Како да (и како да не) се учи да се блогира

dominickbyjoi-300x201

Фотографија од Џои Ито на Flickr користена под Криејтив комонс лиценца – Наведи извор

Во последната книга на Паоло Куелјо „Вештерката од Портобело“ карактерот Набил Алахи вели: „Што е учител? Јас ќе ви кажам: Тоа не е некој што ве учи нешто, туку некој што го инспирира ученикот да се потруди најмногу што може со цел да го открие она што веќе го знае.“

Го обожувам овој цитат. Навистина ги искажува целите кои јас ги имам во моето предавање – не да ги гледам учениците како празни садови во кои учителот ќе го истури своето знаење, туку како луѓе кои имаат потреба од инспирација со цел да најдат начин како да го применат она што веќе го знаат за нова цел.
Знам дека сѐ уште сум далеку и дека имам уште многу за учење за да станам добар учител. Тричасовната сесија која ја имав за да научам една невладина организација во Дурбан за блогирање е добар пример за тоа. Мислам дека е добро да ви кажам што научив.

1.    Кој учи и кој предава?

Најдоброто предавање кое може да го изведете започнува со слушатели кои сакаат да научат. Најдобриот начин за да ги отстраните оние што не сакаат да научат е да оставите луѓето да ве контактираат вас (наместо обратно).

Научената лекција? Кога невладина организација дизајнира интервенција и финансиерите спонзорираат таква интервенција, погрижете се да има некаква пречка која слушателите ќе мора да ја поминат со цел да ја покажат својата желба за учење. Понекогаш тоа значи плаќање на котизација (меѓутоа мала) за учество во обуката или барање од луѓето да напишат мотивационо писмо за тоа зошто тие би биле добри кандидати за да присуствуваат на обуката. Што и да направите, погрижете се да не создадете ситуација каде луѓето испраќаат учесници, кои немаат интерес, колку да ги пополнат бројките и да ги селектираат „постигнатите резултати“.

2.    Фокусирајте се на цели кои може да бидат измерени

Постои многу важна разлика помеѓу целта „да се обучат 10 студенти како да блогираат“ и целта „да се добијат 10 блогери кои ќе блогираат активно 6 месеци после обуката“. Првата цел ќе има многу низок степен на успех, иако тој тип на обука е многу полесно да се изведе и веројатно може да се направи со многу луѓе. Но да се постигне целта да се видат активни блогери кои ќе блогираат и после нивната обука, ќе ве натера да мислите повеќе за тоа како да ја изведете обуката, што сакате да покриете со неа и колку долго ќе биде потребна поддршка за блогерите. На пример, по стандардната сесија со која се истакнуваат алатките за блогирање, може да преминете на обука за подобрување на вештините за изведување на интервју или ракување со дигитална камера, како и за одредување на целите и уредништвото – сето ова треба да се направи доколку сакате да видите навистина зголемување во создавањето на значајна содржина од одредена група.

На оваа тема најдов одлични ресурси на сајтот teachandlearn.ca во текстот „Како да изградиш блог“. Текстот покрива одлични материјали кои се фокусираат на тоа како да се создадат краткорочни и долгорочни цели за вашиот блог и како да ги споите тие цели со типови навики, кои ќе ви овозможат успех во постигнувањето на целите. Волонтерите од тимот на Рајзинг војсис моментално работат на создавање на листа од различни курикулуми и материјали за блогирање и тие дефинитивно ќе бидат добро користени бидејќи ги нема многу.

3.    Слушајте ги вашите ученици

Уште една одлична лекција која ја научив додека предавав за блогирање минатиот месец е тоа да ги слушате многу, многу внимателно вашите ученици и да се подготвите пред вашето предавање за да откриете кои се вашите студенти. Најдоброто предавање започнува од онаму каде што се слушателите, а не од онаму каде што сте вие. За работилницата во Дурбан планирав поголемиот дел од тричасовната обука да го потрошам за тоа како да се одржува блог, но кога сфатив дека слушателите ги имаа изгубено кориснички имиња и лозинки од оригиналната обука и требаше да започнеме од почеток, морав да ги баталам моите планови и да се фокусирам на она што ќе им помогне на слушателите во тој момент. Ќе бев во подобра ситуација доколку го знаев ова за време на процесот на планирање. Научената лекција е дека треба да се прашуваат многу, многу прашања додека планирате што да предавате – особено кога имате ограничено време со вашите ученици.

4.    Поставете ги вистинските прашања

Последната лекција која ја научив беше да научам како да ги поставите вистинските прашања на вашите ученици. Мислев дека ќе биде добра идеја ако ги прашам учениците зошто тие сакаат да научат да блогираат, но кога му кажав за ова на директорот на Рајзинг војсис Дејвид Сасаки тој ми понуди свое мислење:

Мислам дека понекогаш луѓето се плашат кога ќе ги прашаш „зошто сакаш да блогираш“ бидејќи многу луѓе сѐ уште го изедначуваат со тоа дека треба да се има нешто „многу важно“ да се каже за да биде објавено. Една работа која треба да се потенцира – дури и на поискусните блогери – е дека иако е точно дека тие потенцијално му пишуваат на целиот свет, исто така е точно дека тие ќе имаат многу мала група на читатели кои ќе бидат заинтересирани за одредена тема. За да ја поттикнам конверзацијата понекогаш ги прашувам: како им ја објаснувате вашата работа на други? Или: какви заклучоци донесуваат луѓето за вашата работа што не се точни?

Доколку знаев се што сега знам за моите ученици, мислам дека ќе ги организирав поинаку работите во тие три часа што ги имав со нив. Исто така сфатив дека голем дел од сесијата не беше во моја контрола. Но добрата страна е тоа што ме натера вистински да размислам за тоа како да се учат луѓето да блогираат и како треба да се вршат истражувања со цел да се има големо влијание и да се изврши обуката за луѓе кои навистина сакаат да ја користат техниката.

Тоа е смешната страна на предавањето – веројатно вие завршувате со многу повеќе научено отколку што ќе ги научите вашите ученици.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.