
Слика од официјалниот трејлер на филмот „Нирнберг“ („Nuremberg“), преку Јутјуб каналот на Сони Пикчрс Класикс (Sony Pictures Classics); фер употреба.
На 1 март 2026 година во Руската Федерација стапи во сила закон со кој се забранува дистрибуција и прикажување на филмови за кои може да се смета дека ги дискредитираат „традиционалните руски духовни и морални вредности“. Според новите правила, Министерството за култура ќе има овластување да одбива издавање лиценци за дистрибуција на филмови што се сметаат за спротивни на овие вредности или што „го промовираат нивното отфрлање“. Законот се однесува и на онлајн стриминг-сервиси и социјални мрежи.
Според некои руски медиуми, законот ќе се применува и на странски и на домашни филмови. Многу познати холивудски остварувања се сметаат за потенцијално загрозени, вклучително и дела на режисери како Дејвид Финчер, Квентин Тарантино и Мартин Скорсезе. Властите ќе посветат особено внимание на филмови што може да се протолкуваат како промовирање „нетрадиционални односи“ или „отфрлање на семејните вредности“.
Во Русија, странските стриминг-платформи не функционираат од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина. Сепак, домашните стриминг-сервиси остануваат популарни, а нелегалното стримување пиратски содржини е во пораст. Претседателот Владимир Путин во јуни 2024 година потпиша закон со кој се ублажуваат казните за кршење на авторските права.
Стриминг-платформите можеби ќе мора да отстранат голем број филмови. Како што забележува Радио Свобода, „традиционалните вредности“, според овој закон, вклучуваат патриотизам, граѓанска свест, служење на татковината и одговорност за нејзината судбина, високи морални идеали, силно семејство, продуктивен труд и приоритет на духовното над материјалното.
Сè уште не е познато кои конкретни филмови се на удар, иако дистрибутерската компанија Ворлд Пикчерз (World Pictures) потврди дека филмот „Нирнберг“ (Nuremberg) од 2025 година, чија премиера во Русија беше закажана за 19 март 2026 година, нема да биде прикажан во руските кина, бидејќи Министерството за култура не издало лиценца за дистрибуција. Објаснувајќи ја својата одлука, министерството се повикало на член 19, подточка З од правилникот за издавање сертификати за дистрибуција, кој споменува „други случаи дефинирани со федералните закони“.
Оваа историска драма на режисерот Џејмс Вандербилт ја раскажува приказната за кривичните процеси против лидерите на нацистичка Германија по Втората светска војна. Заснован на книгата „Нацистот и психијатарот“ (The Nazi and the Psychiatrist) од Џек Ел-Хаи, филмот го следи психијатарот Даглас Кели, кој треба да утврди дали Херман Геринг и другите соработници на Хитлер се способни да им се суди.
Филмот „Сплитсвил“ (Splitsville), кој беше хит на Филмскиот фестивал Санденс, е еден од првите за кои се известува дека им е одбиено прикажување во Русија според новиот закон, поради наводно „дискредитирање на традиционалните духовни и морални вредности“. Филмот е хумористична рефлексија на режисерот Мајкл Анџело Ковино за отворени врски по четириесеттата година, кризата на средните години и сексуалното експериментирање. Според Film.ru, само пред една година ваков филм веројатно би се нашол на листата на прикажувања во Русија без никакви проблеми.
Руската публика исто така остана без можност да го види новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи, „Тоа беше само несреќен случај“ (It Was Just an Accident), кој ја освои Златната палма на последниот Филмски фестивал во Кан. Неговото официјално прикажување во руските кина беше планирано за октомври 2025 година.
„Тоа беше само несреќен случај“ не доби одобрение од неколку причини — службеници од Министерството за култура изјавија дека филмот „содржи материјали што го кршат руското законодавство“, вклучувајќи промовирање насилство, екстремизам и нетрадиционални сексуални односи.
Иранскиот филм ја раскажува приказната за Вахид, поранешен политички затвореник кој добива можност да им се одмазди на своите мачители. Еден ден, кога семејство го носи својот автомобил во автосервисот каде што тој работи, Вахид препознава еден од нив. Откако ќе смисли план за одмазда, почнува да се сомнева дали неговото спроведување е вистинската одлука.
Документарниот филм „Родителите се тука“ (Parents Are Here) на филмската теоретичарка, режисерка и основачка на списанието „Seans magazine“, Љубов Аркус, исто така не доби дозвола за дистрибуција од Министерството за култура во 2025 година. Тоа е првиот и единствен документарен филм за кој има јавно достапни информации дека му е одбиено такво одобрение.
Самата Аркус ја опиша ситуацијата на социјалните мрежи: „Овој мој филм НЕ доби сертификат за дистрибуција. Беше отстранет од фестивалските програми каде што веќе беше најавен и дури вклучен во каталози. Тоа не ме вознемирува премногу. Вистинскиот ужас е што не ми е дозволено да го прикажам.“
Сторијата на „Родителите се тука“ претходи на друг документарец, „Антон е тука“ (Anton’s Right Here, 2012), за млад човек што живее со нарушување од аутистичниот спектар. Аркус е основачка на првиот руски центар за поддршка на лица со аутизам.
Руската премиера на романтичната комедија „Тројката“ (The Threesome), со Зои Дојч во главната улога, која беше закажана за почетокот на септември 2025 година, исто така беше откажана. Како и во случајот со „Сплитсвил“, официјалната причина за одбивањето на лиценцата не е објавена. Приказната на филмот е за Конор (Џона Хауер-Кинг), кој завршува во „зоната на пријатели“ кај Оливија (Зои Дојч). Во обид да ја направи љубоморна, Конор започнува да ѝ се додворува на нивната заедничка познаничка Џени (Џени Брукс). Љубовниот триаголник неочекувано резултира со две непланирани бремености.
Според Film.Ru, властите не биле ги вознемирила идејата за отворени врски туку хаотичниот начин на живот на самите ликови, што исто така може да потпадне под дефиницијата за „нетрадиционални духовни и морални вредности“.
Неколку други филмови беа забранети уште пред да стапи законот во сила. Министерството за култура, на пример, одби да издаде лиценци за дистрибуција на комедијата „Смртта на Сталин“ (The Death of Stalin) на Армандо Јанучи, како и за „Љубов“ (Love) на Гаспар Ное, филмовите од проектот „DAU“ на Илија Хржановски — наводно поради „пропаганда на порнографија“ — како и филмот „Бенедета“ (Benedetta) на Пол Верховен. „Бајка“ (Fairytale) на Александар Сокуров беше забранет на иста основа како и „Нирнберг“, со повикување на „други случаи дефинирани со федералните закони“.







