- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Костарика: Парада на кравите и видеозаписи на интернет

Категории: Латинска Америка, Костарика, Владеење, Граѓански медиуми, Уметност и култура

Café con leche - Cow Parade Costa Rica 2008 photo by mdverde
Café con leche – Парада на крави,Костарика 2008

фотографија од mdverde [1]

Парадата на крави [2] себеси се нарекува најголем јавен уметнички настан во светот, а тоа што беше избран да биде домаќин на легијата на крави секако е голема работа за главниот град Сан Хозе, ако се имаат предвид стандардите на малата Костарика. На веб-сајтот АмелијаРуеда.ком [es] [3], низ серија од видеозаписи на интернет и преку ЈуТјуб се информираше публиката на сајтот за доаѓањето и заминувањето на 120-те крави и локалните уметници задолжени за нивно декорирање по повод настанот.

Серијата од интернет видеозаписи посветена на прикажување на процесот на пристигнувањето на кравата во градот не е единствениот продукт што АмелијаРуеда.ком го дистрибуира преку интернет: откако започнаа со оваа задача на создавање интернет содржини пред два месеци, повеќе од 14 видеозаписи беа качени и ослободени преку лиценцата Криејтив комонс. Амелија Руеда, имењак на веб-сајтот и блогер, е еден од највлијателните новинари во Костарика, и според Кристијан Камбронеро [es] [4] кој ги создаде и качи видеозаписите на интернет, ова е уште еден чекор напред кон мрежното новинарство кое Амелија Руеда го промовираше во текот на нејзината кариера, простор во кој корисниците обезбедуваат видеозаписи, материјали и каде тие се витален дел од составувањето на вести кои им значат.

Новинарот и блогер Кристијан Камбронеро [5], од Фусил де Чиспас [6], ми кажа нешто повеќе околу новинарската работа на АмелијаРуеда.ком. Во Костарика, до неодамна, не се создаваа никакви содржини за интернет од областа на оригинално видео новинарство и тоа е всушност празнината која што сакаат да ја пополнат преку создавање на кратки видеозаписи со еден наслов и живописен јазик и ризично уредништво, наместо адаптација или едноставно качување на содржини наменети за телевизија. Видеозаписите беа качени на ЈуТјуб, и на веб-сајтот. Нема намери за иницирање на медиумска кампања за привлекување луѓе на веб-сајтот, засега тие се само во почетната фаза на добивање посети од луѓе кои можат да го препорачаат веб-сајтот или да поставуваат линкови до видеозаписите: што воопшто не се разликува од еден анонимен блогер кој почнува да пишува блог и полека почнува да собира читатели.

Видеозаписите се снимаат со дигитални видеокамери кои повеќето луѓе ги користат за снимање семејни настани, а делови од нив се монтираат на домашни компјутери со помош на софтвер наменет за монтирање на видео и слики. Видеозаписите со ниска резолуција може да се репродуцираат со бавните конекции застапени во Костарика, и сето тоа со цел пораката да се пренесе дома: кој било од гледачите може да земе камера и самиот да направи видеозаписи во доменот на граѓанско новинарство. Како последно прашање, го прашав Кристијан за процесот на снимање на улиците, и реакциите на луѓето кога дознаваат дека снимките всушност ќе бидат пуштени на интернет, а не на телевизија:

Тоа е можеби најинтересниот дел. Камерите и опремата што ја користи телевизијата се по природа инвазивни, а за тоа досега пишувале безброј експерти за комуникација. Телевизијата ја менува сцената на местото каде нешто се случило, со самото присуство на камерите, микрофоните и секако познатата фигура на телевизискиот репортер. Сите сме го виделе тоа: кога се појавува телевизиска камера сцената буквално замрзнува, и повеќе не е природна. Од друга страна, нашите мали камери и ние остануваме незабележани, ние сме уште еден гледач повеќе. Луѓето не се уплашени и извештачени. Околината ни најмалку не се менува. Помалата опрема делува помалку застрашувачки, и исто така бараме природност. Сакаме интервјуата да звучат како разговор а не како соопштение за печат. Тоа е друг јазик.

Во продолжение, следуваа четвртиот видеозапис поврзан со Парадата на кравите, каде уметниците ја поправаат штетата нанесена на скулптурите од невнимателни граѓани и вандали. Титлуван е на англиски јазик, а се надеваме дека наскоро сите видеозаписи на АмелијаРуеда.ком ќе бидат титлувани на англиски јазик.

Погледнете ги останатите 3 видеозаписи од Парадата на кравите [7].