Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Глобално: Крзното и модата

Ако мислевте дека носењето на крзно не е веќе во мода – што се случува со сите оние „зелени“ организации и активисти за правата на животните кои овој суров вид на мода го поставуваат таму каде што му е вистинското место, заедно со она што ѝ се допаѓа на Круела Де Вил – обожавателите на модата велат: размислете подобро.

Минатиот месец, светот на модата во Њујорк, Париз и Милано буквално „побудалеле“ за време на свеченото претставување на есенските модни колекции. Манекенките чекореа по модната писта облечени во толку многу крзно што беше доволно застрашувачко да ги натера активистите за правата на животните да излезат од својата кожа.

Во оваа епоха на глобално затоплување и исчезнување на животинските видови, некој можеби размислува дека ние – луѓето, некогаш ќе се вразумиме и ќе се сетиме да ги преиспитаме нашите дела. Се чини дека тоа нема да се случи, бидејќи надвор од нашиот, постои еден сосема поинаков свет – модната индустрија на западниот свет – чие рекламирање и употреба на крзно и продукти од егзотични животни едноставно го поддржува масовното убивање на голем број, загрозени со исчезнување видови.

Премијата на еден трговец на годишниот саем на Quartzite за уметност и занаети. Слика на cobalt123 од Flickr. Користена под Криејтив Комонс лиценца

Премијата на еден трговец на годишниот саем на Quartzite за уметност и занаети. Слика на cobalt123 од Flickr. Користена под Криејтив Комонс лиценца

И само за да наброиме неколку од нив, антилопата чиру, чиј стомак се употребува за правење на шатуш (“Shatoosh”) најскапиот шал во светот, исто така познат и како „шал на смртта“. За да се направи шалот, потребни се три мртви антилопи, крзното треба да е толку фино што треба да поминува низ прстен и цената на еден шал на меѓународниот пазар може да се движи од 5000 долари до 20,000 долари. Ниту едно животно не е поштедено, дури и новородените и мајките кои само што родиле.

Согласно со WWF, популацијата на овие видови е опадната преку 50% во последните 20 години и проектот Тибетско плато наведува дека последиците од побарувачката на шатуш од светот на модата во Америка се 20.000 убиени антилопи. Застрашувачка е помислата дека доколку антилопите се убивани со оваа брзина, во наредните три години животните целосно ќе исчезнат.

На блогот на Ума и Хири наречен Права на животните Индија, се дискутира како одгледувањето на чиру антилопите – како и пајките Ејдер во Исланд, нема да направи некоја разлика во однос на намалувањето на нивната бројка.

Но, разликата е во тоа што пајките Ејдер сега се заштитен вид и одгледувачите во Исланд користат една техника со која ги собираат пердувите од пајката без да му наштетат на животното. А во случајот на антилопата, не можат да дојдат до крзното ако не го убијат животното.

Продолжуваат велејќи:

Не е возможно да се оправда убивањето на три прекрасни диви животни секогаш кога треба шалот да има подолга должина итн., итн. И да се одгледуваат само за подоцна да бидат убиени за шалови?

Раја Басу, еден друг блогер рече:

Конвенцијата за меѓународната трговија со загрозени видови на дива флора и фауна (The Convention on International Trade in Endangered Species of Wild Fauna and Flora – CITES) – која ја контролира трговијата на продукти од загрозени видови – целосно ја забрани меѓународната трговија со продукти од тибетската антилопа (вклучувајќи ги и шаловите). Увозот на шатуш шалови е нелегален во многу земји, вклучувајќи ја и Америка (иронично, но продуктите од шатуш се многу популарни во американската модна индустрија). За несреќа, и покрај тоа што овој закон е во важност, трговијата со шатуш цвета. Ова се случува поради тоа што не е доволно законите само да постојат. Паралелно мора да постои и силен јавен протест против секој оној што на било кој начин е поврзан со трговијата на крзно. Би требало да постои широка јавна кампања за будење на свеста кај јавноста и нејзиното информирање.

