Невработеноста кај младите во Шпанија, како една од трагичните последици на кризата која ја има зафатено оваа земја, стои на 55,6%. Минатата година Европската унија побара итна акција против оваа загрижувачка состојба. По 15 месеци на власт, Народната партија (НП) најпосле презентираше План за вработување на младите [es] (со профил на Твитер @empleo_joven) уверувајќи ја земјата дека ќе ја надмине кризата. Тие зборуваа за „зелени никулци“ како симбол на економско закрепнување. Луѓето не им веруваат и по последната реформа на трудот несигурноста продолжува да се шири [es]. Шпанските синдикати добија предупредувања дека ако овој план не се покаже корисен за мерките за раст, неговите ефекти ќе бидат ограничени.
Во 2012 година, бројот на млади Шпанци (на возраст меѓу 15 и 29 години) кои живеат во странство се покачи на 302,623 [es], без да се земат предвид оние кои се намаат регистрирано во конзулатите во земјите домаќини. Многумина заминале во странство од економски причини поврзани со немањето можности за вработување во Шпанија или лошите услови од договорите за работа. Како одговор на проблемите на пазарот на трудот, движењето „Млади без иднина“ (Juventudes sin Futuro) започна кампања насловена „Ние не си одиме, тие нè бркаат“ [es], со истиот хаштаг на Твитер. Иницијативата се спротиставува на манипулациите како изјавите на Марина де Корал кои како причина за прогонството го наведуваат „авантуристичкиот дух на младите“ [en, es, fr, mg, ca, it, da]. На блогот на кампањата има различни секција за мапирање на младите кои бараат подобра иднина во различни делови на светот, при што некои не ја наоѓаат. Нивното објаснување гласи:
Иако е точно дека во просек невработеноста на младите во Европа (22.5%) е многу пониска од онаа во Шпанија, не е гарантирано дека таму може да се најде работа. А надвор од Европа, шпанските млади почнуваат да одбираат дестинации како Латинска Америка и Азија. Општо земено, работните места кои ги добиваат младите во странство исто така ги карактеризира нестабилност, долготрајно работно време и ниски плати кои не обезбедуваат пристоен живот, ниту убава иднина.
Со кликнување на различни точки на мапата [es], може да се прочитаат приказните и искуствата на младите луѓе во прогонство:
Маркос (26) има добиено договор на неопределено време како градежен инженер за патишта, канали и пристаништа во Австрија. Тој ги објаснува мотивите зад одлуката да си оди од Шпанија:
По скоро година дена барање и добивање писма за одбивање (од малкуте што воопшто одговорија) и губење време, решив да го претворам очајот во нови предизвици.
Други немаа толку среќа. Таков е случајот на Алекс, незапослен емигрант во Романија, кој би сакал да се врати дома бидејќи ситуацијата не се поправа:
Имам живеено во Шпанија од 14-годишна возраст и оваа година, откако се уморив од барање пари за храна, емигрирав во Романија каде што имам роднини. Ова ве уништува ментално оти мојот живот беше изграден во Шпанија, каде што имав пријатели, познаници, сиот мој свет. Сега сè што ми остана се сеќавањата.
Ракел (25) која претходно била наставничка во Шпанија, сега морала да се прилагоди да работи без договор како дадилка во Ирска:
Откако завршив додипломски и постдипломски студии по педагогија, почнав да работам како наставничка во Шпанија. Тогаш дојдоа скратувањата на буџетот за образование… и потоа немаше работа за повеќето млади луѓе. Бидејќи едвај се издржував со вработувања со скратено работно време (кои едвај ги наоѓав) една година, решив да ги спакувам куферите и да барам нови цели. Сега сум тука, во допир со „образование“ и го подобрувам англискиот… Повеќе од што може да побарам во сопствената земја!
Многумина би сакале да се вратат во својата родна земја, но се свесни дека Шпанија, во моментов, не нуди ниту стабилност ниту можност за пристојна иднина, туку само поголема зависност од семејството и работа во нестабилни услови за мал дел од нив.
1 коментар
Според Марјан Забрчанец од МОФ, „околу 60% од активните млади во Македонија се невработени…“. Под активни се подразбираат сите што можат да работат.