Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Парагвај: Кандидатите користат блогови за да ги придобијат гласачите


Фотографија од Муна Анахас

Претседателските избори во Парагвај ќе се одржат на 20 април, 2008 г. Многумина од претседателските кандидати ги користат блоговите како начин за комуникација со потенцијалните гласачи додека ги пренесуваат своите размислувања за одредена тема или додека ја претставуваат програмата што ќе ја спроведуваат доколку бидат избрани. Овие блогови се пишуваат и објавуваат во еден од најтиражните весници на Парагвај – Дијарио АБЦ.

Досега, некои од кандидатите имаат повеќе од 43.000 посети на нивните блогови, а некои од нив и до петстотини коментари за само еден напис, што е доказ за големиот интерес околу овие избори. Малкумина би поверувале дека е возможна таква директна комуникација помеѓу претседателски кандидат и потенцијален гласач, кој би можел да изрази мислење или загриженост, да дебатира па дури и да ја анализира неговата програма за работа.

Двајца од најсериозните кандидати имаат свои сопствени блогови:

Фернандо Луго е римокатолички епископ, претседателски кандидат на Христијанската демократска партија. Тој пишува што морал да стори за да може да се кандидира за највисоката функција во Парагвај [es].

По 30 години поминати како свештено лице, јас сум сè уште Христијанин и Парагваец но ја напуштив должноста епископ со цел да се посветам на политиката, да работам на проект и да се обидам да станам претседател на Парагвај за да им служам на моите браќа кои страдаат во оваа прекрасна и благословена земја.

Бланка Овелар е кандидат на владејачката партија – Колорадо; таа добива поддршка од сегашниот парагвајски претседател Никанор Дуарте. Една од нејзините главни теми е борбата против корупцијата. Таа вели [es]:

„Оној што негира дека во Парагвај има корупција всушност ги затвора очите пред реалноста. Корупцијата постои и ја има во сите делови на општеството. Не само во јавниот сектор, туку и во приватниот, во владејачката и опозициската партија, во бизнисите и синдикатите.

Присуството на овие блогови е најверојатно резултат на тоа што интернетот станува сè попопуларен во Парагвај. Се отвораат нови интернет клубови во речиси сите делови на главниот град Асунсион и се појавуваат сè повеќе провајдери на безжичен и широкопојасен интернет во споредба со периодот од пред неколку години. Најголем дел од луѓето гледаат на интернетот како на потреба, наместо луксуз, кој овозможува пристап за повеќе луѓе. За време на последните избори во 2003 г., овој вид на виртуелна интеракција помеѓу блогерот (претседателскиот кандидат) и читателот (потенцијалниот гласач) беше речиси незамислив, и неверојатно е колку работите се изменија во последните пет години.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.