Македонија: Размислувања за предвремените избори

Македонската јавност жестоко дискутира за оправданоста и теминот на претстојните предвремени избори (англиски).

Десничарските блогери кои ја поддржуваат тековната Влада, еднообразно го реобјавуваа видео-записот со говорот на премиерот без ’потреба за понатамошно коментирање‘ (+ транскрипт), или преобјавуваа пропагандистички видео-клипови од провладините ТВ-канали.

Снимка на дел од постот на блогот Волан со слики на тековниот премиер Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) и неговиот заколнат противник Бранко Црвенковски (СДСМ).

Веројатно најпопуларниот македонски блогер Волан, кој има над 400 посети дневно според неговиот Сајтметар, објави подлабинска анализа:

Се до одењето на Груевски во САД од каде срамно без заедничка прес конференција беше испратен, со различни соопштенија на Груевски и САД админстрацијата – за што се разговарало на двете средби, Груевски до средбата во САД не сакаше избори: Се сеќавате во Декември рече дека не е време за избори, туку време на реформи. Сега по средбите во САД одеднаш сака избори и тоа брзи, по можност утре.

Црвенковски пак се до вчера сонуваше да има предвремени избори, сега одеднаш уценува со услови за да има избори. Предлага избори со одредени предуслови. Ги одложува за некоја недела покасно. Тактиката на Црвенковски беше а изгледа дека сеуште е што показно дојде до избори Груевски се повеќе ке ја губи подршката …

Во што е вицот. Многумина велат дека вицот е во тоа дека Груевски секој месец губи по десетина иљади гласачи месечно. Неговото гласачко тело опасно го загрозува не толку Црвенковски кој не е за потценување, туку Брат/сестра Љубе и повратокот на Георгиевски на политичката изборна сцена. Се проценува дека барем една третина од членството на ВМРО-ДПМНЕ поради незадоволството во партијата ке гласа за Брат/сестра Љубе и Георгиевски.

Од друга страна ако Црвенковски обзнани дека ако ја добие власта нема во неа лично да партиципира, Црвенковски наеднаш ке ги добие за себе голем дел од неопределените, кои се моментално околу 55 проценти од гласачкото тело.

Сега за сега имаме само ефтино предизборно фемкање. Груевски успешно по вторпат ветувањата на САД администрацијата ги менува со избори. Како сега ке помине ке видиме. Деновиве успешно се опоравува со изјавите дека тој не е тој што не сака избори. Опозицијата мора брзо да одговори со акција – во спротивно ке ги загуби тенденциите на рејтинзите …

На барање на гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Бичиклиски изнесено во дискусија на Фејсбук, експертот за медиуми Роберто Беличанец објави подолг блог-пост за некои од барањата на опозицијата. Тој нагласи дека наместо затворање на А1 ТВ, Владата треба да најде решение „кое ем ќе го остави медиумот да функционира ем кривичната постапка да си продолжи, ем да се обезбеди долгот“ поврзан со истрагата за избегнување плаќање данок против нејзиниот сопственик:

Или едноставно кажано, ако заминеме на избори во кои имате само провладини медиуми – изборите не се фер! Точка. Толку.

Второто медиумско барање на Црвенковски – закон за еднаква распределба на средства е исто во функција на изедначување на изборната битка и оневозможување на корупција на медиумите со државни пари. Е сега, што јас мислам за ова имаше по весници. Мислам дека е ноторна будалаштина да се воспоставува егалитаризам во пазарна економија. Мислам дека политичкото рекламирање воопшто е будалаштина и тоа опасна будалаштина и треба да се забрани или да се лимитира законски само на специјални случаеви кога стварно има потреба од кампањи со јасно видлива цел, евалуација на кампањите и праламентрна контрола – кога се работи за рекламирање од владата или пак целосно да се забрани кога се работи за партиски реклами, платени политички програми или предизборни спотови. Едноставно рекламирањето на поилтичките партии, па и на владата прозиведува корупциски односи меѓу политиката и медиумите, влијае врз покривањето на настаните и информирањето, фаворизира натпревар со пари, а не натпревар со идеи и така натаму. Затоа во мнозинството европски земји не е дозволено. Затоа што во суштина е антидемократско. Но да се вратиме на Бранкота, од негов аспект повторно е сфатливо барањето затоа што за разлика од мојата комоција на посматрач, тој знае дека доколку не се изнајде некое практично решение – повторн треба да излезе на утакмица со купени судии. Значи од аспект на стручен суд – будалаштина, од аспект на брзо решение за обезбедуавање на фер плеј сфатливо. Но, јас сум против. Подобро да се уреди ова прашање после избори, затоа што нема време да се уреди квалитетно пред избори. Јас знам дека ВМРО може да го реши за 5 мин. Ама брза кучка слепи раѓа, а привремените решенија стануваат трајни.

