Овој напис на Кени Сокан првично се појави на PRI.org на 26 февруари 2016, и е реобјавен тука како дел од договор за споделување содржини.
Во светот на супер хероите, ликовите со различна боја на кожата од белата се ретки. Уште полошо, инкорпорирањето на нивните етнички култури, ако се воопшто идентификувани, е потпросечно.
Но „Comic Republic“ (Стрип Република), нигериски старт-ап од Лагос, создава свет на автентични и уникатни африкански супер херои.
Водечкиот лик на „Comic Republic“ е „Guardian Prime“ (Примарниот Чувар), заштитникот на човековата раса, кој го имаше своето деби во 2013 година.
„Тој навистина се води од вербата во себе. Верба во себе. Во суштина се трудиме да речеме, види, ако веруваш дека можеш да направиш што сакаш, тогаш и можеш“, вели извршниот директор Џиде Мартин. „Единствена граница која постои, е онаа која си ја поставуваме на себе… која е премисата за неговата моќ. Тој е како петтиот елемент. Ние го нарекуваме раката господова. Тој е моќен, или брз или непобедлив колку што тој верува дека е“.
Сите ликови на Мартин имаат корени во моралноста, нешто што „Comic Republic“ се надева да го врати во основите на херојството.
„Почнуваме да забораваме што значи да се биде човек, или не го вреднуваме тоа да се биде добар, да се биде правичен. … И тоа е бидејќи нашата ориентација е променета“, вели Мартин. „Дури и денешните стрипови, од големите продуценти, почнуваат да ја губат таа смисла“.
„Генерално се трудиме сите наши херои да завршуваат со добра морална порака која вели правете добро, бидете добри и животот ќе биде добар кон вас“.
За разлика од Марвеловиот „Storm“ (Бура) и Црниот Пантер од серијалот Икс-Мен, кои потекнуваат од измислената држава Ваканда во Африка, ликовите на Мартин се навистина родени и израснати во Африка.
Ерик Кукоји е предавач на универзитетот во Лагос кој исто така работи повремено како психијатар и парапсихолог. Тој се бори против криминалот навечер, кога станува Еру, скратено од иберу, што значи страв на јоруба јазикот.
„[Тој е] суштината на стравот заробена во човечко тело“, вели Мартин.
Ирети, што значи надеж на јоруба, е плод на договорот помеѓу јоруба крал и божество. Таа израснува во голем воин со супер моќи, предводи армии, освојува непријателски кралства, служи како заштитник на своето племе.
Надевајќи се да го направат читањето стрипови популарно во Нигерија, „Comic Republic“ ги направија нивните стрипови бесплатни за преземање преку нивната веб страница.
Компанијата започна со 100 преземања на првиот стрип и стигна до преку 300 во првиот месец. Неодамнешно броење покажа 38000 преземања за последниот број. Но Мартин верува дека бројот на луѓе кои го прочитале стрипот е поголем, бидејќи истиот може да се споделува.
„За една помината година, нашата публика од симпатизери полека се зголемува. … Оваа година ненадејно излеговме во медиумите и светот нѐ сака. Неверојатно е, навистина“, вели Мартин.
Околу 40 проценти од читателите се од САД, 30 проценти од Нигерија, 20 проценти од Европа и остатокот од светот ги дели преостанатите 10 проценти.
За да заработи, „Comic Republic“ презема споредни проекти со разни организации. Во 2015, тие соработуваа со организаторите на наградите „African Future“ (Иднината на Африка), цртајќи ги сите 55 номинирани како супер херои. Тие имаат проект во тек со НВО која се занимава со едукација за маларија, каде направија посебен стрип со супер херои кои одат од град до град, се борат против маларијата, подучувајќи ги луѓето што да прават. Старт-апот има слична соработка со фармација и веб сајт за тргување.
Симпатизерите ги нарекоа ликовите на „Comic Republic“ – „Одмаздниците од Африка“ и Мартин се надева дека еден ден и тие ќе бидат голем тим како Марвел.
„Се надевам дека ќе станеме домашно име како големиве две. Мислам, се надевам дека кога луѓето ќе зборуваат за стрипови, ќе мислат „Стрип Република, ДС и Марвел““, вели Мартин. „Се надевам дека децата ќе можат да речат, „што би сторил Guardian Prime?““