- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија: Марш за мирот – ентузијазам и контроверзии

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Владеење, Војни и конфликти, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Етничка припадност и раса, Закон, Медиуми и новинарство, Меѓународни односи, Најважни вести, Политика, Протест, Слобода на говор, Човекови права

Маршот за мир во Скопје [1] закажан за 17 март наиде на сеопфатна поддршка и позитивни реакции на социјалните медиуми. Некои осамени гласови, сепак, предупредуваат дека иницијативата се користи како можност за саморекламирање на познати личности, па дури и како лицемерно алиби за ширачи на омраза.

Неколку видео клипови во кои во стилот на „Бенд еид“ низа локални познати личности декларираат дека се за мирен заеднички живот беа објавени преку профилот на Јутјуб наречен ZaednoZaMir [2]. Овие клипови добија претежно позитивни реакции од корисниците на социјалните медиуми.

Од друга страна, Јована Тозија постави прашање [3]: „Пардоне моа, лигуши ниедни кај бевте кога ве викавме да снимите видео дека го поддржувате #protestiram [4]!?!?!“, односно протестите против полициска бруталност [5]. Таа напиша [6] дека не се труди да ја подрие иницијативата за маршот, туку дека ѝ пречи [7] што луѓе кои не ги удостоиле ниту со одговор „не сакам“ кога биле замолени за учество сега се испотепале да се наместат пред камера.

Ветеранот блогер [8] и активист за човекови права Жарко Трајаноски [9] објави [10] дека нема да учествува на Маршот за мир, иако некои од неговите најблиски пријатели ќе го сторат тоа:

Причината е: Не можам да трпам веќе лицемерие!

Да, на прв поглед плени изјавата од прес конференцијата на иницијаторите на маршот: „Се обединуваме во гандиевски стил со моќта на пацифизмот“. Љубопитно гледам кон познатите лица, обидувајќи се да го препознаам македонскиот Ганди кој ќе нè обедини во ненасилен отпор кон тиранијата. Гледам упорно во ТВ екранот, загледувам, да не случајно се појави македонскиот Ганди, ама никако да го здогледам. Туку, ете, се појавува режисерот на „Еднооки“, Алек Русјаков, на ТВ Сител [11] и вели: „Ова движење не е против никого. Не е против власт, не е против опозиција, не е против раса, не е против нација, туку е за мир.“

„Еднооки“ е анимирана ТВ-серија која се прикажува на телевизии во сопственост на коалициски партнери на тековната влада (прво на Канал 5, а сега на Сител; а претходно на А1 додека беше провладина). Во серијата претежно се демонизира опозицијата или неистомислениците на власта од невладиниот сектор, како и странски дипломати. Во серијата се карикатуризирани и клучни лица од власта, но на благ начин, претставени позитивно. Истиот тим истовремено продуцира и „образовна“ серија за античка Македонија за државната телевизија МТВ (јавниот сервис). Еден од нивните „историски“ наоди е дека за разлика од античките Грци, меѓу античките Македонци немало хомосексуалност.

Трајаноски продолжи:

Чекај малце. Стоп кадар. Режисерот на „Еднооки“ – иницијатор на марш за мир? Одеднаш, ќе заборавиме дека „Еднооки“ е хејтерска серија која поттикнува на омраза и кон сите критичари на власта? Ќе заборавиме дека „Еднооки“ промовира етнички и други видови стереотипи и предрасуди, кои создаваат атмосфера на омраза и насилство? Последен пат кога гледав дел од „Еднооки“ новинарите на А1 беа претставувани како насилници и криминалци, а специјалните полициски сили кои ја окупираа А1 беа претставени како жртви на насилство. Барем неколку пати гледачи на „Еднооки“ ми кажале дека во „уметничкото“ дело на Русјаков сум застрелан со огнено оружје.

Личното е политичко. Не можам да „марширам“ за мир заедно со пропагандистот-хејтер Алек Русјаков. Дали жртвите на нацистичката пропаганда би му се приклучиле на Гебелс ако ги повикал на марш за помирување меѓу припадниците на чистата ариевска раса и „дегенериците“? Дали ќе му се приклучите на Латас ако ве повика на марш за помирување меѓу „гнидите“, „пичките“, „дивјаците“ и Македонците? Дали ќе му се приклучите на Миленко ако ве повика на марш за помирување помеѓу „чуварите“ Македонци и „предавничките копилиња“? Дали ќе му се приклучите на Јанко „Јади Бурек“ ако повика на помирување помеѓу верниците и „збирштината геј и атеисти“ кои беа насилно дислоцирани од плоштадот?

Аман, доста ми е од лицемерие. Нема да марширам за мир заедно со хушкачи на насилство и поттикнувачи на етничка, верска и други видови омраза. Мирно ќе протестирам против хејтерите – против пропагандистите на режимот кој амнестира воени злосторници и тортурира политички затвореници кои добиваат 109 години робија.

Анонимни читатели кои коментираа на постот на Трајаноски изјавија дека ќе одат на маршот иако се согласуваат со некои од неговите аргументи. Еден/една од нив укажа на линк кон едно интервју [12] со Русјаков во кое тој тврди дека членовите на невладините организации кои не се истомисленици со Владата („Соросоиди“) се платени од грчките шовинисти да го уништат македонскиот идентитет и при тоа уживаат во анален секс со Грците.

Други коментатори имаат посочено дека учествувале на протестите против полициска бруталност без разлика на тоа што на нив се придружиле и некои фигури од опозицијата, иако тие самите не се поддржувачи на тие политички партии.