- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Базата на податоци со „експлицитни содржини“ на украинскиот цензор достапна за сите

Категории: Источна и Централна Европа, Украина, Граѓански медиуми, Закон, Медиуми и новинарство, Слобода на говор, Филм, Цензура, Рунет Ехо
The Commission's liquidators sent DVDs containing the database to state officials. Images mixed by Tetyana Lokot.

Ликвидаторите на комисијата испратија ДВД-а кои ја содржат базата на податоци до функционери на власта. Фотографија креирана од Тетјана Локот.

Едно од украинските најоспорувани државни тела за цензура, Државната експертска комисија за заштита на јавниот морал, беше официјално распуштена минатата година, но сѐ уште создава проблеми nа државните службеници. Најновата загатка е околу базата на податоци со „експлицитни содржини“ полнета од Комисијата за време на нејзиното постоење – и никој не знае што да се прави со неа сега откако цензорот не постои.

Комисијата за заштита на јавниот морал [1] беше создадена во 2004 од тогашниот премиер Виктор Јанукович, за мониторирање на медиумските содржини во Украина за прекршување на државни закони кои се однесуваа на „прашања на моралот“, вклучувајќи работи како поттикнување на верска омраза, производство и ширење на порнографски содржини, пропаганда на алкохолизам и пушење, и други прашања.

Неколку моменти од работата на Комисијата вклучуваат обиди да се забранат [2] анимираните филмови Сунѓерот Боб, Саут Парк, Шрек, и Телетабиси поради „пропаганда на хомосексуалност“, „садизам“ и „реинкарнација“, меѓу другото. Комисијата исто така се обиде да ги притисне интернет провајдерите да вршат контрола врз активностите на корисниците и да го регулираат пристапот до онлајн содржини, иако овие обиди никогаш не наидоа на законска поддршка.

За време на нејзиното постоење, Комисијата се соочуваше со критики [3] од застапниците на слобода на изразување, медиумски куќи и активисти на граѓанското општество, кои веруваа дека работата на државната агенција е штетна за слободата на изразување, подлежна на субјективни мислења, и севкупно бесмислена, бидејќи нејзините одлуки немаа законски обврзувачка моќ.

Во 2010, Јанукович (тогаш претседател) најави планови за распуштање на Комисијата за заштита на јавниот морал, но тие никогаш не беа спроведени. Во декември 2014, во собранието беше претставен нов предлог закон за распуштање на агенцијата, и истиот беше изгласан во февруари 2015. Авторот на законот за ликвидација, правничката Олга Червакова, ги потенцираше [3] придобивките од заштедата на средства откако Комисијата ќе се распушти, која само помеѓу 2009 и 2014 ги чинеше граѓаните 30 милиони гривни (1.16 милиони американски долари).

Но ликвидацијата на Комисијата беше конечно финализирана [4] во јуни 2015 со одлука на кабинетот на министри. Иако распуштањето требаше да се заврши за 5 месеци, тимот кој е одговорен за истото сѐ уште работи и во 2016. Червакова, новинар и правник, одблизу го следи распуштањето и неодамна објави [5] интересна анегдота на нејзината Фејсбук страница.

Наводно, низ годините на работа, Комисијата прибрала прилично голем број на материјали „кои содржат елементи од сексуална природа и еротика“, и никој не е сигурен што треба да се направи со овие папки сега откако веќе оваа агенција не постои. Пишувајќи за процесот на распуштање и базата на податоци, Червакова објаснува [5]:

…в процесі інвентаризації майна знайшовся досить цікавий нематеріальний актив – База даних (каталог) всіх видів продукції сексуального характеру і продукції, що містить елементи еротики. Вона була створена НЕКом за бюджетні кошти в попередні роки.
Сто сторінок припущень, наскільки захоплюючою була така діяльність, опускаю. Щоправда, каталог містить також файли про насильство і жорстокість.

При земањето инвентар најдовме доста интересни нематеријални средства – база на податоци (каталог) во различни формати со содржини од експлицитна сексуална и еротска природа. Базата на податоци била создадена од Комисијата во изминатите години со користење буџетски средства. Ќе прескокнам околу сто страници шпекулации за тоа колку фасцинантно мора да било креирањето на оваа база на податоци. Иако каталогот содржи и папки означени како насилство и суровост.

Червакова објавува дека тимот за распуштање е во недоумица што да прави со базата на податоци. Правничката објави скениран документ [5] од писмо пратено во декември 2015 од тимот адресирано до кабинетот на министри, Собранието, кабинетот на претседателот, и други државни тела. Во писмото, претседателот на комисијата за распуштање предлага државните службеници да ја погледнат базата на податоци (одделно приложена на ДВД) и им дава шифра за пристап (кој Червакова со право го заматила во нејзиниот скен).

Иако не е јасно што точно содржи базата на податоци, правничката малку се шегува на сметка на државните службеници за чудниот обид за транспаретност.

До речі, в Верховній Раді є приміщення, яке офіційно називається “кінозал”. Напевно, в ліквідкомі всерйоз вважають, що депутати влаштовуватимуть там колективні перегляди.

Патем, во собраниската зграда има соба која официјално е наречена “кино сала.” Претпоставувам дека комисијата за распуштање сериозно мисли дека пратениците ќе си организираат вечери за групно гледање филмови.

Реагирајќи на веста од Червакова за базата на податоци со „експлицитни содржини“, корисниците велат дека напорите да се направат овие содржини пошироко достапни се за пофалба, бидејќи „треба да знаеме каде одат парите на нашите даночни обврзници [6]“. Други предлагаа да се напише писмо до владините претставници [7] и да се добие лична копија од базата на податоци или истата да се направи јавно достапна на интернет. Сепак други сметаат [8] дека самото постоење на базата на податоци ја докажува бескорисноста на постоењето на Комисијата за заштита на јавниот морал и препорачуваат каталогот да биде уништен.