Унгарија: Збогум, Малев!

Малев, унгарската државна авиокомпанија основана во 1946 година, се затвори на 3 февруари 2012 поради банкрот. Според унгарските вести, вработените во авиокомпанијата биле информирани за затворањето само еден час однапред. Некои патници дознале за веста кога се обиделе да се пријават на аеродромот „Франц Лист“ во Будимпешта.

Унгарските граѓани беа шокирани од вестите, бидејќи и покрај добро познатата лоша финансиска состојба на националниот превозник, последните неколку недели се преговараа плановите за спасување на Малев. Многумина тврдеа дека причината за лошата судбина на компанијата е лошиот финансиски менаџмент. Во јануари, дури и државната парична помош за авиокомпанијата во периодот од 2007 до 2010 година беше оценета како нелегална од Европската комисија. На крајот, бизнис партнерите ја изгубија довербата во компанијата, и ова ја наруши рамнотежата кога во петокот аеродромите во Даблин и Тел Авив одбија да дадат дозвола за полетување за летовите на Малев.


Реклама на Малев, музика: Габор Пресер

Според блогот A REPÜLÉS Szakmai (професионалниот блог на авијацијата), Малев за последен пат слета во Будимпешта во петок во 08:46 според универзално време (09:46 наутро во Унгарија), пристигнувајќи од Хелсинки. Зборовите кои пилотот им ги кажал на контролорите на летање се споделени од страна на унгарските сајбер-граѓани преку повеќе сајтови за споделување на звук и видео:

Пилот: Во име на екипажот на последниот лет на Малев, би сакале да ви се заблагодариме за добрата, долгогодишна соработка. Догледање.
Контролор на летање: Ние, исто така, ви се заблагодаруваме и ви посакуваме добар одмор, се надевам дека ќе се сретнеме.
Пилот: Се надевам, под некое различно име.

Според AIRportal.hu, во петокот вечерта, 14 авиони на Малев биле вратени на нивниот закуподавец ILFC (Меѓународната финансиска корпорација) на аеродром во Ирска. (Овде видете ги сликите од авионите на Малев на аеродромот Шенон во Ирска.)

Ксаба Деметер, еден од пилотите коишто ги враќаа авионите, ја сподели својата приказна на Фејсбук:

[…] Околу полноќ пристигнавме на EINN [код за аеродромот Шенон, Ирска], слетавме еден по друг и се распоредивме убаво, за да го поздравиме на овој начин изминатиот период. Сопиравме еден по друг, на патот помеѓу паркингот и пистата, на просторот за паркинг, ги запревме, ги испразнивме и ги исклучивме светлата, нашите авиони беа во темнината. Тоа беше ужасно чувство, МОРАВМЕ ДА ГИ ОСТАВИМЕ ТАМУ. Се надевавме на повик [што ќе гласи] ДОЈДЕТЕ ДОМА СО АВИОНИТЕ, ова беше само сон или лоша шега. Но, не дојде никаков повик. ТИЕ ОСТАНАА ТАМУ. Сите. 🙁 […]

Луѓето ги споделија нивните мисли за тажната судбина на националниот превозник. Сеќавањата на Ксаба на блогот Fékszárny зборуваат најдобро за тоа што Малев значела за граѓаните на оваа мала земја во Централна Европа:

Многу летав со нив, имам и добри и лоши искуства. Не би зборувал за нив бидејќи тука нема ништо посебно. Причината зошто толку многу сакав да патувам со Малев и отсекогаш уживаа приоритет за разлика од другите е бидејќи беа НАШИ. Кога бев долго време далеку од дома тие беа првите знаци за доаѓање дома. Споменатата бело-сина слика со унгарската тробојка, поздравот на вратата и унгарските весници. Обично останував 2-3 недели во странство и тоа, не во градови и во удобни хотели, туку во пустини и други прекрасни места. Па така, враќањето дома отсекогаш ми беше голема радост и првиот гласник за тоа беше екипажот на летот на Малев. После долго, стресно патување дури очите ми се наполнија со солзи кога слетувавме на Ферихеги [аеродромот]. Беше многу лошо [чувство] да се гледаат сликите и да се читаат вестите на интернет. Да се надеваме дека не е сè изгубено, би било убаво да се видат црвено-бело-зелените авиони повторно.

Ксаба

Според блогот Véleményvezér, националниот превозник „се најде во совршената бура“ на унгарската економска динамика:

[…] Малев влезе во совршената бура од оваа перспектива: требаше да преживее речиси деценија на економска стагнација, како и деценија на лошо управување; во меѓувреме двата феномена се засилија меѓусебно. Компанијата не преживеа и ова е уште еден неизбежен неуспех на нашите соништа и визии за водечката позиција на Будимпешта и Унгарија во регионот.

Додека не се основа нов унгарски превозник, од страницата за вести Ориго известуваат дека пилотите од „Malév Hungarian Airlines Virtual“ ќе продолжат да „летаат“ со знаците за идентификација на Малев.

Малечка слика и фотографија од авион на Малев, од корисникот на Фликр hugovk (CC BY-NC-SA 2.0).

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.