Македонија: Денот на жената во блогосферата

Меѓународниот ден на жената не е државен празник во Република Македонија, но нашироко се одбележува на лично ниво и на некои работни места, преку споделување мали подароци или организирање прослави. Оваа година низа блогери по тој повод се обидоа да го свртат вниманието на јавноста кон родови прашања, или да упатат честитки до сите жени.

Од 5 до 8 март, канцеларијата на УНИФЕМ во Скопје го организираше (англиски)

првиот филмски фестивал во земјата посветен на женските права и родовата еднаквост. Под насловот „Вечери на женски права“ четирите фестивалски вечери комбинираа прикажувања на документарни филмови од жени-режисерки на тема животни приказни на жени и девојчиња со дебати на сродни теми.

Поттикната од дебатата за жените и традицијата/религијата по прикажувањето на филмот „Погледни го светот низ моите очи“ (англиски), експертката за родови прашања Кристина Хаџи-Василева напиша на нејзиниот блог феминистик:

Сметам дека вчера зборувајќи за религијата се измести малку дискусијата. Некако отиде во правец на тоа дали треба или не да се носи шамија [хиџаб (англиски)] и колку е тоа право на избор или е наметнато. Меѓутоа забораваме дека шамијата е само дел од надворешните обележја на религијата, а религијате е составен дел од традицијата. Токму религиозните правила имаат голема улога во оформувањето на животните навики кои потоа се пренесуваат од колено на колено како „традиција“. Во тој контекст прашањето на религијата и традицијата добива еден нов аспект, а тоа е што тие стануваат составен дел на културниот идентитет на една заедница. И токму тука е суштината на проблемот со кој се соочуваме: како да се смени/подобри животот на жените кога промената вклучува упатување на толку чувствително прашање како што е идентитетот.

Религиските норми во случајов се означувачи на културниот идентитeт на заедницата на која една жена и припаѓа. А знаеме која е казната за непочитување на заедницата – прогласувањето за предавничка и екскомуницирањето во најдобар случај, убиство, во најлош случај. И потоа се поставува прашањето како некоја жена да реши да ја смени својата положба кога ризикот што тоа го носи е да остане без децата, без семејството, без најблиските, без дом, без пари или пак да биде осакатена или убиена.

Жените се пренесувачи на идентитетот на заедницата од една на друга генерација, затоа е толку голем притисокот врз нив и контролата врз нив. Тие ги раѓаат и воспитуваат новите генерации и го одржуваат културниот идентитет на заедницата. Тие се под притисок да исполнат одредени норми за да ја задржат таа улога – треба да се облекуваат на одреден начин, да имаат одреден маж, да родат одреден број потомци, да јадат, пијат, работат, се движат и живеат на одреден начин. Доколку ги прекршат овие правила се соочуваат со казна.

Сакам да напоменам дека треба да се направи јасна разлика помеѓу религијата во нејзиното изворно значење (духовна потреба и утеха) и фундаментализмот.

Се чини дека во последно време фундаментализмот или поточно фундаменталистичките движења се најважните социјални движења во светот. Тоа се всушност политички движења кои имаат религиски или етнички императив кои се обидуваат да го наметнат. Според Нира Јувал Дејвис тие можат да бидат засновани на свети книги или искуства поврзани со харизматичен водач и се претставуваат како единствена валидна форма на религијата, етничката култура, вистината. Фундаментализмот може да се манифестира на различни начини, како одржување на традиционалните вредности или како враќање кон вистинските/оригиналните извори. Фактот дека овие движења се хетерогени не ја поткопува употребата на терминот „фундаментализам“ како специфичен општествен феномен.

Контролата над жените и патријархалниот модел на семејството се суштината на фундаменталистичките конструкции на општествениот ред. Еден од парадоксите поврзани со фундаментализмот е тоа дека жените наоѓаат утеха или дури и чувсто на остварување/ зајакнување во рамките на тие фундаменталистички движења. Познато е дека и покрај најнискот статус кој жените го заземаат во религиозните институции тие се најактивните нивни членки. Тие како чуварки на емотивната и моралната добробит на семејството (Нира Јувал Дејвис) се активни во доменот на религијата. Тоа исто така може да претставува начин на наоѓање место за себе во јавната сфера за одреден број жени или пак за самоостварување на неквалификуваните жени работнички.

