Претседателот Ахмадинеџад, во својата порака за сочувство за лидерот на Венецуела, Хуго Чавес, што беше објавена на неговата официјална веб-страница, го наведе претседателот Чавес како „Маченик на служба за народот на Венецуела, кој умре под сомнителни околности.“ Ахмадинеџад додаде, „Не се сомневам дека Чавес ќе се врати со Исус Христос и со сите други праведници“, мислејќи на Скриениот Имам, кои некои во исламот сметаат дека ќе биде идниот спасител на човештвото.
Ахмадинеџад беше критикуван за оваа порака и од нетизените и од Ахмад Катами, водечки конзервативен политичар на режимот.
Дамавандие пишува:
Иранската младина беше убивана, земјотрес ја погоди азербејџанската провинција, луѓе кои ѝ служеа на оваа земја умреа, но владата не прогласи национален ден на жалост, дури ни кога Иранците жалеа. Сега Чавес почина… и наеднаш владата прогласува ден на жалост. Само што почина, Иранците почнаа да си праќаат смс-пораки меѓу себе, шегувајќи се за него
Азади ги цитира иранските медиуми кои велат дека Ахмадинеџад му се јавил на венецуелскиот потпретседател пред еден месец и рекол дека се моли на Господ за здравјето на Чавес. Блогерот со иронија вели дека надежно Ахмадинеџад ја изговара истата молитва за Али Каменеи [врховниот лидер на Исламската Република].
Азармер цитираше еден дел од пораката на Ахмадинеџад за смртта на Чавес и објави неколку фотографии од починатиот венецуелски претседател заедно со Садам Хусеин, поранешниот ирачки диктатор и голем непријател на Иран и Мохамад Катами, поранешниот реформистички претседател.
Challenger објави фотографии од Чавес како игра со две секси танчерки и прашува дали и тие две ќе се вратат заедно со Христос и со Скриениот Имам.
Tweatter пишува дека се надева дека Чавес нема да чека премногу долго за да се врати.
1376 executions вели:
Ако еден ден Иран и Италија би развиле силни односи, иранската влада би го рекла истото за поранешниот италијански премиер, Силвио Берлускони, дека овој женкар ќе се врати со Христос.