека се агенти на САД.

Сите политички затвореници фатени за време на Црната пролет беа ослободени, почнувајќи во 2010, со тоа што  единствен услов за нивно ослободување беше да бидат протерани во Шпанија. Дисидентите кои ги одбија овие услови беа последните кои се ослободени.

Неправдата на казните инспирираше формирање на најпознатата и најпочитувана опозициска група во Куба, Дамите во бело (Las Damas de Blanco), составена од сопругите и други женски роднини на дисидентите, кои преку мирни протести лобираа за нивно ослободување.

Девет годишнината од Црната пролет ги потсети блогерите во Куба за нивата историја и ги натера да се прашаат дали нешто суштински е сменето – посебно во врска со претстојната посета на Папата и очигледната неспособност на бискупите да се сретнат со опозициските групи за да ја дискутираат состојбата со човековите права.

Реиналдо Ескобар во Транслејтинг Куба, пишува:

На девет годишнината од Црната пролет во 2003, и на претстојната посета на папата Бенедикт XVI на Куба, кубанската политичка полиција ги засили репресивните мерки врз Дамите вo бело.

Не е чудно што државните безбедносни органи делуваат како да донеле пресуда против која црковните власти нема да протестираат. Остава впечаток дека е постигнат договор, или ќе се постигне, меѓу владата и Католичката црква, според кој полицијата може слободно да врши притисок, а религиските водичи можат слободно да ја вршат својата духовна дејност. Ќе има повеќе поворки, повеќе дозволи за повторна изградба на цркви, семинари и конвенции, во замена за обврска дека ќе се гледа само кон рајот.

За среќа, вербата не зависи од овие грешки. Она што ќе биде долготрајно оштетено е влијанието на Католичката црква во иднина без диктаторски режим.

Педасос да ла Исла смета дека девет години подоцна, казните продолжуваат:

На девет годишнината од кубанската Црна пролет (кога 75 дисиденти беа уапсени и осудени на долги затворски казни во 2003) и само една недела пред посетата на папата Бенедикт XVI на островот, многу активисти за човекови права беа потиснати и уапсени, а посебно Дамите во бело кои минатата недела сакаа да одат на миса во нивните локални цркви. Овој бран на потиснување се почувствува и во градот Пинар Дел Рио..

Додека Белешки од кубанскиот оддел за прогон се прашува дали е неизбежна друга Црна пролет, друг автор од Транслејтинг Куба и еден од 75-мината уапсени во Црната пролет, Хуан Адолфо Фернандез Саинз, споделува трогателна приказна:

Истиот ден, 18 март 2003, бев во кинескиот кварт во Хавана да споделам идеи со колегите од независниот печат. Зборувавме за војната во Ирак која беше прогласена унилатерално и без силна меѓународна поддршка која постоеше за операцијата Пустинска бура по инвазијата на Садам Хусеин на Кувајт.

Како и претходниот ден многу противници беа уапсени, тогаш си помислив да запалам некои документи, но сепак се предомислив. Мои написи, коментари, кои ги пишував за да ги објавам. Тоа се моите гледишта и јас немав што да кријам. Не се чувствував виновен. Претпладнето на деветнаесетти мојата куќа беше детално претресена.

Мојата соба беше полна со војници до утрото. Забележав дека луѓето кои влегле во мојот дом не знаеја ништо за нас. Претходно некој ги излажал. За нив јас бев предавник и странски шпиун.

За време на истрагата беше исто. Тие мислеа дека јас работам за американската влада… Заклучив дека тие не беа ни заинтересирани да ја дознаат вистината, туку сакаа само да не обвинат.

Казната беше страшна. Еден ден во затворот се забавував собирајќи ги годините казна за сите 75;  имавме околу 1500 години, во просек дваесет години за секој. Никој од нас не извршил никакво насилство. Имаше лоши бранови на угнетување, но ништо толку сурово против граѓанска и мирна опозиција. Сите поголеми проекти предложени од противниците имаа за цел мирна транзиција кон демократијата.

Поминав седум години во затвор и не жалам. Ја избрав најлесната опција и заминав во странство. Но, им дадов поддршка на оние кои одлучија да останат. Моја е одлуката да го правам она што ми го налага совеста, а тоа е да ја поддржам битката која ја избравме. Да не наметнувам никаква идеја. Ги знам, тие го сакаат најдоброто за Куба.

Сликата од оваа објава е од dumplife (Михај Романциуц), под покровителство на Криејтив Комонс лиценците, Сподели под исти услови-некомерцијално 2.0 (CC BY-NC 2.0). Посетете го профилот на Фликр на dumplife (Михај Романциуц).

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.