За фундаменталистичките религиозни и политички лидери способноста, односно правото, на жените да ја контролираат својата судбина и своите сопствени тела е директна закана на нивниот авторитет и малку жени би се согласиле да преземат нешто кое би се толкувало како изневерување на светата религија и/или обичаите.

Ако религијата е друго име за фундаментализам, и ако фундаментализмот е политика, доаѓаме до заклучокот дека политката е она што ја држи обесправена жената во Македонија.

Во ваква констелација на силите да се очекува дека секоја жена сама треба да се избори за својата слобода, како што коментираа некои од присутните вчера, е преголемо очекување. Помош е потребна, но дали е добредојдена?

Хемичарот ја цитираше Библијата (Пос. до Коринтјаните, 11) како пример на назадна традиција и иронично ги прекори кратковидите „деснохристијански“ блогерки, посакувајќи им исполнување на нивните идеолошки приоритети „многуродство, личен и семеен успех на нивниот столб во животот, пријатни велигденски пости за време на организираните забави со старомакедонска новокомпонирана музика“.

Иако таквите прослави некои ги сметаат како ’заоставштина од комунизмот‘, најмногу се практикуваат во рамките на јавната администрација која ја водат политички партии кои се декларираат како антикомунистички. Понекогаш прославите ескалираат надвор од рамките на обезбедување бесплатен ручек за женскиот персонал, до ниво на екскурзии во странство. На пример едно скопско јавно претпријатие има организирано викенд тура во Истанбул.

Осврнувајќи се на еден друг аспект на овој феномен, кузевски праша преку Твитер:

Зошто сите мислат дека 8 март е денот кога жената има право да излезе сама во кафана без да биде спречувана од партнерот?

а бвелковска одговори:

Го слават постари ген. кои тешко се одвик. од социјалистичките навики. Не познавам современи жени што чекаат 8 март за кафана 🙂

Распеани скопјани објавија преработка на химната (англиски) на југословенскиот нов бран „Она се буди“ (српски) како потсетување дека

…8 март не е ден за цвеќиња, кафани и шопинг, туку ден во кој треба да се слават женските права… [и] ден на кој треба да размислиме кој, како и зошто крои политики без да го земе женскиот фактор предвид, без разлика дали станува за анти-абортус кампањи, кампањи за создавање мајки на нацијата или пак проекти за дигање споменици кои забележително не вклучуваат ниту една жена.

Од друга страна, како честитки извидниците од Велес понудија цвеќе, Психотерапија постираше романтична хрватска песна, Лепа Ангелина објави романтичен инсерт од филм, додека на Археолошки дневник беше објавена комбинација на превод на песна од мароканскиот поет Камел Зебди (француски) со песната „Пораката“ на Линда Пујол (на шпански со англиски превод).

Перо Наков б.б. нагласи дека вистинската ѕвезда на нуклеарната фисија била жена, Ида Нодак, Л’ами д пеопле преку четири постови (1, 2, 3, 4) го преведе есејот „Борбата на жените и класната борба“ (англиски) од данската социјалистка Мари Фредриксен, Дарјан Раденковиќ објави кус расказ на тема семејно насилство, а Сурфејс Суртук го цитираше Дејвид Херлихи (англиски) за наводно древните историски почетоци на патријахатот.

Во меѓувреме, на новиот блог Среќен 8 март анонимно беа објавени фотографии од неколку улични склуптури на „шмизли“ со „идеални“ телесни пропорции како куклата Барби, поставени од Министерството за култура во центарот на Скопје. Непознати сторители на статуите им додале книги, ленти со текст „Не сум сексуален објект“ и натписи „Еј добив стипендија, одам на Харвард“ и „Нобеловка“.

Двајца блогери се осврнаа на прашања поврзани со Денот на жената од аналитички агол.

  • Користејќи официјални статистички податоци, Претприемач се заложи за надминување на „јазот помеѓу активното машко население и активното женско население во Република Македонија, оти  мажите се скоро за 1/3 позастапени од жените во рамките на работната сила.
  • Сеад Џигал, еден од авторите на блогот за медиуми Комуникации, повторно објави едно негово истражување од 2005 на тема рекламни претстави за жената, во комбинација со видео-клип од Џин Килбурн.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.