Народот на мултитничка Македонија организира Марш за мир оваа сабота, како израз на загриженоста дека неодамнешните злосторства мотивирани од етничка омраза најавуваат граѓанска војна.
Маршот е закажан за сабота, 17 март 2012. во 2 попладне кај Школка во Градскиот парк во Скопје. Информацијата се шири преку настанов на Фејсбук [1], настан на Твитвајт [2], Твитер-профилот Zaedno za mir [3] и хаштаговите #PEACEmk, #ZaednoZaMir, #zzm и/или #marshnamirot [4].
Иницијативата [5] во организација на активисти и околу 50 граѓански организации, со учество на уметници и медиумски личности од сите локални етнички групи кои не сакаат да ги снајде реприза на конфликтот од 2001 година [6] (позната и како „второ полувреме“ [7]). Тие велат:
Ние сме
ЗА Мир!
ЗА живеење едни со други наместо едни покрај други!
ЗА Смирување на тензиите!
ЗА Доброто на сите луѓе!
ЗА Пријателство!
ЗА Општество без насилство!Без предрасуди и манипулации!
Добредојдени се сите луѓе кои се залагаат за смирување на тензиите и подигнување на јавната свест за заеднички живот!
Ова е прашање на граѓанска и човечка освестеност!
Да го посадиме семето на љубовта.Сакаме и можеме!
Маршот е реакција на серијата насилни меѓуетнички ситуации инциденти [8], на кои властите реагираа споро (mk [9], sq [10]) и со низа контроверзи, почнувајќи со гостиварското убиство во тек/после расправија за паркинг место на 28 февруари, преку протестите по погребот при кои се искршени определени продавници, по кои следуваше серија насилни инциденти на „спонтани“ „одмазднички“ напади – тепање на случајни минувачи одбрани по етнички клуч на улиците од неколку македонски градови и во јавниот превоз во Скопје, во кои десетици луѓе здобија сериозни повреди.
Сето ова беше придружено со пристрасно известување во повеќето етнички/јазично поделени медиуми кои не беа опфатени со бранот затворања од минатата година (1 [11], 2 [12] – en), до ниво на отворен говор на омраза [13]. Периодот на влошување на безбедносната ситуација во Македонија почна кон крајот на јануари (en [13]), а му претходеа долгорочни напори за националистичка мобилизација поттикнувани од владеачките етнички македонски и етнички албански партии, насочени кон „нивните“ етнички заедници. Фактор е и „традицијата“ судството да не казнува или да биде многу благо (en [14], sq [15], mg [16], bn [17], es [18]) кон извршителите на de facto злосторства од омраза. (Овој концепт, на анг. hate crimes [19], не постои во македонскиот правен систем, иако поттикнувањето етничка и расна омраза или нетрпеливост е кривично дело. Во САД и други земји низ светот, како злосторства од омраза се сметаат активности кои се мотивирани од било каков вид расизам и шовинизами при кои злосторниците ги одбираат жртвите поради нивната припадност кон определена група.)
Учесниците во иницијативата ја изразуваат својата посветеност на заеднички живот со припадниците на други етнички групи и преку обезбедување разни преводи во Фејсбук-групата, како и преку објавување разни други дела. На пр. графичкиот дизајнер Небојша Гелевски – Бане, го направи [20] постерот вметнат претходно, додека режисерот Срѓан Јаниќијевиќ објави [21] едно друго мировно графичко дело, како и видео-клипот што следи.