Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Најава на микро-грантовите од Rising Voices за 2014 година

Дали имате идеја за проект со кој ќе и помогнете на вашата заедница да ја раскаже својата приказна преку граѓанските медиуми? Дали ви се потребни финансии и поддршка за тој да стане реалност? Дали сакате да бидете дел од мрежа која помага во надминувањето на дигиталниот јаз низ целиот свет?

Ако одговоривте со „ДА“ на сите три прашања, тогаш Ве повикуваме да земете учество во конкурсот на Rising Voices за микро-грантови 2014.

RisingVoices-microgrants2014-600

МИКРО-ГРАНТОВИ

Rising Voices поддржува активности за споделување на знаењето и вештините за користење на граѓанските медиуми за дигитално раскажување и граѓанско учество. Од 2007, имаме поддржано 40 мали проекти за граѓански медиуми, преку финансиска поддршка и менторство, но и преку нивно вклучување во заедницата на Global Voices.

Овие проекти им помогнаа на локалните лидери да претстават нови, незастапени гласови во глобалната дигитална дискусија и да истакнат теми кои се важни за нивните заедници.

Во последните три години, колку што се организира конкурсот за микро-грантови, видовме како свеста за дигиталните алатки и комуникации значително се подобри. Имаме разгледано илјадници од апликации од повеќе од 100 земји. Поради овие причини, оваа година ќе го зголемиме бројот на грантови, иако буџетот ќе биде незначително помал.

Во 2014, ќе доделиме до 10 микро-грантови со буџет помеѓу 2,000-2,500 американски долари на проекти кои ќе имаат јасна идеја за како да понудат обуки и постојана поддршка за локална заедница. Новите грантисти ќе се приклучат на мрежата на Rising Voices и ќе бидат истакнати на Global Voices.

НАСОКИ

Rising Voices бара предлог-поекти кои ја споделуваат нашата мисија за користење на онлајн, граѓански медиуми како алатка за самообразување, разбирање меѓу луѓето и општествена промена.

Ве повикуваме да ја видите нашата листа на сегашни и поранешни грантисти за примери на проекти кои ги поддржуваме.

Бараме проекти кои:

1. Активно ги вклучуваат членовите на локална заедница која е „незастапена“ онлајн, демографски, лингвистички или географски. Особено бараме лидери кои се дел од тие заедници и знаат како и зошто граѓанските медиуми може да им користат на членовите на заедницата. Ако апликантот не е дел од заедницата, локален жител или член на заедницата мора да биде дел од изработката и имплементацијата на проектот.

2. Овозможуваат обука, менторство и лидерство. Сакаме проектни лидери кои се желни да го споделат своето знаење и вештини со другите. Преку практични тренинзи за користење на граѓанските медиуми, учесниците ќе се чувствуваат спремни и сигурни да ги искористат максимално достапните алатки. Постојаната поддршка е клучна во формирањето на продуктивна заедница за раскажување.

3. Раскажуваат приказни за теми кои се важни за заедницата. Откако учесниците учествуваат во обуки, тие се спремни да ги споделат своите гласови со светот. Ние бараме приказни кои даваат информации за заедницата, нивните предизвици или успеси, раскажана од уникатна персонална перспектива.

4. Користат бесплатни и достапни граѓански и социјални медиуми. Овие проекти може да вклучуваат блогови, микро-блогови како Twitter, слободен софтвер како Audacity за уредување на аудио, SoundCloud, Audioboo или Radioteca. Сајтови за видео како YouTube и Vimeo, или мапирање со OpenStreetMaps. Исто така може да вклучуваат и користење на социјални мрежи како Facebook за дистрибуирање на својата содржина.

Ве охрабруваме да бидете креативни и амбициозни, но сепак реалистични во своите предлози. Погледнете го делот за најчесто поставувани прашања за повеќе информации.

За да аплицирате, Ве молиме посетете ја страницата „Submit a Proposal“ (поднеси предлог-проект), каде ќе најдете кратки прашања кои ќе ви помогнат да го формулирате вашиот проект. Ве охрабруваме да користите концизни одговори (со почитување на лимитот на карактери) и да ги организирате вашите мисли кон она што е најважно.

ОТВОРЕН ПРОЦЕС

Ве охрабруваме да ја споделите вашата апликација јавно на нашата онлајн платформа. Нашата цел е заедниците кои работат блиску едни до други или на слични теми, да се поврзат и соработуваат.

2014 Rising Voices Microgrant Platform

Платформата за микро-грантови 2014

Предлозите од минатата година се уште се достапни онлајн и повеќето од нив содржат начини за контактирање на апликантите. Ве повикуваме да ги погледнете предлозите и да утврдите дали постои можност за соработка со проекти кои се однесуваат на вашата заедница или обработуваат иста тема.

Ќе обрнеме особено внимание на апликации кои ќе направат напори да изградат партнерства со други апликанти. Во формата за предлог проект постои прашање кое ви овозможува да ги опишете вашите партнерства.

Доколку не сакате да ја споделите вашата апликација јавно поради безбедносни причини, имате можност да ја поднесете приватно.

ПРОЦЕС НА АПЛИЦИРАЊЕ

Конкурсот ќе ја следи следната временска рамка:

Отворен за апликации: 12 март (среда), 2014

Апликантите ги поднесуваат своите предлози преку онлајн платформата на англиски јазик (Ве молиме имајте предвид дека ова е поради тоа што англискиот е заеднички јазик на комисијата за избор). Откако предлог-проектот е објавен онлајн, ги повикуваме апликантите да го споделат со своите мрежи, да соберат коментари и предлози од другите.

Сите предлози ќе бидат разгледувани од комисија составена од претставници на заедницата на Global Voices, вклучувајќи и поранешни грантисти на Rising Voices.

Краен рок за аплицирање: 9 април (среда), 2014 – 23:59 GMT

Победниците ќе бидат прогласени на: 7 мај (среда), 2014 (постои можност рокот да биде поместен, доколку бројот на проекти кои ќе пристигнат е голем).

Доколку имате прашања, Ве повикуваме да оставите коментар или да ни испратите имејл преку нашата контакт форма.

Со среќа!

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.