Русија: Човечки ботови се борат со опозицијата

Оригинално објавено на англиски на 21.03.2011.

Славната карикатура на Питер Стајнер прикажува куче што седи пред компјутер и вели: „На Интернет, никој не знае дека си куче“. Во Русија, овој принцип често се користи за политички спинови и создавање „јавно мислење“.

Креирање „ботови“ (скратено од роботи) и отворање стотици лажни блог-профили дури стана вработување со полно работно време за луѓе кои не се колебаат да ги користат празните онлајн персони за стекнување разни видови корист.

Графити со робот. Фото од корисникот на Фликр jlmaral (CC BY-SA 2.0).

Познатиот опозициски блогер navalny (прочитајте го интервјуто на ГВ со него тука) неодамна забележа (на руски) дека некои коментари на неговиот блог на Лајв џрнал (LiveJournal), најполуларната платформа за блогирање во Русија се внесени од корисници кои се регистрирале истиот ден. Ваквите коментари се во распон од обични навреди („авторот на постов е идиот“) до прилози што личат аргументирани („овој navalny нема никакви информации и е премногу мрзлив да ги провери фактите“). Прашањето дали некој со многубројни лажни идентитети остава еден или два коментари не е проблем само по себе. Арно ама, појавувањето на армија „ботови“ што водат војна со новите опозициски блогери ги надминува границите на обично гњавење. Бројните коментари, без разлика колку се глупави или вон темата, го одвлекуваат вниманието на посетителите од дискусиите за важни прашања и претставуваат форма на спам.

Други блогери (како dolboeb, man_with_dogs и aiden-ko) ја истражуваа суштината на проблемот и објавија истражувачки постови (на руски) на нивните профили на Лајв џрнал. Тие зборуваа за еден оглас на рускиот веб-сајт  за огласи од областа на ИТ Free-lance.ru. Огласот бил избришан но man_with_dogs имал зачувано снимка од екранот на оригиналот (на руски).

“Барам 5 луѓе“, велел огласот. „Секој од нив треба да објави 70 коментари дневно од 50 различни профили (профилите треба да бидат живи). Итно. Работата е 5 дена неделно. Времетраењето на проектот е 3 месеци. Исплатата е на секои 10 дена  (преку Webmoney, Yandex Money). Вкупно: 12,000 рубљи месечно  (односно, околу $400-Г.В.)“.

Авторот на овој оглас, некој кој се нарекува Владимир Алексеев (веројатно лажно име оти звучи преконвенционално) исто така објавил детали за „работата“. Човечките ботови требало да го напаѓаат блогот на navalny.

Задачата е да се создаде бран коментари кои ќе изгледаат максимално веродостојно, со цел да се намали рејтингот на авторот на блогот и да се создаде негативен став кон него. На секој пост треба да се коментира точно и убедливо. Исто така е важно да се создава позитивен имиџ за партијата „Обединета Русија“ (владеачката партија во Русија – заб. Г.В.). Може ли да го сторите тоа?

Неслучајно, navalny често ја обвинувал „Обединета Русија“ за разни видови злоупотрби. Познат е неговиот коментар дека тоа е „партијата на арамии и крадци“и обидот да се документираат финансиските шпекулации и проневерите извршени од нејзините членови. Така што, ако огласот е вистински, никого не би зачудило настојувањето на „Обединета Русија“ да го дискредитира navalny преку Интернет.

Секако, овие белешки и линкови се далеку од сигурни факти. Теоретски, секој може да направи фалсификат од овој тип на интернет, а огласот може да биде и дело на некој што сака да го претстави navalny како вистински борец против корупцијата (а нема вистински борец без противник кој му враќа). Но проблемот на navalny со „точен и убедлив“ спам е илустрација дека човечките ботови станале релативно нов тренд (претходно, ботовите што коментираат беа претежно програмирани скрипти) на рускиот интернет. Сè почесто, ова се покажува како ефективен начин да се спинува одредена „жешка“ тема.

Неодамнешната патетична, разочарувачка и срамна онлајн „кампања“ против Јапонија е уште еден пример како може да се создаде проблем од ништо. Веднаш по објавувањето на веста за страшните последици од цунамито и земјотресот по нуклеарната централа во Фукушима, неколку блогери објавија скенирана копија од стар јапонски весник кој наводно пишувал за катастрофата во Чернобил во 1986 г. Според овие блогери, весникот ги нарекол Советите „дивјаци кои не смеат да бидат близу до нуклеарната енергија“ и се фалел дека „чернобилското сценарио е невозможно во Јапонија“. Стотици блогери коментираа на оваа тема, а многумина веруваа дека скенираната копија е вистинска. Се чинеше дека прашањето активно се промовира преку интернет и темата стана една од главните на рускиот Интернет.

Потоа, некој кој зборува јапонски ги преведе насловите од скенираниот весник: „Нов Устав на Русија усвоен на Конгресот на Пратениците“, „Обединување со проектот на претседателот“, „Интервју со претседавачот на Високиот совет на Русија Соколов“. Секако, во весникот немало ниту споменување на Чернобил или нешто слично.

Блогерот drugoi го објави вистинскиот превод на насловите на руски и наскоро наоиде на злогласните човечки ботови во коментарите.

Овој пример ја покажа софистицираноста со која одредени сили му приоѓаат на прашањето за контрола на вебот. Човечките ботови во русија се поефективни од „старите добри“ автоматски ботови за спам. Тие имаат душа и мозок. Тие реагираат логично на содржината на блог-постовите и нивната сила е во нивната бројност. Идејата на Евгениј Морозов за „спинтернет“  (“spinternet”) може да се примени на целата практика за промовирање одредени мислења преку Интернет, што станува доминантна во Русија. Никој не знае дали сте куче на Интернет, но јасно е дека и ако има кучиња зад компјутерите, тие изгледа се однесуваат поетички од некои сили кои се обидуваат да ги измамат луѓето и да го дискредитираат вебот како алатка за градење подобро општество.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.