Јапонија: „Светлата и темната страна на социјалните медиуми“

Јапонија: „Светлата и темната страна на социјалните медиуми

Овој пост е дел од нашиот специјален извештај за земјотресот во Јапонија 2011.

Во самата човечка природа е да шири неконтролирани гласини во тешки ситуации, а алатките на социјалните медиуми можат да бидат нож со две острици, кога станува збор за тоа. Јасухиса Хасегава дава анализа во својот пост на блогот „Светлата и темната страна на социјалните медиуми“ (ソーシャルメディアがもつ光と闇), правејќи паралела меѓу користењето на социјалните медиуми и потрошувачката на масовните медиуми.

Хасавега е почитуван веб-дизајнер, програмер и консултант во Токио. Тој твитува на јапонски под корисничкото име @yhassy.

Постот кој следува беше во целост преведен според условите на Криејтив Комонс, Наведи извор-Некомерцијално-Сподели под исти улови 2.1 .

Социјалните медиуми одиграа важна улога за време на револуцијата во Египет, во почетокот на оваа година. Сега повеќе од кога било, луѓето се потпираат на социјалните медиуми за јавни/социјални активности.

Сепак, воздигањето на вистинската моќ и користа од социјалните медиуми во случајот со Египет ме наведе на размислување, „Следниот пат кога ќе има некаков вид на убедлива социјална промена, најверојатно ќе почнеме да ја гледаме и темната страна на социјалните медиуми“. Можеби мислам така бидејќи сакам да играм адвокат на ѓаволот, но сепак, тој факт е доследен…

Социјалните медиуми ми помогнаа во неколку начини за време на големиот земјотрес Тохоку-Канто. Додека мобилните мрежи беа потполно затворени, содржините на социјалните медиуми делуваа како спасувачки информации. Тие беа единствениот начин да стапам во контакт со пријателите и семејството.

Тоа беше луксуз што го имав бидејќи не се наоѓав во настраданата област, но слободно можам да кажам дека поголем дел од луѓето беа во ситуација во која тие не добиваа апсолутно никакви информации.

Низ катастрофата, јас ја искусив „светлата страна“ на социјалните медиуми, но истовремено ја видов и „темната“. Ова можеби се случило и во Египет, но излегува на површина сега, кога јас го доживеав на јапонски јазик.

Многу луѓе сè уште ја немаат сфатено социјалната способност на социјалните медиуми. Доаѓањето на интернетот во нашите животи донесе огромна количина на информации. Ни овозможи да емитуваме информации, речиси исто толку лесно како што можеме да добиеме. Повеќе нема потреба од пишување. Сè што некој треба да се направи е да притисне едно копче и многу луѓе ќе ја добијат информацијата.

Да се запрашаме, дали ја шириме информацијата пред целосно да го разбереме нејзиното значење? Дали сме искусиле ментален блок кој прави да заборавиме да ги провериме фактите кога ќе ги погледнеме зборовите „Ве молам RT“? Дали несвесно учествуваме во една чудна жестокост на социјалните медиуми, слична на прослава, без разлика на тоа дали се согласуваме со мислењата?

Дружељубивоста значи преземање на дејствија, но со одговорност да се остане на заедничкиот терен. Битно е да се биде дружељубив, особено при користење на социјални медиуми, каде што може да постои двосмисленост дали си примач или испраќач.

Сè на сè, многу „корисници на социјалните медиуми“ се слични на оние кои ги создаваат своите вредности преку консумирање информации од ТВ или магазини. Луѓето сè уште се пасивни. Имаме способност да споделуваме информации, но изгледа истовремено, да ја потцениме нивната моќ.

Социјалните медиуми се платформи преку кои луѓето можат да се поврзат. Силната врска меѓу корисниците може да помогне во интензивирање на емоциите. Овие емоции некогаш можат да бидат позитивни, но можат да бидат и негативни, вклучувајќи страв и омраза. Степенот на ова интензивирање може да се влоши за оние корисници кои пасивно ги прифаќаат информациите за подоцна да ги препратат на друг, избегнувајќи било каков процес на фактичка контрола.

Не велам дека социјалните медиуми не треба да се користат од страна на оние со ниска информациска писменост. Човек може да научи да ги користи социјалните медиуми само преку потполна изложеност на повеќе видови информации, преку осознавање на начинот на кој другите ги користат информациите и преку испробување на работите. Од погоре споменатото, социјалните медиуми обезбедуваат безброј извори на светлина, па затоа не можеме да не ги користиме.

Сепак, треба да бидеме совесни при праќање на информации и да се потсетиме дека треба да бидеме критични во поглед на информациите кои ги примаме. Битно е да се има овој вид на однесување при користење на социјалните медиуми, особено во овие времиња во кои информациите можат да се споделат само со еден клик. Ова го сметам за прв чекор со цел да се спречи социјалните медиуми да влезат во темнина.

Светот на социјалните медиуми од корисникот на Фликр Nancy White (Криејтив Комонс лиценца, Наведи извор-Некомерцијално-Сподели под исти услови 2.1)

Додаток

Овој пост првенствено беше објавен на група на Фејсбук. Некои корисници веќе забележаа грешки и коментираа за нив. Еден коментар се однесуваше на Моватви, интернет апликација која дозволува корисниците со обични мобилни телефони да користат Твитер. Неколку дена по земјотресот, Моватви направи неколку надградби, како што е додавање на функцијата „ретвит“ и побрзо пребарување. Овие прилагодувања на ниво на системот и дизајнот се добредојдени, бидејќи на пример корисниците од Јапонија објавуваат правила за официјални и неофицијални ретвитувања кои не се интуитивни. Човековото однесување не се менува лесно, но сервисите можат лесно да го надоместат тоа.

Сервисите како Твитер и Фејсбук овозможуваат информацијата да се сподели само со еден клик. Понекогаш се прашувам дали овој минималистички пристап е добар или лош. Леснотијата на користење ги привлекува корисниците, но истовремено го откажува чувството за одговорност, кое нормално е во комбинација со актот на самото праќање на информација. Овие видови на платформи се предодредени да доживеат зголемена популарност. Во прашање е доведена потребата за промена на начинот на кој информацијата се прима од секој корисник.

Поврзани постови:

Голема благодарност до Аки Такамото и Наоки Матсујама за нивната помош при преводот на овој пост.

Овој пост е дел од нашиот специјален извештај за земјотресот во Јапонија 2011.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.