- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Ерменија: Самиздат & интернет

Категории: Централна Азија и Кавказ, Ерменија, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Избори, Медиуми и новинарство, Миграција и имиграција, Политика, Протест, Слобода на говор, Технологија

По 20-дневната вонредна состојба која беше прогласена во Ерменија [1] кога избија судирите помеѓу безбедносните служби и приврзаниците на поранешниот претседател, Левон Тер-Петросијан на улиците на главниот град по оспорените претседателски избори на 19 февруари [2], пристапот до медиумите беше во голем степен ограничен. Според претседателскиот декрет [3], локалните медиуми сега може да објавуваат само официјални вести, додека политичката пропаганда е забранета.

4) Публикациите на масовните медиуми во врска со државните и внатрешните политички прашања може да се објавуваат единствено во рамки на официјалното информирање на државните тела.

5) Забранети се летоци и политичка пропаганда преку други средства на информирање без дозвола на соодветните државни тела.

Додека голем број на медиуми се придржуваа на вонредните ограничувања, некои од нив не го сторија тоа и наскоро им беа прекинати активностите. Бидејќи во Ерменија нема национални телевизиски станици независни од државата или бизнисмените и службениците кои се поврзани со Владата, про-опозициските медиуми беа ограничени на објавување на весници или списанија и вести на интернет откако про-опозициската тв куќа А1 Плус беше отстранета од етерот во април 2002 г.

Размислувањата на опозицијата исто така можеа да се слушнат на Радио Слободна Европа, но и тие беа повлечени од програмата по прогласувањето на вонредна состојба.

Но, со блокирањето на про-опозициските интернет медиуми кои не се придржуваа на ограничувањата во земјата [4], всушност се создаде одлична можност блоговите да ја пополнат таа празнина. Бидејќи голем дел од нив се хостирани на генерички сервери како што се Вордпрес или Блогспот, пристапот до нив сè уште не е оневозможен. Сепак, не може да се пристапи [5] до ЈуТјуб, кој беше користен од А1 Плус за распространување на видео материјали од немирите за време на викендот.

Сепак, приврзаниците на Тер-Петросијан кои живеат надвор од земјата ја искористија можноста наместо ЈуТјуб да користат блогови за распространување на информациите за време на наметнатиот прекин на работата на медиумите во државата. Интересно е што, еден таков блогер, Artmika на Unzipped, го споредува тоа со старата руска пракса [6] наречена „самиздат“.

Самиздат (од руски) беше тајно копирање и дистрибуција на литература забранета од Владата или други медиуми во земјите од советскиот блок. Се правеа по неколку копии, а оние кои ќе добиеја копија требаше да направат други копии. Тоа најчесто се правеше рачно или со чукање на машина.

Оваа пракса беше применувана за да се избегне официјално наметнатата цензура и беше опасна бидејќи им беа изрекувани сурови казни на лицата кои поседуваа или беа фатени како копираат цензурирани материјали.

Владимир Буковски вака го дефинираше тоа: „Јас го создавам, менувам, цензурирам, објавувам, дистрибуирам, и јас (би можел да) одам во затвор поради тоа.“

Иако опозициската литература има свој сопствен веб-сајт [7], другите како на пр. приврзаникот на Тер-Петросијан; Nazarian, работат во духот на старите времиња и повторно ги објавуваат содржините на нивните блогови [8]. Иако имаше стравување дека неговиот блог исто така ќе биде блокиран [9], Nazarian, исто како Unzipped, ја презема улогата на еден од главните опозициски извори на информации во Ерменија и Дијаспората.

Сега, кога Ерменија е доведена на нивото на Кина, храбрите се обидуваат да ја одржат слободата преку објавување на нецензурирани радио извештаи и написи. За среќа, покрај традиционалните методи на самиздат за распространување на информации, сега имаме и интернет. Следува првото издание на самиздат. Изворите и авторите се чуваат во тајност за да се заштитат од Ерменската држава.

Навистина, во една скорешна анализа [10] за ISN Security Watch, еден академик од Дијаспората го поддржа овој нов тренд, но исто така идентификуваше и еден од неговите недостатоци.

Додека трае прекинот на медиумите, единствениот извор на независни (но сепак пристрасни) вести се разните блогови одржувани од поединци во Ерменија и неколку меѓународни новински агенции кои се ограничени во однос на правилната процена на ситуацијата во земјата.

Сега кога ЈуТјуб е блокиран од повеќето интернет провајдери во Ерменија (сајтот постојано не е достапен) останува да се види дали блоговите ќе бидат следни за цензурирање. Според блогот Armenian Observer и правниот експерт за медиуми на Internews Armenia, блоговите технички потпаѓаат под ограничувањата [11] како резултат на вонредната состојба.

Сепак, што се однесува да пишувањето се чини дека сè уште нема цензура или ограничувања за локалните блогери, бидејќи активистите на Тер-Петросијан како Bekaisa секојдневно го ажурираат веб-сајтот LiveJournal [12] на ерменски, руски и англиски јазик. За секој случај, Unzipped објавува совети [13] за избегнување на цензурата на интернет.