Јапонија: Американскиот пеjач на енка предизвикува возбуди

Џеро, првиот пејач на енка роден во Америка, стана тема на муабет во јапонската блогосфера минатата недела откако го објави својот деби-синг „Умјуки (Океански снег)“. Синглот го освои четвртото место на топ-листата на Орикон, со што постави рекорд и за жанрот енка и за топ-10 листите во однос на деби сингл од овој жанр.

Џеро, кој е роден како Џером Вајт Џуниор во Питсбург, ја има развиено љубовта кон енка во детството кое го поминал слушајќи вакви песни покрај својата јапонска баба. Откако дипломирал информатика на Универзитетот во Питсбург, се преселил во Јапонија со цел да стане енка-пејач. Додека работел како наставник по англиски и информатички инженер, тој настапувал на натпревари по караоке, благодарение на кои бил откриен од музичка компанија и потоа станал популарен низ цела Јапонија.
1ko2ko3kon пишува дека Џеро донел здив на нов живот за жанрот енка:

Џеро веќе успеа да вдиши нов живот во заедницата на енка која веќе некое време само се врти во круг.
Ова е навистина прекрасно. Навистина се надевам дека шармот на енката на Џеро ќе инспирира текстописците, композиторите и пејачите да ги прошират границите на кајокјоку (јапонската забавна музика).
На оние кои напорно работат со цел да станат енка-пејачи им порачувам: Џеро, кој дојде последен, сега е пред вас. Толку е напред што не може да го видите. Нема да успеете ако продолжите со заглавениот стил на енка. Вклучете се и создадете нешто што вашите слушатели ќе го сакаат. Вашиот талент ќе процвета.

Дан Маркоф, американски актер кој се обидува да се презентира во Јапонија, смета дека има сличности помеѓу него и Џеро и му посакува успех на пејачот.

Од друга страна, овој блогер и не е баш убеден:

Причината за постоење различни жанрови во музиката и уметноста е тоа што делата имаат различно потекло. Се прашувам дали ако даден стил се извади од контекст и имитира ќе ги трогне луѓето, дали ќе се одржи подолго време?
Зошто тој мора да пее за Јапонско Море во зима?

Jero poster

Марио во Бон нуди различен поглед. Таа вели дека Јапонците се опседнати со нивната сопствена „јапонскост“:

Додека сурфав на интернет, наидов на црномурен енка-пејач наречен Џеро, кој неодамна го објавил своето деби.
Тој е на иста возраст со мене! И добро пее! Ми беше необично што млад човек сака енка и што почнал да пее во тој стил. Видов видео-клипови како тој пее во ТВ-емисии, но повеќето од нив имаа коментари како:
„пее енка а воопшто не изгледа јапонски!“
или
„тој е навистина добар иако не е Јапонец“.
Дали тоа значи дека тие мислат дека да си Јапонец е нешто посебно?
Во овој глобален свет, има луѓе кои не се Јапонци но кои ја разбираат јапонската култура подобро од Јапонците, како и луѓе кои не изгледаат како Јапонци и совршено го зборуваат јапонскиот јазик.
Вакви нешта не се необични.
Ми изгледа дека Јапонците се длабоко уверени дека „само Јапонци може да ја разберат јапонската култура“.
Јас сум во Германија и имам научено многу за германската култура и обичаи, но некој да ми кажеше дека „само Германци може да ја разберат германската култура“ веројатно никогаш немаше да посакам да научам ништо за Германија. Ова е нешто како обратен културен шок…

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.