Русија: Блогери откриваат техники за лажирање при гласање

На 14-ти март, во 76 региони во Русија, граѓаните отидоа на гласачките места за да гласаат за градоначалници и законодавни претставници на локалните избори. Владејачката партија „Обединета Русија“, на овие избори победи во повеќето гласачки места. Меѓутоа, победата на владејачката партија не беше апсолутна: во Иркутск, луѓето претпочитаа да гласаат за кандидатот на опозицијата Виктор Кондрашов, но овој беше единствениот случај. И покрај растечкиот бран на протести (како во Иркутск [руски], во Калинград, Москва и во други градови), „Обединета Русија“ успеа да ја задржи својата доминација во сите руски локални законодавства и во градските административни канцеларии.

Една од тајните на ваквата „политичка стабилност“ (и покрај тоа што медиумите се контролирани од државата), е распонот на наводни бројни техники на лажирање користени и од партиските членови и од јавните власти за време на изборите. Во текот на овие избори, за прв пат се испробаа можностите на Веб 2.0 за нивното откривање. Блогерите собраа докази за лажирањето со помош на камерите од нивните мобилни телефони и ги прикажаа онлајн.

Членовите на Асоцијацијата на изборните набљудувачи „Голос“ [англиски] („Глас”) беа исклучително активни во промовирањето на транспарентноста при гласањето и при обелоденувањето на измамите. Асоцијацијата инсталира вебсајт со жешка линија за лажирање на гласови „88003333350.ru” каде секој можеше да испрати пост со информации за измамата. Досега, забележани се 561 случаи на лажирање.

Жешка линија за лажирање на гласови „88003333350.ru”

Телефонско гласање, Екатеринбург, Регион на Свердловск
Блогерот leonwolf направи снимка од локалниот телевизиски канал, каде е прикажан одговорниот на локалниот гласачки комитет, како ги повикува луѓето да гласаат користејќи телефонска линија и без да потпишат некаков документ (што е нелегално). „Можете едноставно да се јавите, да ги дадете податоците од вашиот пасош и доколку податоците се совпаѓаат со оние во базата на податоци, вашиот глас ќе биде внесен“, изјави на телевизиски канал одговорниот на гласачкиот комитет.

Преправање на изборниот записник, Изборно место Динскаја, Регион на Краснодар
Рускиот опозициски весник Новаја Газета постира едно видео [руски], во кое гледаме дека службеник од комитетот на локалните избори наводно го преправа изборниот записник (документ кој го прикажува крајниот резултат на изборите).

Гласање за роднини, Екатеринбург
Во видеото подолу, две жени признаваат дека биле донесени на гласачкото место за да гласаат за своите родители (веројатно не биле во можност самите да дојдат во гласачкото место). Ваквата процедура е легална доколку некој поседува гласачко ливче кое се користи во случај на отсуство на граѓанинот. Но овие две жени, како и еден цел автобус (кој можеме да го видиме во позадината на сликата) полн со нивни „колеги“ кои исто така немаат такво ливче. И сепак ним им е дозволено да гласаат. И да не спомнуваме дека нивниот превоз беше платен од локалната власт, вклучувајќи и туристичка тура после гласањето.

Масовно прелиминарно гласање, Иваново
Најпопуларната техника на лажирање е насоченото и прелиминарното гласање. Ова се практикува кај војската, полицијата и понекогаш кај студентите. Со други зборови, локалната власт се обидува да мобилизира што е можно повеќе луѓе, особено ако постои начини да се извршува притисок. За студентите начините за извршување притисок се различни: оценки, стипендии, можност за полагање испити итн.

Ова видео покажува една жена која проверува кои студенти се отсутни, додека овие слики ни ја прикажуваат големата толпа луѓе пред салата на факултетот.

Додавање на гласачки ливчиња, Астракан
Видеото прикажува два човека кои ставаат цели пакетчиња со гласачки ливчиња во гласачката кутија.

Сите овие случаи ја прикажуваат моменталната состојба во рускиот гласачки систем. Доминацијата на владејачката партија е базирана врз бројни нелегални чинови, кои резултираат со „очекуваниот“ изборен резултат. Истовремено, ја покажува слабоста на политичкиот систем кој не успева да го одржи својата политичка насока со вакви анти-демократски и незаконски мерки. Но, бидејќи блогерите стануваат се помоќни и бидејќи доказите за лажирањето се сѐ поефикасно дистрибуирани до руските нетизени (интернет граѓани), неуспехот на владата да обезбеди слободни и праведни избори може да стане реален, а не виртуелен проблем.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.