На втората теза:

Вовлекувањето на невладините организации за време на предизборната борба со пледирање на тоа дека кризата е опасна за Македонија и дека треба да ги надополнат потфрлањата на политичкиот фактор во земјата и тоа исклучиво маркирајќи го едниот тркач во политичката битка како одговорен за тоа е само пропагандна манипулација. Како прво, убеден сум, како што и гледаме деновиве дека доволно анонимуси ќе изпливаат под бајракот на НВО и ќе му изнакажат на Бранко дека тоа што го прави е опасно за државата. И тоа е само мултипликација на тезата која прво на малку поинаков начин ја изрече Груевски, и сега таа треба да се мултиплицира низ што е можно повеќе канали и преку што е можно повеќе извори за да се стекне впечаток дека оној што прв ја изрекол е апсолутно во право. Трикот е пропаганден, а дејството што сака да се постигне е предвремена дисквалификација на противникот односно маркирање на неговото однесување како опасно. Како што гледам ниту една стара и сериозна организација не ја лапна оваа јадица – да биде злоуптребена во пропагандни цели. Значи ако некое НВО има допирни точки со политиката тоа сака да зборва за политики со сопствените ставови, а не да ги потврдува или одрекува ставовите на политичките актери по потреба на некој од нив. Јас одамна викам дека ВМРО не ги разбира невладините организации и оваа теза на Бичиклиски по кој знае кој пат тоа го покажува. НВО за ВМРО има само пропагндна улога и толку. Втората работа што исто не ја разбра, за разлика од стариот Сојуз на Социајлистичкиот народ кој имаше за цел да ја потврдува безгрешноста на владејачката партија – современите НВО се растресена и лабава мрежа, често со многу тесни фокуси и со одреден тесен политички фокус (медиуми, жени, абортус, лица со посебни потреби, млади и сл.) и реагираат некоординирано или пак се координираат ад хок. Ако поголема групација на НВО сериозно помисли дека однесувањето на опозицијата е толку многу опасна за Македонија веројатно ќе реагира.

Е сега мое лично мислење, напуштањето на парламентот од страна на СДСМ е врв на политичката криза во земјата. Понатаму протолкувајте си го сами…

И на крајот за третото…

Не сум сигурен дали има потреба за дополнително објаснување освен ова…

Ако не преовладува духот на инклузија и консензус наместо духот на исклучивост и конфликт, ако политичкиот натпревар не се базира на аргументација наместо на ароганција, нема демократија. Од тој аспект јас би повикал на спротивното…

Да се седне заедно и да не се даваат изјави дека некој сам ќе оди на избори или дека некој ќе се инаети до крај и да се разрешат сите прашања што ќе создадат услови за фер избори.

И тоа без удирања под маса… Без хистерични изјави… Без расправии кој сакал, а кој не сакал на избори… Без бука и бес…

Срамота е бре најдобрите избори во Македонија да бида оние од 1991 година организирани од тоталитарна структура, а вие сите демократи 20 години да не можете едни асални избори да одржите.

И го должите тоа на Македонија затоа што предолго ве рани и ве толерира, а премалку вративте…

Васко Крајчевски напиша дека бил испровоциран со најавите за предвремени избори:

Прво ми е смачено од црно белиот Свет на Груевски и Црвенковски, кои сакаат да наметнат мислење дека тие се единствените играчи на политичката сцена во Македонија. Да не беше ова така и да имаа сенс за демократија, нити Бранко ќе се вратеше после периодот ѓоа претседател нити пак Николче ќе инсистираше тој да се врати назад. Со вакви политички екипирани гарнитури и моменталното располжение и услови на теренот ништо не ни гарантира поинакви четири години сем да се има некој пратеник плус или минус. Што ќар од тоа? До година пак Бане ќе бара избори? Или пак да замисли една научно фантастична сцена. Да биде обратна ситуација. Разлика има? Нема, сем обратните ( веќе видени ) улоги, но ова е само научна фантастика во овој момент.

[…]

И за крај. Подржувам избори предвремени , но не по рано од втората половина на Октомври, но во меѓувреме да се создадат услови во кои и помалите играчи би истрчале рамноправно со самонаречената водечка двојка. Тоа е демократија. Кога над тесно партиските интереси ќе ги ставите националните…

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.