Србија: Белградските дрва – жртви на „Масакр со моторна пила“

На крајот на февруари, започна процесот на сечење на околу 400 платани на најдолгата улица во Белград, булеварот Крал Александар. Дрвата беа засадени на таа улица во 19-от век и патот украсен со дрворед беше една од најстарите и најубави зелени оази во центарот на Белград. Комуналната фирма Градско зеленило, која е одговорна за парковите и дрворедите во целиот град, најави планови за комплетно искоренување на дрвата на булеварот, со образложување дека дрвата се стари и болни.

Оваа акција предизвика протест кај граѓаните и многу реакции од страна на писатели, уметници и други познати личности од печатот и интернетот. Тие ги изразија своите сомнежи дека сите обележани дрва се болни. Се плашат дека тоа е само уште еден изговор за проширување на делови за паркинг или за некој друг проект кој ќе биде обелоденет подоцна, откако ќе бидат уништени гигантските платани.

Директорот на Градско зеленило, Радован Драшкич, рече дека сечењето е веќе започнато и дека граѓаните би требало да се свесни за опасноста што постои кога заболените дрва не се отстрануваат. Веб страницата Balkan Insight ја објави неговата изјава; еве еден дел од неа:

Го одбравме овој дел од градот бидејќи имаше најмногу проблеми. Зошто? Не е тешко да докажеме; надворешно, дрвата изгледаат здрави, но научните истражувања покажаа дека дрвата скапуваат во внатрешноста. Можете да видите дека еден или два метри се здрави, а потоа започнува скапаниот дел.

Група на граѓани кои се спротивставија на сечењето, побараа започнување на петиција. Тие испратија писмо до белградскиот градоначаник Драган Ѓилас. Меѓу другото, истакнуваат:

Освен естетичката, историската и културна значајност, дрвата, како што знаете, исто така го прочистуваат и мошне загадениот воздух во овој дел на градот. Меѓу потпишаните во петицијата се и инженери од Факултетот за шумарство и хортикултура. Тие веруваат дека, спротивно на изјавите на директорот на Градско зеленило, дрвата не се се болни како што беше случајот со одредени поранешни сечења.

Групата на Фејсбук со име REMEMBERING BELGRADE CHAIN SAW MASSACRE!!! (Сеќавање на белградскиот масакр со моторна пила) Веќе брои повеќе од 800 членови. Еве го описот на групата:

Белградската општина исече преку 400 дрва на најдолгиот булевар во градот.
Ни дадоа некои неубедливи изговори во врска со „болеста на дрвата“, но вистината е многу погрда.
Како што можете и да замислите, во позадината се работи…за пари.

Душан Павловиќ од невладината организација Zeleni Srbije изјави на Balkan Insight дека таквото решение е тажно, но дека сега е премногу касно да се измени било што:

Ова не требаше да се случи без да се консултираат соодветните организации и стручњаци. Сега, откако штетата е направена, веќе е доцна и затоа треба да ги притиснеме одговорните да го направат она што ветија да направат после сечењето – да засадат нови дрва.

Блогерите исто така реагираа на овој настан.

Нуне Поповиќ пишува:

[…] Доколку платаните се навистина болни и претставуваат закана за животот на жителите на Белград, како што вели градоначалникот Ѓилас и како што некои од стручњаците приговараат […], се појавува едно логично прашање: зошто истражувањето од страна на експертите на Факултетот за шумарство […] не се објавува? Која е пречката за отворена јавна дискусија за оваа тема во која исто така треба да бидат вклучени и меѓународни експерти? […]
[…] Однесувањето на Ѓилас покажува дека ужива во барањата кои се испраќани до него за да дојде до одлука за сечењето на платаните, како што уживаше и Милошевиќ во 1991. Како кога Ѓилас, во улога на водач на студентскиот протест, побара од Милошевиќ да им направи услуга на граѓаните и да се повлече од власта.
Заради тоа се сомневам дека одлуката за сечење на платаните е „поболна“ од дрвата чие сечење го поддржува Ѓилас, и наместо тоа, сметам дека е во јавен интерес да се стори сѐ што е можно овие дрва да се излечат и да се спасат.

Блогерот Срѓан Митровиќ пишува за планот за градење кој постои за булеварот и ни објаснува зошто повеќе луѓе не се приклучија кон протестите:

[…] Искрено кажано, би ме изненадило ако дознаам дека некој од оние кои живеат на булеварот учествуваа на протестите. Веројатно, едвај чекаат да им ги срушат зградите и да можат да добијат пари од инвеститорите за квадратните метри (кои имаат намера во тој дел од градот да изградат нови објекти).

Блогерот Albicilla објави неколку фотографии од сечењето на платаните и ги покани граѓаните да се соберат кај споменикот на Вук за да запалат свеќи за дрвата:

Да се збогуваме со платаните на достоен начин, со многу почест и почитување.
Да запалиме свеќи не секое место на нивната безмилосност и неправедниот масакр.
Поканувајќи ги сите волонтери да се соберат во недела на 7-ми март, кај споменикот на Вук и да донесат свеќи и запалки. […] Да му испратиме слика на светот дека ни е жал за она што им се случи на нашите платани и дека не сме безмилосни убијци. […]

Владимир, млад човек (25) од белградската населба Браќа Јерковиќ, кој се нарекува себеси „адвокат со свој стил“, е на должност секоја вечер за да спаси еден од платаните на булеварот. Исто така, собира потписи од грѓаните во петицијата до општинската власт за започнување на лечењето на платанот кој го чува. Блогерот Albicilla, во друга статија, го објавува објаснувањето на Владимир:

Свесен сум дека шансите да преживее платанот кој се најде во елаборатот под број 198 се минимални […]. Очигледно е дека оние кои ја донесоа оваа одлука ќе одат до крај. Иницијативата е лично моја, зад мене не постои никој освен мојот платан. И покрај тоа што јас не живеам на булеварот, не можам да седам со скрстени раце. Едноставно, ме боли кога гледам дека платаните да исчезнуваат.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.