На Global Voices на француски, волонтери одбираат да преведуваат бидејќи сакаат новости, бидејќи се интересираат за светот, бидејќи уживаат да преведуваат. Ја користат оваа можност да
„посетат“ колку што е можно поголем број на земји, преку преведување написи на француски. Но, еден волонтер меѓу нашата франкофонска заедница љубоморно ги собира сите можни написи за Бразил (единствена отстапка: Ирак!): запознајте го Жан, познат и како „Хуан“, кој од љубов преведува за Бразил.
Традиционално прашање: како го откри Global Voices на француски и одлучи да станеш волонтер?
Жан Сент-Дизиер: Тоа најверојатно има врска со начинот на кој сум израснат, некако хипи и малку утописки. Јас сè уште верувам дека сите се убави и љубезни. Така, во ова светло, интернетот е одлична алатка за поврзување на луѓето. На овој начин се запознаваат подобро и можат да ги подобрат односите? Јас ги сакам луѓето. Тоа е сè. Затоа, кога го пронајдов Global Voices на француски додека сурфав на интернет, веднаш помислив: „Ете. Го најдов својот дом“.
Зошто Бразил? Зошто оваа страст за преведување од португалски на француски?
ЖСД: Ја открив оваа земја по чиста случајност, на Божиќ, во 1984 година. Каков шок! Во Франција бев целосно дезориентиран млад човек, немав цел во животот, нула… И еве кај бев, открив земја каде луѓето се како мене: прво човечки односи, социјалниот живот, повеќе култури. Среќата, колку и да е чудно, доаѓа прва… Секако, првиот впечаток го изменив подоцна, но во моментот веднаш помислив: „Повеќе не одам никаде“. Исто така треба да знаете дека тука го запознав и човекот кој ми го спаси животот, во секоја смисла, мојот брат, мојата сродна душа и убавината на сознанието дека некој како него постои на земјата (иако во основа тој се разликуваше од мене) и дека тој беше Бразилец, секако многу ми помогна за време на многу тежок период во мојот живот. Така, премостив сè и станав Бразилец. Најмногу се каам што уште веднаш не аплицирав за бразилско државјанство.
Што правеше во Бразил?
ЖСД: Две години поминав во Форталеза, во Чеара, каде предавав француски во француската Алијанса, потоа се преселив во Итапарика, Салвадор де Бахиа, каде што се обидов да бидам претприемач и отворив pousada (мал хотел-ресторан на остров), но бев безнадежен!
Три години подоцна, се вратив во Форталеза, мојот град, мојата земја, каде што сонцето никогаш не заоѓа. Десет години брзо поминаа,се вратив во Франција. Во меѓувреме, го запознав мојот ангел чувар, Французинка- како што можеш да видиш, не зависи од тебе! – и имаме две прекрасни деца.
Но, Бразил е шанса за светот и сакам да ја подигнам свеста за ова. Бразил е лабораторија за реален живот, мора да се сфати сериозно и многу сум среќен што гледам дека е на пат да се сфати сериозно. Секако благодарение до претседателот Лула, но, не само до него, благодарение до сите, сите Бразилци кои својата земја за мене ја направија „Можност на еден остров“, безбедно засолниште во случај на лична или колективна катастрофа.
Дали додека преведуваше за Global Voices откри нешто за Бразил што дотогаш не го знаеше?
ЖСД: Да, открив нешто што не го знаев ( и е нешто за што малку ги обвинувам и Бразилците): виталноста на спонтаните политички движења, кои биле многу популарни на интернет за време на изборната кампања во 2010 година. Иницијативата ја преземале Диего Касеас, ПаулаГоес и нивната банда, веб-сајтот за надзор на изборите и кандидатите, Eleitor2010.
Што правиш во твојот втор француски живот?
ЖСД: Ја споив мојата страст за лингвистика и јазици со мојата страст за луѓето и сега сум професор по француски, како странски јазик за странци. Моментално работам како професор во југот на Франција, со имигранти кои треба да имаат минимум познавање на францускиот јазик за да можат да аплицираат за државјанство. Правам сè што е во мои раце за добро да ги спремам за нивниот испит, за конечно да бидат оставени на раат. Кога ќе помислам дека концептот за граници за мене е целосно виртуелен…
Има ли некое место во Бразил што ти е посебно мило?
ЖСД: Плажата Муцурипе, во Форталеза, бидејќи таму сè започна за мене. Лоцирана меѓу клубот за јахти и комплексот bourgeois, пазарот за риби и estaleiros, кои ги градат и одржуваат saveiros (бродовите) и jangadas. Сè уште имам пеперутки при самата помисла на местото.
1 коментар
Merci pour la traduction !