Меѓутоа, блогерите на западот, размислуваат за ова и дискутираат:

Рејчел Менаши напиша на својот блог:

1. Во ресторани, луѓето јадат зајаци. Тие зајаци се убиени за да се припреми „оброк“ за луѓето како нас (би сакала да нагласам дека никогаш не сум јадела зајак и дека кога велам „нас“ мислам на луѓето кои јадат во ресторани). Зошто се смета дека е во ред зајаците да се наоѓаат на менито во рестораните, а е грешно да се носат како крзнено палто? И онака тие зајаци ќе се одерат за да се припремат за јадење – што друго да правиме со крзното?
2. Дали е поприфатливо ако палтото е старомодно? Зошто?
3. Дали крзното од зајак е подобро/понеквалитетно од визонот? Некои велат дека зајачкото крзно не е толку неквалитетно бидејќи зајаците не се во опасност од исчезнување, како што е случајот со визонот. Од друга страна, луѓето ги чуваат зајаците како домашни миленичиња, па е посурово да носиш зајачко одошто крзно од визон?
4. Ако едно крзнено палто е закачено на закачалка во една продавница и еден муштерија одбие да го купи, ќе се најде некој друг што ќе го купи…
5. Дали моделите, како на пример Кејт Мос се видени да носат крзно? Стилот на Кејт го копираат милиони девојки (и жени) – дали таа остава лош впечаток?

На ова Дениз одговори:

1. Јас лично веројатно повеќе би носела зајачко крзно одошто да јадам зајак. Сметам дека јадењето на зајак е на некој начин понеприфатливо.
2. Старомодните палта постојат веќе долго време и би требало да се рециклираат – за тоа потполно се сложувам.

3. Визоните се диви суштества и покрај тоа што нивното крзно е повеќе барано, визоните не се загрозен вид, тогаш зошто да не го носиме нивното крзно?

4. Се согласувам.

5. Не ми смета кога некој носи крзно и Кејт Мос покажува дека тоа е прифатливо. Премногу луѓе се на чело на групите кои сметаат дека е „лошо да носиме крзно“. Се кладам дека повеќето од нив јадат месо и носат кожни производи. Според тоа – која е разликата?

Но, Бари Вилијамс во одговорот на дискусија на www.helium.com: „Носењето на крзно не е неморално“, вели дека постои разлика. :

Ако продолжиме да ја убиваме стоката за кожа, алигаторите за чевли, елените за кожата и доколку не гледаме ништо неморално во тоа, зошто тогаш е грешно да носиме крзно. Она што јас го гледам како неморално е убивањето на животните исклучително заради крзното. Тоа е расипништво, нели? Освен кожата, од говедата не останува нешто неискористено. Говедата не снабдуваат со месо.

Постојат мноштво на аргументи, но во меѓувреме Хуманото општество за САД, вели дека годинава во Канада ќе бидат убиени 388, 200 бели, сиви и меурести фоки, со што бројот се зголемува за 50.000 во споредба со 2009 година. Ова се случува заради вкупната побарувачка за крзно. На сајтот на Советот за крзно на Канада, гледаме прочуени личности кои моделираат со разни крзна рекламирајќи го модниот тренд за 2010.

За жал, и во САД и во голем дел на западот каде се одредуваат глобалните модни трендови, се чини дека законите не се доволни за да ја контролираат алчноста. Согласно со блогот на Меѓународната федерација за трговија со крзно (International Fur Trade Federation):

..промената во ставот кон крзното може да има врска со „внатрешните промени во бизнисот со крзното, како на пример воведувањето на иницијативата за Загарантирано потекло, кое гарантира дека крзното кое ја носи таа етикета, доаѓа од земја во која постојат регулации за благосостојбата на животните“. Ова покажува дека обидите и иницијативите на трговијата со крзно да ги предизвикаат застарените идеи на нашата индустрија се забележани. Ние сме транспарентна и регулирана индустрија која ги поддржува високите стандарди на благосостојбата на животните и ги поздравуваме довербата и поддршката која ни ја покажуваат дизајнерите на крзно и исто така и Европската Комисија, која неодамна ја препозна значајноста на етикетата за Загарантирано потекло.

Модните дизајнери на кои снабдувачите со крзно им се умилкуваат велат дека тие се „претпазливи кога користат крзно и дека го проверуваат ланецот на производство и соработуваат доколку сметаат дека е хуман“. Но, може ли оваа доверба да е базирана врз недостаток на испитување или знаења?

Според еден прирачник во врска со загрозените видови на животни:

Њујоршката луксузната стоковна куќа Бергдорф Гудман, рекламираше шатуш во 1995 како „кралска и ретка“ ткаенина, тврдејќи грешно дека волната е набавена од планинскиот козорог од Тибет кој „го губи своето долно руно кога се трие од ниските дрва и грмушки“ од каде го собираат локалните овчари. (Шалер 1998)

И ако масовните убивања на малечките фоки и на мајките и бебиња чиру се „хумани“, тогаш е многу жално да размислуваме што веќе значи „хумано“ и преку што сме спремни да преминеме во името на „модата“.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.