Македонија: Парастос на демократијата

Искусни блогери од Македонија ги коментираат приватните средби помеѓу водачите на најголемите политички партии кои го имаат заменето јавниот демократски дијалог во рамките на државните институции.

Cockfight in Otavalo, Ecuador. Spikes fixed at cock's feet.  Photography by Superbass 10:09, 24 July 2005 (UTC)

Волан праша:

Чуму ни е демократскиот модел на управување со државата кога дефакто во Македонија по распадот на минатиот еднопартиски систем се створи моќна би/три…султанска држава. Уставот и институциите на системот се дозираат така како ќе биде волјата на двата султана. Се покажува дека и денешната средба на двата султана од двете најмоќни партии е најважната средба каде сè ќе биде решено. Потоа структурите на власта само ќе дигнат два прсти – почнувајки од Парламентот (најсрамното место кое е погребник на Македонската квазидемократија)
  • Султан (арапски: سلطان) е арапски збор која има многу различни значења. Најмногу, овој збор се преведува како моќност, авторитет, раководител и слично. Зборот султан најмногу се употребува од страна на муслиманските независни владетели.

Предлагам состојбата на Султанократска држава да се озакони: да се смени Уставот и востанови Султанократска држава – така барем народот ќе знае на што е, а системот ќе се прилагоди на вистината.

Проф. Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, ламентираше над договороното убиство на демократскиот процес:

Вчерашната средба на Груевски и Црвенковски беше парастос над гробот на демократијата во Македонија. Постепеното извлекување на власта од сите демократски институции и посебно од највисокото законодавно тело, Собранието, е заокружено со средбата на водачите на двете најголеми политички партии и нивните тајни разговори и договори.

Тоа што граѓаните не сфаќаат дека еден ваков чин значи поместување на целокупната власт од нивни раце (власт која ја остваруваат преку избрани претставници во Собранието) во рацете на двајца вожди (кои ја кумулираат целокупната власт и донесуваат решенија зад затворена врата) е резултат на огромното незнаење што претставува демократијата и зошто е прифатена како систем на современата цивилизација.

Собранието, демократските институции, транспарентноста и отчетноста се измислени токму заради тоа да се спречат кралевите, моќниците и петлите на буништата да донесуваат одлуки кои имаат влијание врз животот на граѓаните без учество на самите граѓани, без можност за нивно влијание и без можност за контрола на она што се решава.

Поместувањето на процесот на одлучување во меѓусебни средби на вождите (што во Македонија го промовираа водачите на албанските политички партии, а со акламации го прифатија водачите на македонските политички партии), претставува чин на обзнанување дека државата веќе не е демократска, туку автократска или, во најлош случај племенски организирана.

Собранието е измислено токму со цел таму да се разговара, да се преговара и договара. Во определена процедура, пред очите на јавноста од страна на претставниците кои ги избрале граѓаните. Собранието може протестно да се напушти, може да се бараат вонредни избори, може да се негира легитимитетот на избраните претставници, меѓутоа не смее да се замени со друг вид на договарање. Во една демократска држава, ако веќе една политичка партија решила дека е време да се седне на преговарачка маса, тоа мора да биде во Собранието, тоа мора да бидат пратениците, на собраниска седница, во соодветна процедура.

Во спротивно, зошто воопшто да има избори, зошто толку пари да се трошат, зошто да се губи време и енергија, кога може да си имаме двајца вожди кои ќе седнат на маса и за се ќе си се договорат. А можеби е подобро да засукаат ракави и да организираат една здрава тепачка да се види кој е посилен и кој ќе го води племето во наредниот период? Или едноставно да се искубат во дворот и победникот да се качи на врвот на буништето и со кукурикање да ја прогласи победата.

ДЕМОКРАТИЈАТА Е МРТВА – ДА ЖИВЕЕ БОРБАТА НА ПЕТЛИ!

(Фотографија: „Борба на петли во Отавало, Еквадор. Боцки прицврстени на нозете на петел.“ од корисникот на Википедија Супербас. Објавена во 2005 г. под лиценцата Криејтив комонс Наведи извор-сподели под исти услови 3.0.)

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.