Овој напис на Hein Htet е од „The Irrawaddy“, независна новинска агенција во Мјанмар, и е реобјавен на Глобал Војсис како дел од договорот за споделување содржини.
Заземајќи повеќе од 1,000 хектари земја покрај патот во населбата Тјанбјузајат, фармите за сол на Панга рефлектираат блескава светлина под тропското сонце во покраината Мон. Тие се меѓу помалку конвенционалните од сите фарми распространети по крајбрежјето на Мјанмар, каде жетвата се собира од морската вода.
На околу два часа возење од главниот град на покраината Моулмеин, „фармерите на сол“ се појавуваат на видикот како работат во барите за испарување на солената вода. Тие работат само од декември до мај, кога сончевата светлина е доволна за да ја испари морската вода, оставајќи ја солта.
Барите, кои се протегаат низ целиот хоризонт, претходно биле одржувани од локалното население, но со растечкиот број на мигранти од домородното население на покраината Мон кон соседот Тајланд со цел подобро платена работа, поголемиот број од фармерите на морска сол во Панга овие денови доаѓаат од делтата на Иравади во Мјанмар.